За огрев и за скара изгоре цела планина

Немилосреден однос кон нашите „бели дробови“ – шумите

Најчест предизвикувач на шумските пожари (во 99 проценти од случаите) е човекот, громот, а самозапалувањето учествуваат само со  еден процент.

Шумите во Македонија се сечат безмилосно, без оглед на нивното економско и еколошко значење. Недвосмислен факт е дека мотивот е криминалот, црниот профит што се мери во стотици илјади, а веројатно и милиони евра. Најопасната работа е што постојат основани сомневања дека во дрвокрадството постои органзирана врска меѓу гонителите и сторителите, па така тој криминал цвета, на штета на здравјето на луѓето и на природата.

 

Шумите се дел од националното богатство, односно наследство

Официјалните податоци велат дека вкупната шумска површина во РСМ изнесува 1.091.857,59 ха, од кои 835.055,82 ха се вкупно обрасната површина и 256.801,77ха необрасната шумска површина (голини). Има уште 80 000 ха или 7,32 проценти шуми и шумско земјиште со мало стопанско значење, за кои нема изработено Шумско -стопански основи.

Вкупната дрвна резерва, според истиот извор на податоци, изнесува 75.939.573 м3, односно 91 м3/ха. Вкупниот годишен прираст изнесува 1.616.782 м3, односно 1,93 м3/ха. Вкупната предвидена состојба за 10 години изнесува 10.948.149 м3, или годишно 1.094.815м3. Неговата искористеност изнесува 75 проценти. Шумите во државна сопственост зафаќаат 90,14  отсто од вкупната шумска површина, додека вкупното учество од дрвна резерва изнесува 92,20  проценти. Приватните шуми зафаќаат 9,86 отсто од вкупната шумска површина , со вкупно учество во дрвната резерва од 7,8 проценти. Шумарството во Р.С. Македонија е стопанска гранка која во бруто домашниот производ учесвува со 0,3 до 0,5  отсто, меѓутоа, ако се валоризираат општокорисните функции, придонесот е значително поголем.

Според прегледот на апсолутна од 35 отсто и релативна шумовитост од 0,47ха на жител, Р.С. Македонија, со површина 2 571 000 ха и број на жители 1 909 000 и обраснато земјиште 835.055,82 ха, се наоѓа на долниот дел на прегледите во регионот (пред Словенија и Црна Гора). Природните услови во Р.С. Македонија условени од местоположбата, климата, релјефот, педолошко-геолошката градба на теренот, хидролошко-хидрографските карактеристики и друго, овозможуваат опстанок и развој на голем број растителни и животински видови. Поради тоа, нашата држава се вбројува во земјите со богат биодевирзитет. Голем број растителни и животински видови се реликти и ендемити. Дендрофлората на Р.С. Македонија ја сочинуваат 319 видови дрвја и грмушки со повеќе од 80 подвидови и вариетети во рамките на 119 родови и 54 фамилии, а 16 отсто од вкупниот број на видовите се балкански ендемити или субендемити. Според досегашните истражувања шумските видови дрвја и грмушки формираат 81 шумска фитоценоза во рамките на 31 сојуз, 11 родови и шест класи. Според ова може да се констатира дека шумите се дел од националното богатство, односно наследство. Нивното значење е заштитето и во Уставот на Р.С. Македонија.

Покрај економската функција, шумите имаат и многубројни други корисни функции за општеството како што се: одморот и рекреацијата на луѓето; многустрана заштитна функција особено во поглед на заштита на биодиверзитетот и запирање на ерозијата; благопријатно влијание врз климата и режимот на водите; производството на кислород, квалитетот на животната средина итн. Економската, социјалната и еколошката функција на шумите се од огромно значење за одржливиот развој на општеството и за подобрување на квалитетот на животот, особено во руралните и планински подрачја.

 

Стихијно и екстензивно однесување кон шумите

Со државните шуми во Р.С. Македонија стопанисува Јавното претријатие за стопанусување со шуми во државна сопственост ЈП „Национални шуми”. Р.С. Македонија има потпишано и ратификувано многу меѓународни договори и конвенции за заштита на шумите и животната средина кои влијаат врз шумарскиот сектор. Ориентацијата на земјата кон Европската Унија бара хармонизација на шумарската политика со обврските кон неа. Меѓутоа според некои сознанија, без разлика во кој временски период, во кое општествено и политичко уредување, демографскиот развој на населението, развојот на индустријата и стопанството ги диктирало се поголемите потреби од техничко и огревно дрво. Оттаму произлегува и стихијниот и екстензивен пристап и однесување кон шумите, всушност шумите едноставно се сечеле и се унуштувале, а тоа трае до ден денес. Се претпоставува дека причината за трајното и делумно исчезнување на шумите од некои простори на Р.С. Македонија се:

-Интензивните сечи на шумите кои биле во непосредна близина, а и подалеку од реката Вардар преку која во тоа време се транспортирале до Солун, а служеле за потребите на турската империја. Голем придонес имало и ќумурењето, односно сечењето на шумите од кои се правело дрвен јаглен за затоплување на амамите и на раскошните одаи на агите и беговите во зимскиот период во поголемите градови – Скопје, Битола, Велес, Куманово и за други потреби за дрво од страна на месното население, за огрев, за техничка грaѓа или за лисник со кој се хранеле домашните животни.

Diva seca Sar Planina

 

Шумарството како стопанска гранка во Македонија е воведено со Законот за шумите од 1928 год. (во време на Кралствово на СХС). Сто тој закон е регулирана сопственоста на шумата како државна и приватна, со тоа што е воведен катастар и се основани земјишните книги.

По Втората светска војна, во тогашна ФНР Југославија, шумарството е организирано како модерна стопанска гранка, која одговорно управува и интензивно стопанисува со шумите.

Со формирањето на Фондот за пошумување на  голините во СРМ, во период од 1965-1990. година биле пошумени околу 100 000 ха необрасната површина ширум Р.С.Македонија. Како илустрација се: пошумувањата на Гоцевата Гора – Демир Капија, Водно -Скопје, пошумувањата од Демир Хисар, Битола, па се до Ресен, пошумувањата во паланечко и уште многу други пошумени површини.

 

Експлоатација

Според постојните закони, експлоатиацијата на шумите се планира врз основа на потребите за стопанисување за стопанска-економска намена. Во секоја претходна, за наредната година, врз основа на плановите за стопанисување со шумите, на ниво на подружници и ЈП „Национални шуми”, се подготвуваат и се донесуваат производно-финансиски планови. Меѓутоа, користењето на ресурсите од страна на Јавното претпријатие не е во сооднос со предвидениот план. Коефициентот на користење на сечивиот број се движи околу 0,70 во однос на можниот предвиден со посебните планови за стопанисување со шумите, значи експлоатацијата е помала од предвиденото . Овој проблем е тесно сврзан со планирањето на обемот на сечите, отвореноста на шумите, сезонскиот карактер на патната инфраструктура, несоодветна и застарена механизација, нелојална конкуренција на пазарот на огревно дрво и сл. На пазарот е присутна нелојална конкуренција од продажба на дрво од страна на приватни лица кои нудат нелегално исечено дрво во државната шума, без дозвола. Нелегалната сеча се одвива на најразлични начини и по најразлични канали и претставува голем проблем за шумарството и за фонкционирањето на ЈП. Поради наведените причини големи количини дрво во Јавното претпријатие остануваат на плацовите (за подоцна да се декласираат) и тоа во услови на нецелосно искористена количина, со што се нанесуваат огромни штети и загуби.

Iseceni drva

Од наведеново може да се види дека нерегуларното,дрвокрадството на шумите во Македонија трае од кога се знање за шумите. И цело ова време се поставува прашањето, и покрај законските и подзаконските акти, и покрај бројот на векот во кој живееме (21), до кога ќе трае ова безредие, дали може да му се стави крај на шумскиот криминал? Може! Ако веднаш се прекине врската меѓу заштитата од страна на шумската мафијата на дрвокрадците (овие обединети мафијашки „орди“ напаѓаат и полицајци што си ја вршат чесно работата), ако во шумското претпријатие се вработат стручни и специјализирани кадри, со добри плати, шумарски инженери, добри планери и некорумпирани контролори, а не на лотарија, како што беше случајот на вработување во МШ преку лото-извлекување, со директен пренос на ТВ.  Потоа, тие кадри, како неструни и непотребни, беа префрлани во други јавни претпријатија, како на пример во Македонската радио телевизија (МРТВ)!!! Сето ова може да се среди за 24 часа, ако се има добра намера.

Се разбира дека шумите се палат и од невнимание, но тоа потекнува од слабата информираност на обичниот човек, кој, палејќи скара во близина на шумата, предизвикува огромен пожар. Но, затоа се тука медиумите, преку кои треба да се зголеми образовната програма во ударни термини, во детските емисии, а не децата да се учат со љубовни песни уште од најраната возраст.

Sumski pozar

Забрананта за движење, што ја воведуваат шумските власти во одредени периоди од годината, не донесе никакви резултати. Шумите и натаму се палат.

Само летово во велешко изгоре 50 години стара шума од црн бор, на површина од околу 200 ха, уште 250 ха деградирано шумско земјиште, што вкупно изнесува 400-500 ха изгорена шума, односно околу 20 000м3 дрвна маса. Според првите неофицијани податоци, штетата изнесува милион евра. Гореа шуми и на територијата на Радовиш, Охрид, Крива Паланка, Кичево, Скопје и други места, главно поради невнимание при палење стрништа.

Најчест предизвикувач на шумските пожари (во 99отсто од случаите) е човекот, громот и самозапалувањето учествуваат само со еден процент.

ЈП „Национални шуми“ информира дека секоја година  планира одгледни мерки, а најголем акцент се става на пошумувањето. Во 2018 година во есенскиот и пролетниот период пошумена е површина од 824 ха и засадени се 1.700.000 садници. Со годишната програма за 2019 година предвидени се 900 ха пошумување со околу  два милиони садници.

Но, за да се обнови изгорената шума, треба да поминат најмалку 50 години. Затоа – акција на сите чинители за оддржлив развој на шумата и на природата!

 

Извор: https://magazin.antoris.mk/

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!