Дали се намалуваат шумите во кои живее балканскиот рис?

 

Шумите претставуваат важно живеалиште за крупните месојади, бидејќи им овозможуваат засолниште, храна и служат како коридори што ги поврзуваат популациите. Но во денешно време, шумите се под силно човечко влијание, кое резултира со нивна загуба, деградација или фрагментација. Ваквото влијание врз шумите, заедно со криволовот и прекумерниот лов на дивечот со кој се храни рисот, претставуваат главна закана за опстанокот на балканскиот рис во изминатите децении.

Во изминатиов период од страна на МЕД се спроведоа две анализи со кои се утврди состојбата со шумските екосистеми на територијата на распространување на балканскиот рис и се одредија промените настанати во периодот од 2000–2012 година. За таа цел биле користени податоци од: CORINE Land Cover и Global Forest Cover Change (сетови на податоци што содржат информации за состојбата во 2000 година и последователните промени во шумската покровност земајќи предвид крошни на дрвја над 5 m). Според анализата на тимот од МЕД, евидентирана е загуба на шумска покровност дури и во Националниот парк „Маврово“, кој преставува најголемото јадрово подрачје на балканскиот рис во Македонија.

Plakesnka planina

Чиста сеча на Плакенска планина

 

Деградација на шумските станишта на рисот

Од резултатите на двете анализи за 12-годишниот период се гледа дека на територијата каде е распространет балканскиот рис постои одреден степен на деградација на шумите и намалување на покровноста со дрвја. Иако степенот на деградација просторно е различен, општиот тренд во сите земји е неодржлив на долг рок. Резултатите укажуваат дека во јадровото подрачје, НП „Маврово“, слично како и во целата држава, има опсежна деградација на шумите, која на долг рок може да има големо негативно влијание врз многу видови диви животни, особено врз балканскиот рис чиј опстанок на овие простори е сериозно загрозен.

Но ваквата состојба со шумите не е само карактеристика за Македонија, туку слична е ситуацијата и во албанското јадрово подрачје на балканскиот рис, Мунела, каде загубата на шумите и на покровноста со дрвја исто така достигнува критично ниво. Анализите посочуваат дека состојбата со шумите во 2000 година била најнеповолна во Албанија, каде релативната површина под шума изнесувала 27% од земјата, додека најповолна била во Црна Гора, каде над 41% од територијата на земјата била под шума. Албанија и С. Македонија исто така имале мошне негативен тренд на промени во површините под шума во периодот 2000–2012 година, со загуба на површина со недеградирани шуми од 6,78%, односно 4,88%.

Munela Albania

Опожарена и исечена шума во Мунела – Албанија

 

Шумите се незаменливи за рисот

Шумите се незаменливи за рисот, тие обезбедуваат засолниште и храна како и коридори за поврзување со други популации и хабитати. Ако ги изгубиме шумите, ќе го изгубиме и рисот. Затоа ваквите резултати се загрижувачки и треба да се земат како силна основа за понатамошни истражувања и итно делување. Исто така, тие треба сериозно да се имаат во предвид и кога од страна на надлежните институции во државата се планираат и спроведуваат национални политики за шумарство со цел да се спречи загуба на шумите и нивна деградација особено во подрачјата каде има балкански рис. Секако дека треба да се зголеми и контролата врз нелегалните сечи и криволовот особено во подрачјата каде живее рисот, бидејќи во спротивно постои опасност нашите деца и внуци да ги лишиме од привилегијата во нивните шуми да го имаат ова прекрасно диво животно.

 

Karta sumi ris

Промени на шумската покровност на мрежа со ќелии од 10×10 km во периодот 2000–2012 година воземјите каде има балкански рис.

 

Црвените ќелии означуваат поголема загуба на шума отколку пораст на >400 ha. Портокаловите ќелииозначуваат поголема загуба на шума отколку пораст на 200–400 ha. Розовите ќелии означуваат поголемазагуба на шума отколку пораст на <200 ha. Зелените ќелии означуваат поголем пораст на шума отколку загубана 200–400 ha. Темнозелените ќелии означуваат поголем пораст на шума отколку загуба на >400 ha. Црвенителинии го дефинираат типот на приоритетно подрачје за закрепнувањето на балканскиот рис.

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!