Реформите нова можност за шумарството

 

Кризата во шумарството, но и процесот на приближување на државата кон Европската унија наложува потреба од итни реформи во шумарскиот сектор. Во тек е проект за поддршка на реформите во политиката и законската рамка во шумарството во Република С. Македонија финансиран од фондовите на Европската Унија. Со проектот е предвидено да се реформира шумарскиот сектор во Македонија, процес за кој како држава доцниме веќе 20-на години.

Со проектот е предвидено ревизија на Стратегијата за одржлив развој на шумарството (2006-2026) и донесување на нов Закон за шумите. Како резултат на ревидираната стратегија и новиот закон за шуми ќе се формираат Директорат за шумарство, Агенција за шуми, Институт за шумарство и ќе се изврши трансформација на ЈП „Национални шуми“.

Дел од овие реформи се предвидени и во Стратегија за одржлив развој на шумарството (2006-2026), само со тоа што веќе 18 години немаме храброст да ја спроведеме во целост. Со тоа сме испуштиле убава можност денеска да имаме шумарски сектор со организациона поставеност како на пример словенечкиот или хрватскиот.

Немањето храброст за промени во секторот шумарство доведе до тоа оваа индустриска гранка да е пред колапс. Очигледно ситуацијата „статус кво“ и непреземање ништо во насока на подобрување на состојбите е најлошата опција за шумарството.

Сепак дава оптимизам решителноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да се помрднат работите од место и да се направат напори да се внесат позитивни измени во шумарството.

 

Реформи само декларативно

Се добива впечаток дека пред да се отпочнат било какви реформи најпрво државата и самите вработени во шумарскиот сектор треба да расчистат со себе дали сакаат да се променат работите.

Се добива впечаток дека многумина кои декларативно се за промени, кога ќе треба да се преземат конкретни мерки за спроведување на реформите се оградуваат или немаат доволно конструктивен пристап.

Се разбира дека секој има различни причини и мотиви да го прави тоа, односно за некои можеби се тоа лични интереси или едноставно страв и несигурност кој го носи секоја промена. Секако дека причина за тоа може да бидат и лични убедувања и ставови, но тоа би требало да биде дополнителна причина за конструктивен пристап и продуктивен дијалог со цел изнаоѓање најдобри решенија.

Сепак инволвираните треба да се свесни дека имаат генерациска одговорност да преземат нешто за да ги подобрат состојбите во шумарството. Секоја генерација остава свој белег во шумарството, а на оваа е да донесе реформаторски одлуки со кои ќе се сопре агонијата во која се наоѓа оваа индустриска гранка.

 

Трансформација на ЈП „Национални шуми“

Со оглед на тоа што околу 90% од шумите во Македонија се во државна сопственост, неминовно трансформацијата на ЈП „Национални шуми“ ќе биде битен дел од процесот на реформи.

Со Стратегијата за шумарство во Македонија предвидено е ЈП „Национални шуми“ да се трансформира во Државна компанија за шумарство која ќе биде трговско друштво д.о.о.. Таквиот модел на трансформација на шумарските претпријатија е широко применет во државите од Европската унија, особено во оние  кои претходно биле дел од поранешниот комунистички блок.

Не е прецизирано како ќе се трансформира, бидејќи е оставено простор да изработи и предложи сопствен модел самото ЈП „Национални шуми“. Сепак таа добра воља може да исчезне ако недостасува одлучност и конкретни чекори од страна на јавното претпријатие. Недоволната ангажираност и обид за пасивизирање може да доведе до тоа наместо самите вработени да одлучат за својата иднина, други да им ја „скројат капата“. Едноставно, ова е процес кој е започнат со поддршка и со фондови од Европската унија и тој ќе мора да се спроведе во целост како услов за приближување на државата кон Европската унија.

 

– Нов обид за трансформација

Обидот за трансформација на ЈП „Национални шуми“ не е ништо ново. Во минатото од страна на ЈП „Македонски шуми“ биле изработени неколку модели на трансформација и истите биле доставувани до Владата на Република Македонија. Модели за трансформација изработувале експерти од Норвешки Статског СФ, од австриски ОБФ, но имало модел и од менаџерскиот тим од пред 10-ина години.

Генерално сите модели биле многу слични. Предвидено било претпријатието да се трансформира во трговско друштво поделено на регионално ниво, со што би се создале услови за рационализација на работните места, односно намалување на администрацијата. Во предложените модели доминирал предлогот 30-те подружници да се групираат во 6 региони. Појдовна точка при територијалната поделбата била дрвната резерва, квалитетот на шумите, прирастот, етат и сл.

Со промена на правниот статус во трговско друштво би се создале услови за нови можности за претпријатието, кои законот за јавни претпријатија ги оневозможува. Како дел од големиот број на придобивки кои се очекува да ги овозможи новиот правен статус на претпријатието би требало да бидат:

  • поефикасно и поцелосно спроведување на одгледно-заштитините мерки,
  • намалување на влијанието на политиката врз работењето и одлучувањето на претпријатието,
  • можност пазарот да ја диктира цената на дрвните сортименти,
  • стимулирање на иницијативите за изнаоѓање на нови извори на финансирање и профит,
  • олеснување на процедурата за модернизација и имплемантација на нови технологии во шумарството,
  • зголемување на ефикасноста и економичноста во работењето,
  • стимулирање на развојот на претприемништвото помеѓу подружниците,
  • полесна процедурата за вработување на потребните кадри и
  • можност за прилагодување на висината на платите на вработените согласно резултатите од работењето на секоја подружница посебно и др.

За жал се досега немало доволно политичка воља или храброст во целост да се спроведе трансформацијата, па состојбата со шумарскиот сектор останала нерешена. Со тоа сме испуштиле можност за 20-ина години развој со имплементација на модел кој би создал услови да имаме еден современ и перспективен шумарски сектор.

Сега повторно се прават напори да се трансформира ЈП „Национални шуми“ и да се спаси од агонијата во која се наоѓа претпријатието. Најголем процент шумите во Македонија се во државна сопственост, па затоа проблемите кои го мачат претпријатието кое стопанисува со тие шуми силно го чувствува целата индустриска гранка, но и граѓаните на државата.

Затоа од круцијално значење е да се постават основи ова претпријатие да се трансформира во стабилно и силно претпријатие, кое во целост и квалитетно ќе ги извршува целите и задачите за кои е формирано.

 

– Започната но недовршена трансформација

Уште со самото основање, во Одлуката за основање, Владата на РМ, предвидела трансформирање на работењето на Јавното претпријатие со издвојување на несуштинските – непрофитабилните делови на претпријатието. Ако се изземат изработката на трите предлог модели за трансформација на ЈП „Македонски шуми“, како позначајни активности за трансформација на Јавното претпријатие во досегашното работење се следните:

  1. Со одлука на Управниот Одбор на ЈП „Македонски шуми“ за отуѓување на средствата за транспорт и механизација бр 03-1482/1 од 14.10.1998год. се предвиде отуѓување на 80% од средствата за транспорт и механизација во сопственост на ЈП „Македонски шуми“ при што предност за купување имаа вработените на Јавното претпријатие кои работеа со тие средства, а како услов беше престанок на работен однос во Јавното претпријатие на работникот кој го откупил транспортното средство.
  2. Издвојување на несуштински и непрофитабилните делови на Јавното претпријатие, со цел за нивна понатамошна приватизација која се изврши врз основа на одлука на Управниот Одбор на Јавното претпријатие бр.02-1579/2 од 04.08.2008г за која Владата на РМ даде согласност со своја одлука бр 19-4358/1 од 05.12.2005година – со што се издвоени пиланите и рибниците.

Интересен е фактот дека со трансформација всушност сме отпочнале уште во 1998 година, но за жал некогаш не сме ја спровеле до крајот. Со тоа само дополнително сме ја влошиле состојбата, бидејќи недовршените работи на некој начин го срушиле тој систем, но не изградиле нов.

Анализирајќи ги трансформациите на шумарските претпријатија во државите кои веќе го поминале тој процес, може да се заклучи дека со тие одлуки всушност биле решени најболните точки во секоја трансформација, а тоа се одвојување на делови од претпријатието и решавање на статусот на вишокот вработени.

Проблемот со решавање на статусот на вишокот вработени е сведен на минимум, бидејќи како резултат на технолошките вишоци на вработени прогласени врз база на Програмите за економски технолошки и структурални промени во 2003 година, природниот одлив на вработени по основ на пензионирање, договорни откази поради наоѓање подобро платени работи, подолг рок немање нови вработување и сл., доведе до тоа јавното претпријатие во моментов брои можеби најмалку вработени од своето формирање и веќе да се чувствува силен недостаток на одредени профили на вработени.

За да се комплетира процесот на трансформација на ЈП „Национални шуми“,што било предвидено уште во 2006 година со Стратегијата за одржлив развој на шумарството (2006-2026) , останува да се направи уште последниот чекор. Со тоа би се направил голем исчекор кон излезот од агонијата во која се наоѓа шумарскиот сектор и би се создале услови за развој на едно современо шумарство по модел на напредните европски шумарства.

 

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!