На околу 36 километри југозападно од Велес на патот кон Богомила, се наоѓа селото Теово. Теово е старо село кое на денешната локација постои повеќе од шест векови. Според археолошките пронајдоци просторот во неговата непосредна околина бил населен уште во византиско време, а во пишани историски документи од 1335 година се спомнува населба Техово, која се наоѓала околу два километри југозападно од денешно село. Нешто подоцна, неколку семејства оттаму се преслиле на сегашната територија на Теово.
Средсело, на десетина метри од влезот во црквата Свети Атанасиј, веднаш покрај асфалтниот пат Велес – Богомила, повеќе од шест века егзистира платаново стебло кое денес, заради својот импозантен изглед е своевиден симбол на Теово, а според проценетата старост може да се каже дека е и единствениот жив, но нем сведок на сите премрежја кои се случувале низ историјата на ова македонско село, од неговото основање до денес.

Невозможно е да се помине низ Теово, а да не се забележи фасцинантниот изглед на овој примерок од видот Platanus orientalis L. Според студијата направена како дел од процедурата за ревалоризација на вредностите на ова дрво, теовскиот платан (чинар, јавор) е висок 20,5 метри, со стебло со висина од 1,65 м и крошна висока 18,85 м. Крошната, на која доминираат 12 големи гранки, е широко заоблена и има обем од 95,7 м. Стеблото во висина на кореновиот врат има обем од 9,74 м, а на градна височина од 7,56 м, односно дијаметар од 2,4 м. Стеблото е право и полнодрвно, но на крошната се забележува отсуство на неколку големи гранки кои не издржале под притисоците на ветерот и снегот низ годините наназад.
Платановото стебло во Теово, согласно некогашниот Закон за заштита на природните реткости, уште во 1983 година, од страна на Советот на Општина Титов Велес, било прогласено за споменик на природата и ставено под заштита на државните институции.
За жал, во последните неколку децении, ова дрво како да беше оставено на милост и немилост на времето и се’ до денес, практично без никаква грижа, иако, според членот 187 од Законот за заштита на природата донесен уште во 2004 година, го задржува статусот на заштитено дрво, со обврска во период од не повеќе од шест месеци од донесување на законот да биде направена ревалоризација на неговата вредност и да добие соодветен статус на природна реткост. Како последица на негрижата и неприменување на мерки на заштита, неколку големи гранки во изминатите дваесетина години се скршиле, со што неповратно е оштетен општиот изглед на платанот.

Најниската гранка која се протега во северозападен правец, иако долга речиси 15 метри и покрај очигледно неприродната статика, успеала да му одолее на забот на времето и да остане здрава и неоштетена исклучиво благодарение на железната потпорната конструкција, што само по себе укажува на важноста на грижата за ваквите ретки примероци кои се значајно природно наследство за државата, создавано со векови.
Долговечноста е препознатлива карактеристика на дрвата од видот Platanus orientalis L. Меѓудругото, една од причините за ваквата долговечност веројатно е и способноста на овие дрва да создаваат заштитно тврдо ткиво на местата каде дошло до оштетување од која било причина. Вакви големи тврди израстоци можат да се забележат на повеќе гранки на теовскиот платан, а тие сведочат дека ова дрво, исправено пред предизвиците кои само природата може да ги приреди, низ вековите водело беспоштедна битка за својата егзистенција. Проценетата старост на овој вреден примерок на платаново дрво, според анализите направени при изработка на студијата за ревалоризација на неговата вредност е околу 640 години. Нема точни податоци за тоа кој го посадил, но според некои кажувања се смета дека некаде во 15 век тоа го направиле Турците, кои знаејќи за долговечноста на овие дрва го засадиле како симбол на долговечноста на нивната империја. Можно е и дрвото да го посадил некој од првите жители на Теово бидејќи староста на дрвото кореспондира со историските податоци за почетоците на формирањето на селото на денешната локација.

Како и низ вековите во минатото, така и денес, платанот во Теово бил и е средиште на случувањата, место на кое се собирале и дружеле луѓето, место на кое се одржувале селските собири и прослави, свадби, седенки… Место за кое се врзувале безброј спомени. На клупата направена врз заштитниот шестоаголен ѕид околу платанот, ги среќавам Спасе Спасески, Зоран Тупаре Петроски и Томе Јанкоски, кои со задоволство раскажуваат за тоа како во минатото селаните се собирале околу чинарот по најразлични поводи, како се прославувале Велигден и Ѓурѓовден, за обичаите, за случувањата… Но и за тоа дека долги години наназад отсуствува грижата за платанот од страна на државата, за искршените и оштетените гранки кои во некои поинакви услови би можеле да се спасат… – Тука, кон камбанеријата на црквата, имаше една огромна гранка на која некогаш, за време на прославите, од јажиња се правеа лулашки и девојките од селото се лулаа, раскажува Спасе. За жал, пред десетина години таа гранка се скрши. Онаа таму се скрши пред дваесетина години, оваа овде пред четири – пет…