Повеќегодишните подготовки и работа на ЈП „Национални шуми“ за сертификација на дел од шумите со кои стопанисува ова јавно претпријатие, неодамна финишираше и тоа се стекна со сертификат за одржливо стопанисување со шумите според барањата на националниот стандард по PEFC.
Успешната подготовка и реализација на поставената цел за стекнување со PEFC сертификат за одржливо стопанисување со шумите, во согласност со националниот стандард PEFC MK 03:2020, ЈП „Национални шуми“ ја спроведе во соработка со РЕФОРД и со поддршка од PEFC Council.
Барањата кои се содржат во овој стандард се во согласност со меѓународниот стандард за одржливо стопанисување со шумите, PEFC ST 1003:2018. Содржината на овој документ е донесена по пат на консензус од страна на голем број на учесници во процесот.
Основата за подготовката на овој стандард произлегува од Пан-европските критериуми и индикатори за одржливо стопанисување со шумите (ОСШ) донесени на Министерската конференција за заштита на шумите во Европа во Лисабон 1998 година.
Процесот на подготовка на овој стандард траел од jануари 2020 до јуни 2020 година и во него се содржат 7 поглавја, 17 тематски подрачја, 35 критериуми и 112 индикатори. Индикаторите обезбедуваат основа за спроведување на објективна и мерлива проценка за исполнувањето на барањето на критериумот.
Дел од реформи на шумарскиот сектор
Овој процес на подготовка за PEFC сертификација и соодветно финансирање за спроведување на ревизија од страна на акредитирана сертификациска куќа е реализирано во рамките на проектот “Поддршка на реформите во шумарството во Северна Македонија“, NEAR/SKP/2022/EA-RP/0036 (Договор бр.: IPA/2022/440-433), проект финансиската од ЕУ и имплементиран од Конзорциум предводен од Партицип ГмбХ“.
Оваа активност се спроведе со помош и посветеност на стручните лица во 14 подружници на ЈП Национални шуми, на територијата на 23 шумско-стопански единици, на вкупна површина од 106.000 ха.
Ревизијата била спроведена во периодот од 12-14 ноември 2024 година, од страна на телото за сертификација MG Global, кое е акредитирано за ваков тип на проверки.
Лесно се стекнува, тешко се задржува
Ова е голем исчекор на нашата држава кон исполнување на европските стандарди и приближување на нашето шумарство кон современите европски текови. Со сертификацијата на шумите исполнет е дел од процесот на реформи на шумарскиот сектор, чиј главна цел е реформа на ЈП „Национални шуми“ во стабилно, самоодржливо, современо и перспективно претпријатие.
Сепак сертификацијата ќе значи и голем број на дополнителни обврски на ЈП „Национални шуми“, кои ќе мора да ги исполни за да се задржи сертификатот. Имено, добивањето на сертификатот е најлесниот дел од целиот процес, но многу е потешко да се задржи истиот, бидејќи тоа е условено со исполнување на одредени критериуми. Тоа значи дека сертификацијата не е трајна и не е безусловна, па секоја година ќе се врши нејзина ревизија и ќе се контролира дали се исполнети условите за нејзино поседување.
Сето тоа може да значи и дополнителни инвестиции и зголемени трошоци за исполнување на овие критериуми, што во услови кога јавното претпријатие се соочува со сериозни финансиски проблеми, би можело да биде голем товар за тековно функционирање на јавното претпријатие. Состојбите во ЈП „Национални шуми“ од неговото започнување со работа во 1998 година па се до денес континуирано се влошуваат, поради што е доведено е до состојба без постојана финансиска помош од Владата да не може да функционира.
Затоа лесно може да се случи сертификацијата да ја продлабочи агонијата во која се наоѓа ЈП „Национални шуми“, бидејќи исполнувањето на критериумите и наметнатите ограничувања може да имаат сериозни реперкусии врз неговото финансиско работење.