По се изгледа и покрај тоа што ЈП „Национални шуми“ важи за претпријатие кое е голем должник кон УЈП и кое има големи проблеми да обезбеди финансии за редовно функционирање, финансиите за дел од вработените па и не се голем проблем.
Ако многумина се чудеа на пасивноста и рамнодушноста на вработените кон ниските примања, ваквите случаи го тераат човек да се замисли дали поголемиот дел од вработените навистина зависат од платата која ја земаат од претпријатието или си нашле начин за „алтернативни“ извори на финансии.
Во најновиот случај на криминални дејствија во ЈП „Национални шуми“, нејзин вработен во подружницата ШС „Малешево“ Берово со малверзации на испратници се осомничи дека успеал да се стекне со пари колку за два стана во Скопје, односно преку 6 милини денари.
Ако вакво нешто се докаже дека е вистина и се случувало во подружница која важи за една од од ретките рентабилни каде степенот на кражби се сметаше за низок, што останува за оние подружници каде има големи проблеми со нелегалните активности во шумите и кои со години работат нерентабилно и со сериозни финансиски загуби.
Звучи запрепастувачки тоа што станува збор за сума на пари стекнати преку нелегални активности за период од само 1 година. Ако се има во предвид дека станува збор за вработен кој според возраста може да има стаж преку 20 години, може да замислиме колку станови можел да заработи со малверзации во оние 20-ина години.
Се наметнува прашањето, што гледале институциите задолжени за контрола и надзор во шумарството?
Само како напомена, ЈП „Национални шуми“ стопанисува со околу 180 шумско стопански единици, значи отприлика уште толку вработени со овластувања и можности како референтот од Шумско стопанство „Малешево“ – Берово кој за само една година си присвоил околу 100.000 евра.
Вработен во „Национални шуми“ внесувал лажни податоци во испратници, па заработил над 6 милиони денари
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Ѓ.Д.(45) од Берово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување на службена исправа“.
Пријавениот, референт во подружница Шумско стопанство „Малешево“ – Берово при Јавното претпријатие „Национални шуми“, во периодот од 23.04.2021 до 15.06.2022 во 63 наврати во испратници за превоз на дрвна маса внесувал лажни податоци.
Имено, тој бил задолжен при секој транспорт да пополни четири испратници со ист сериски број, но наместо тоа двете од нив ги пополнувал и издавал на превозникот, по што го задолжувал да му ги врати по реализацијата на транспортот, а на останатите две испратници впишувал нереални и лажни податоци со помала количина на дрвна маса од реално издадените испратници, со различни имиња на превозници, адреси, вид, сортименти на дрвна маса за разлика од другите две испратници, потпишувајќи се во име на превозникот.
На тој начин тој се стекнал со противправна имотна корист од 6.198.278 денари.