На 15 и 16 април 2025 година на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем” се одржаа меѓународни предавања и работилница под назив:
Создавање шуми според методот Мијаваки
На 15 април 2025 гостите ги поздрави и имаше воведно обраќање проф. д-р Никола Николов, Декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем”. За историјата и примената на методот, за озеленување на сушни подрачја, за проектот “Морино”, за примената на методот на Тајланд присутните ги запознаа по пат на онлајн предавања експерти од повеќе земји. Последен експерт за првиот ден на работилницата беше Мотохару Ночи, кој ги презентирапе Мијаваки шумите во Јордан, како и општественото влијание и вклученоста на локалната заедница.
Покрај меѓународните предавања и дискусиите, на 16-ти април, во дендропаркот на Факултетот се подигнa шумичка во согласност со методологијата на Мијаваки, во соработка со Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Национални шуми“.
Во рамките на работилница, во дендропаркот на факултетот беше презентирано практично создавање на мијаваки-шума, каде освен професорите и студентите на Шумарскиот факултет, присуствуваше и Министерот на МЗШВ заедно со амбасадорката на Јапонија, Н.Е. Сецуко Кавахара кои посадија дрво како дел од мини шума по методологијата Мијаваки.
Минијатурни Мијаваки шуми, решение за борба против климатските промени
Акира Мијаваки, јапонскиот ботаничар и експерт за растителна екологија разви метода на засадување на разни сорти на автохтони дрвја, на мала површина на земја, а кои растат со минимална човечка интервенција. Ваквите минијатурни шуми почнаа да се појавуваат во градовите како решение за борба против климатските промени.

Природните екосистеми се клучни за одржување на човечкиот напредок, особено сега кога светот се загрева поради ефектите од климатските промени. Од 2015 година им се помага на градовите и домаќинствата во засадувањето на „шумите Мијаваки“. Земјите во светот и Европа почнаа да го следат примерот на Белгија и Франција, кои неодамна засадија најмалку 40 такви шуми. Првата „шума Мијаваки“ во Франција беше засадена на периферијата на Париз со цел да се намали бучавата и филтрирањето на воздухот за соседството.
Поддржувачите на методот тврдат дека таквите шуми растат 10 пати побрзо, се 30 пати погусти, а биодиверзитетот е дури 100 пати поголем отколку кај оние засадени со конвенционални методи. Научниците тврдат дека таквите екосистеми се клучни за постигнување на климатските цели, проценувајќи дека природните шуми можат да „впијат“ 40 пати повеќе атмосферски јаглерод од плантажите каде што се одгледуваат поединечни видови. „Шумите Мијаваки“ се дизајнирани така што можат да го обноват екосистемот за помалку од 70 години, што вообичаено се потребни за да се опорави една шума.