Дрвокрадците не мируваат ни за време на полициски час. И покрај тоа што движењето на луѓето во овој период е редуцирано и лесно се забележува присуство по патиштата, сепак и покрај тоа дрвокрадците успеваат незабележано да ги постошат шумите и да остваруваат материјална корист од тоа.
Масовно уништување на шумите во радовишко за време на полисицки час
Како што информираше градоначалникот на Радовиш Герасим Конзулов, викендов за време на полицискиот час биле исечени речиси сите дрвја околу бунарите на водоводот за Радовиш, што се наоѓаат на планината Плачковица. Првиот човек на Општината јавно ги повика шумската полиција и радовишката подружница на ЈП „Национални шуми“ да излезат на терен и ги засилат контролите. Според Конзулов, во овој период сѐ почести биле реакциите на радовишани дека бесправно се сече и уништува шумата на Плачковица.
„Апелирам до шумската полиција и до ЈП „Национални шуми“ со присуство и контроли на терен да ги спречат сите кои бесправно сечат. Ако имаат потреба, можат да побараат асистенција и од полицијата. Голем број граѓани реагираа до нас како општина дека за време на продолжениот полициски час со запрежни коли се симнува огревно дрво во Радовиш“, за медиумите изјави градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.
Од шумската полиција од изјавуваат дека нивни екипи согласно ресурсите и капацитетите постојано се на терен и вршат контроли, пред се, на сообраќајниците по кои се носат бесправно сечените дрвја. Во месец март, за време на полициски час против три лица имаат поднесено и прекршочни пријави. Дека се засилени контролите на терен тврдат и од радовишката подружница на ЈП „Национални шуми“. Од таму информираа дека се вршат контроли, но заради немање сметки дрвокрадците тешко оди санкционирањето. Тие месечно поднесуваат и по 20-тина пријави до судот за дрвокрадци.
За дрвокрадците не важи полициски час ни на Беласица
Минатиот викенд, шумската полиција од Струмица откри две групи дрвокрадци во бесправна сеча на планината Беласица кај месноста „Свидовска Крстосница“. Откако ги забележале шумските полицајци, дрвокрадците се разбегале. Сепак шумската полиција успеала да фати две лица, против кои се поднесени кривични пријави. При оваа акција биле запленети 15 кубни метри огревно дрво кои се предадени на струмичката подружница на ЈП „Национални шуми“.
Заштита на шумите врвен приоритет за граѓаните
Заштитата на шумите мора да е од врвен прирорите и за граѓаните кои треба активно да се вклучат во овој процес, бидејќи како што видовме во минатото последиците од нивното уништување можат да бидат катастрофални.
Доколку шумската полиција и ЈП „Национални шуми“ немаат подршка од локалното население во напорите за заштита и очувување на шумите, сите нивни залагања ќе бидат залудни, а цехот на крај ќе го платиме сите.
Затоа надлежните апелираат до граѓаните доколку забележат нелегална сеча и дрвокрадство, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или до шумските стопанства бидејки дел од граѓаните го злоупотребуваат полицискиот час и најчесто со запрежни коли вршат сеча и транспорт на огревно дрво.