На седницата Владата која се одржа на 17.11.2020 година се донесени неколку одлуки што се од голема важност за заштита на природата во нашата држава.
Донесена е одлука за прогласување дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел поради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и поради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата.
-Вчера ја добивме убавата вест која ја очекувавме неколку години, работата која траеше и се одвиваше доста долго и по завршувањето на сите процедури, вчера владата на Република Северна Македонија го прогласи Осогово за заштитен предел од петта категорија. Ова значи дека овој регион добива уште една значајна придобивка која во понатамошниот период треба да ги даде новите ефекти во секој поглед и секако во економскиот дел. Процес беше доста долг и оваа прилика ја користам да се заблагодарам на сите вклучени во овој процес кои дадоа придонес и подршка во прогласувањето на дел од Осоговието за заштитено подрачје – рече градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Вкупната површина на заштитниот предел – Осоговските Планини изнесува 48.807,16 хектари, a со ова заштитено подрачје ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“. Ова ќе биде убава можност за јавното претпријатие да ја потенцира и својата одгледно-заштитна функција и да се стекне со имиџ на претпријатие со развиена еколошка свест.
Зонирање во заштитеното подрачје
Заштитеното подрачје ќе биде поделено во три зони и тоа зона под строга заштита, зона под активно управување и зона за одржливо користење, а ќе постои и тампон зона.

Зона за строга заштита
Зона за строга заштита дел од заштитеното подрачје ќе биде со највисок интерес за заштитата, што ќе се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите илиќе има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики.
Вкупната површина на зоната на строга заштита на Заштитен предел – Осоговски Планини ќе изнесува 1833,04 хектари или 3,76% од вкупната површина на заштитеното подрачје.
Во зоната за строга заштита ќе нема да смее да се спроведуваат активности со кои се загрозува изворноста на природата и нарушува природната рамнотежа.
Зоната за активно управување
Зоната за активно управување ќе претставува зона од висок интерес за заштита, во која ќе бидат потребни управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот.
Вкупната површина на зоната за активно управување ќе изнесува 2546,6. хектари или 5,22 %.од вкупната површина на заштитеното подрачје. Во оваа зона ќе може да се вршат активности на управување кои се однесуваат на манипулирање со живеалишта и со видови.
Во зоната за активно управување ќе може да се врши спроведување на активности кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштита на Заштитен предел-Осоговски Планини како екотуризам и традиционално екстензивно земјоделство и активности кои се вршат согласно Планот за управување со Заштитен предел Осоговски Планини.
Зоната за одржливо користење
Зоната за одржливо користење ќе претставува значителен дел од заштитеното подрачје која не поседува високи вредности за заштитата, каде што се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште.
Зоната за одржливо користење во Заштитен предел-Осоговски Планини ќе зафаќа површина од 44.345,27 хектари или 90,86 % од површината на заштитеното подрачје.
Во зоната за одржливо користење ќе може да се вршат активности од зоната за строга заштита и зоната за активно управување, како и активности кои се вршат согласно Планот за управување со Заштитен предел Осоговски Планини.
Уште две одлуки за заштита на природата
На оваа седница Владата донесе и одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што МЖСПП ќе може да ги почне постапките за прогласување во согласност со законските процедури.
Исто така, министерот Нуредини информира дека Владата го разгледа и прифати апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридското Езеро за рамсар-место во Светската рамсар-листа. Рамсарската конвенција е потпишана од 170 земји, а Рамсарската листа брои 2.300 заштитени подрачја од меѓународна важност.