LIFE Lynx проект за спасување на динарски и југоисточен алпски рис

 

Македонското еколошко друштво (МЕД), кое има долгогодишно искуство со заштита на балканскиот рис преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис, организираше студиска посета во Словенија со фокус на мониторинг и управување со рисот.

При посетата преставниците од Министерството за животна средина – сектор природа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – сектор шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, НП „Маврово“ и МЕД беа запознаени со словенечките, а воедно е Европските искуства во областа на управување со рисот и другите крупни месојади. Ваквите искуства се од големо значење за институциите од нашата држава како земја кандидат за членство во Европската Унија, бидејќи како услов за членство во унијата покрај другото ќе треба да ги имплементираме и европските принципи и начин на управување со дивите животни.

Домаќин на оваа студиска посета беше Завод за шуми на Словенија (Zavod za Gozdove Slovenije), кој е јавна институција основана од Република Словенија, за извршување јавна шумска служба во сите словенечки шуми.

LIFE Lynx Slovenia

Заводот за шуми е моќна институција во Словенија, поради што е битен партнер во проектот LIFE Lynx чија цел е да се спречи исчезнувањето на популацијата на динарски и југоисточноалпска популација на карпатскиот рис. Во рамките на посетата беше преставена имплементацијата на проектот LIFE Lynx, како и состојбите со крупните цицачи, односно мечката и волкот.

Навистина е импресивна посветеноста на вклучените во проектните активности во Словенија, кои не само што со низа мерки се на добар пат во целост да ги остварат поставените цели од проектот, туку од сето тоа создале и едукативно-туристичка програма која одлично се вклопува во изобилството на туристички понуди во државата. Со тоа не само што се збогатуваат содржините за развој на руралните области, туку и се создава висока свест во општеството за значењето на крупните месојади за одржување на биолошката рамнотежа во природата.

Life lynx Slovenia

 

Може да ве интересира: Дали се намалуваат шумите во кои живее балканскиот рис?

 

Накратко за проектот LIFE Lynx

Најважната цел на проектот LIFE Lynx е да се спречи изумирањето на популацијата на динарски и југоисточноалпска популација на карпатскиот рис, што ќе се постигне преку низа комплексни активности од различни области на управување со рисот. На овој начин се настојуват да се обезбедат комплентни и одржливи решенија за сите фактори кои ја загрозуваат неговата популација.

Популацијата на рисот што Словенија ја дели со соседните земји е исклучително мала и загрозена. Причината за тоа е нестабилноста која е карактеристика на секоја мала популација, чиј единствен спас е внесувањето на „свежи“ гени од друга, стабилна популација. Напорите за запирање на процесот на исчезнување на популацијата на рисот во Словенија,  Хрватска и Италија, преку проектот LIFE Lynx се насочени кон населување на 14 животни од Словачка и Романија.

LIFE Lynx

Во Словенија, најпрвин рисот се чува приближно 3 недели во ограден аклимационен простор, каде за него се грижат и локални ловџии кои редовно го хранат. На овој начин се намалува можноста рисот да ја напушти локацијата на ослободување, бидејќи периодот поминат во оградениот простор ќе му помогне да се аклиматизира и да му даде чувство на сигурност во новата средина.

Успехот на населувањето ќе се следи со научни истражувања, кои ќе вклучуваат следење на населените животни и нивните потомци со помош на автоматски фотозамки и GPS околувратници, како и бројни генетски и еколошки анализи. Земјите вклучени во проектот ќе го координираат и унапредуваат управувањето со овој загрозен вид, а ќе се подготват и стратешки документи кои ќе обезбедат долгорочна соработка во оваа област.

LIFE Lynx Slovenia

Проектот LIFE Lynx ги надградува резултати од претходните исто така многу важни проекти DinaRis и на проектот ULyCA (Итна акција за зачувување на рисот – репопулација на рисот во италијанскиот регион Фриули Венеција Џулија).

Вклучените во проектот со гордост ја потенцираат и подршката на јавноста за напорите да се сочува алпскиот рис од исчезнување на тие простори. Особено се горди на подршката на  јавните личности, како што се најпопуларните словенски спортисти, писатели и сл. Тие во својство на амбасадори на проектот имаат големо влијание за популаризирање на проектните активности и зголемување на јавната свест за спасување на загрозените видови од исчезнување.

LIFE Lynx Anže Kopitar

Анже Копитар Капитен на НХЛ хокејскиот тим ЛА Кингс

 

Историја на рисот во Словенија

На почетокот на 20 век, поради прекумерен лов, рисот изумрел од поголемиот дел од Европа, вклучително и Словенија и соседните земји. Како одговор на ваквата ситуација, ловџиите од Словенија организирале населување на рисови во 1973 година, а шест животни фатени во Словачка биле пуштени во ловиштето Медвед кај Кочевје. Сите три населени женки веќе во првата година имале младенчиња, популацијата рапидно растела и за неколку години рисовите од Словенија се прошириле во Хрватска, Босна и Херцеговина, Австрија и Италија. Но, од 1990-тите, ловџиите забележуваат се помал број на рисови секоја година и постојано намалување на неговата популација. Како најважната причина за постепеното исчезнување на рисот е наведено парење во сродство, бидејќи речиси 45 години потомците на шест животни се пареле исклучиво меѓусебно.

LIFE Lynx Slovenia

Во моментов нема доволно научни податоци врз основа на кои може да се направи сигурна проценка на бројот, додека последната официјална проценка од Планот за управување со рисот од 2010 година проценува 40-60 единки со тренд на опаѓање. Научните истражувања покажуваат дека рисовите повторно ќе изумрат доколку не се населат нови единки кои ќе ја зголемат генетската разновидност на популацијата.

Од таа причина засегнатите држави го започнуваат проектот LIFE Lynx финансиран во најголем дел со средства од Програмата LIFE+. Благодарение на проектот во Словенија и Хрватска се веќе успешно населени и аклиматизирани 15 рисови, со помош на кои треба да се овозможи освежување на генетскиот материјал на алпскиот рис, со единки населени од пределот на Карпатите.

 

Цели на проектот LIFE Lynx

  1. Главната цел на проектот е да се запре изумирањето на популацијата на динарски и југоисточноалпска популација на карпатскиот рис, преку збогатување на генетскиот фонд и со тоа директно да се зголеми веројатноста за опстанок на популацијата.
  2. Изработката на упатства за управување со рисот ќе се одвива во соработка со неколку земји кои ја делат популацијата на рисот со цел да се развие стандардизиран и прилагоден пристап кон управувањето со популацијата зајакната со нови единки.
  3. Воведувањето на нови единки кое ќе се изврши со поддршка на учесници од различни сектори со цел да се сензибилизира пошироката јавност. Тесна соработка со партнерите на локално и национално ниво, формирајќи односи за долгорочна соработка и одржувајќи ја јавната поддршка со редовни извештаи за напредокот на проектот.LIFE Lynx Slovenia
  4. Развивање на научно засновани модели за стратешко планирање и поддршка при носење на одлуки. За да се обезбеди стабилност на популацијата на рисот, ќе се користат компјутерски модели базирани на податоци собрани како дел од проектот, а со цел да се развијат јасни упатства за генетско и демографско предвидување на развојот на популацијата. Овие цели се директно поврзани со Бернската конвенција, Анекс II од Стратегијата на ЕУ за биолошка разновидност 2020 година и Директивата на ЕУ за живеалишта.
  5. Подобра поврзаност на популациите и со тоа зголемување на веројатноста за природен проток на гени преку формирање на поврзувачка популација на запад од сегашната динарска популација, со што ќе се доближи до алпската популација. Таквата метапопулација на рисот ќе има позитивен ефект врз проблемот со фрагментација на живеалиштата.

LIFE Lynx Slovenia

 

Програмата LIFE+

Програмата LIFE+ е финансиски инструмент на Европската Унија и единствената програма исклучиво посветена на животната средина, зачувувањето на природата и климатските промени. Оваа програма обезбедува поддршка на европските непрофитни субјекти преку оперативни грантови.

Програмата е катализатор за промовирање на интеграцијата и имплементацијата на еколошките и климатските цели во другите политики и практики на земјите-членки на Унијата. Програмата LIFE е основана во 1992 година и до денес се завршени четири фази. За финансискиот период од 2021 до 2027 година, програмата има на располагање 5,43 милијарди евра за заштита на животната средина и ублажување влијанието на климатските промени.

С. Македонија бидејќи не е членка на Европската Унија не може директно да пристапи до фондовите од оваа програма. Сепак во соработка со некоја од соседните држави кои се веќе членки на Унијата преку заедничко учество во некој проект кој е во согласност со под-програнмите на LIFE+ може да има пристап до овие средства и да придонесе за остварување на целите за кои е формирана програмата.

Под-програми на LIFE+ се:

  • Природа и биодиверзитет;
  • Кружна (рециклирачка) економија и квалитет на живот;
  • Ублажување на климатските промени и адаптација;
  • Транзиција кон на чиста извори на енергија.

Со програмата LIFE+ целта е да се даде придонес за:

  • Зачувување и обновување на екосистемот и биодиверзитетот;
  • Амбиција за нула загадување за животна средина без токсични материи;
  • Мобилизирање на индустријата за чиста и рециклирачка економија;
  • Зголемување на климатските амбиции на ЕУ за 2030 и 2050 година;
  • Обезбедување чиста енергија;
  • Обнова на енергетски и ефикасен начин со помала употреба на ресирси.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!