Кратовски борови – шест и пол векови старо природно наследство

 

Министерството за животна средина и просторно планирање, во согласност со своите надлежности е главна институција задолжена да планира и да спроведува активности во правец на заштита на природното наследство на Македонија. Во таа насока, во изминатиот период Министерството спроведе активности за валоризација и ревалоризација на 12 поединечни стебла кои со својата старост, амбиентална впечатливост како и изразен изглед претставуваат вредно природно, но истовремено и важно културно-историско наследство на Македонија. Тоа се стебла кои многу векови опстојуваат на овие наши простори и кои одолеале на сите природни предизвици, како и на сите метеоролошки и други непогоди.

Во услови на скромен и во континуитет намалуван буџет на ова министерство, секоја вест за ваква новопокрената постапка е навистина раритетна.

 

Кратовски борови

 

За Кратово се вели дека е град-музеј. Тоа е град кој плени со својот амбиент и со својата уникатна архитектура. Кратово е еден од најстарите градови во Македонија, кој датира уште од римско време, а во него, како ретко каде, на еден многу мал простор е концентрирано големо културно – историско наследство. Кратово е град на кули, мостови, подземни тунели, римски рудници, стари цркви и манастири, прекрасна стара чаршија и преубави стари зданија.

Меѓу сите знаменитости во Кратово свое посебно место имаат две стебла на црн бор (Pinus Nigra) кои се наоѓаат во месноста Карши бавчи, речиси во самиот центар на градот. Тоа се дрва кои се стари повеќе од шест и пол векови и кои во 1967 година, од страна на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата се прогласени за Споменик на природата.

Кратовски борови

Легендата вели дека кон средината на XIV век (1354 година) седум рударски семејства од германското племе Саси, се доселиле во Кратово да бараат злато. Секое семејство засадило по едно дрво, како симбол на почеток на едно ново живеење. Биле засадени два костени и 5 дрва црн бор, од кои четири борови на местото кое денес е наречено Карши бавчи, а еден кај Противпожарниот дом. Од сите овие дрва, денес во Кратово се’ уште опстојуваат двата костени и два бора. Еден бор се запалил во 1918. година, најверојатно од удар од гром, а два се исечени. Едниот, оној кај Противпожарниот дом, е исечен при проширување на чаршијата, а другиот при изградба на патот што води кон Пробиштип.

Просторот околу боровите отсекогаш бил место на кое се собирало тукашното население. Место на кое се одржувале матинеа, се пееле серенади, се раѓале љубови, се организирале прослави, како и средби за празниците Прочка и Велигден, а за празникот Тодорица, кој во минатото го славело цело Кратово, тука се собирале речиси сите кратовчани. И денес ова место, како дел од градскиот парк, е свртувалиште на граѓаните и пријатно катче за одмор и прошетки. Импозантниот изглед на двата кратовски бора е и атракција за домашните и странските туристи, но, за жал, тука не постојат информативни табли од кои посетителите би можеле да добијат повеќе информации за овие два споменици на природата.

Двата бора во Кратово, и после шест и пол века се во добра морфолошка сотојба и физиолошка кондиција. Со дендролошки анализи утврдено е дека нивната старост изнесува (околу) 640, кај повисокиот и 630 кај понискиот бор. Првиот е со висина од 24 метри и дијаметар на стеблото од 1,62 метри во висина на кореновиот врат и 1,4 метри на градна височина. Понискиот бор е висок 21 метар со дијаметар на стебло од 3,9 односно 3,8 метри. И двете стебла се со неправилна крошна, гранките во голема мера им се испреплетени, а кај второто стебло, поради тоа што е пониско и во сенка на повисокото, крошната му е развиена само во делот кон јужната страна.

Кратовски борови

Здравствената состојба на кратовките борови е исклучително добра. Кај повисокото стебло не постојат никакви оштетувања ниту пак траги од присуство на болести и штетници кои би имале штетно влијание врз неговата физиологија. Кај понискиот бор, само од јужната страна може да се забележат оштетувања предизвикани од приуство на ларви.

Но, болестите и штетниците не се единствениот фактор одговорен за оштетувањето на овие вредни дрва. Во минатото, едно од стеблата се користело како бандера (иако е живо), па од неговата јужна страна има остатоци од 4, а од западната 2 штендери за електрични кабли (на еден уште стои порцеланска чашка), сосема доволно за да потсетат дека креативноста на нашиот човек, кога е во прашање негрижата кон природното наследство – е непресушна.

И покрај староста, присуството на суви цветни реси и едногодишни шишарки наведува на заклучок дека овие две дрва се’ уште имаат одредена репродуктивна способност.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!