Запознајте си ја татковината подобро, за да си ја сакате повеќе. Од убави локации денеска го издвојуваме Боговињско Езеро.
Боговињско Езеро e најголемо од 27 леднички езера на Шар Планина. Езерото се наоѓа во сливното подрачје на Боговињска Река, односно самата река поминува низ езерото. Лоцирано е на надморска височина од 1.941 m.
Езерото се наоѓа меѓу Бриставец и Мала Смрека. Боговињското Езеро спаѓа во групата на валовски акомулациони езера, со должина од 452 m, ширина од 225 m и длабочина од 2,20 метри.
Должината на бреговата линија изнесува 1200 m, а површината 66.880 m2 со што претставува најголемо ледничко езеро во Република Македонија, не само на Шар Планина. Во текот на сончевите летни денови водата се загрева до 15°C, а во текот на зимата езерото е под мраз. Западниот брег е целосно претворен во мочуриште и е обраснат со шамак и чемерика.

Боговињското Езеро има голем број на притоки кои се влеваат во него. Најголема и најпозната секако е истоимената Боговињска Река, која се влева во него и на спротивната страна се одлива, за да продолжи кон селото Боговиње, и на крај да се влева во Вардар кај селото Радиовце. Вода добива и од повеќе извори, кои некои се наоѓаат во ливадестиот дел веднаш до самото езеро. Во близина се наоѓаат и неколку водопади. Езерото ја губи водата преку испарување, подземно истекување и преку површинска истека.
Поради честото капење на овците езерската вода е матна, но поради големиот број на притоки, водата сама се прочистува.

Народно предание
За Боговињското Езеро народни преданија во XIX век запишале Марко Цепенков и Ѓорче Петров. Според записите на Ѓорче Петров, постои предание, дека еден извор во селото Рашче (Скопско) на источните падини на планината Жеден и недалеку од Вардар го води своето потекло од ова езеро, за што како потврда на таа претпоставка месните луѓе ја наведуваат следната легенда: некојси овчар на Шар Планина, како што си седел на брегот на езерото и си свирел на својот кавал, кога посегнал во чантата за да извади леб, го испуштил кавалот во езерото. Кога по некое време си отишол дома во Рашче, за чудо, тој го нашол својот кавал закачен на карпата. Потоа работата се разјаснила, кога му кажале дека кавалот се нашол на изворот, што покажува дека тој извор има некаква поврзаност со езерото.
Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, меѓу позабележителните шарски езера го наведува и: Езерце над селото Боговиње на Езерце Планина (Езерски Рид), од коешто и планината си го добила називот. Тоа е најголемо од познатите Шарски Езера; има обиколка од околу 1/2 час, а длабочината му е непозната.