Од град Скопје известуваат дека експерти од Шумарски факултет ќе работат со Град Скопје за зачувување и зголемување на зеленилото.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, проф. др. Кирил Сотировски Скопје, потпишаа Меморандум за соработка за овозможување унапредување и развој во областа на шумарството, заштитата и унапредувањето на животната средина, вклучувајќи ги аспектите кои се однесуваат на урбано зеленило, теренската и научноистражувачката работа, како и обуки за трансфер на знаења во наведените области.
– Системски пристапуваме кон заштитата на постојното зеленило во градот, кон планирањето и подигањето нови зелени површини, засадувањето нови дрвја и заштита на животната средина. Како резултат на оваа нашата соработка се формираат работни групи во кои учествуваат стручни лица од секторите за комунални работи и заштита на животната средина од Град Скопје, од ЈП Паркови и зеленило и Шумарскиот факултет кои ќе работат на проценка на дрвјата во градот. Со овој пристап нема да дозволиме да се отстрани ниту едно здраво дрво, а дополнително со соодветна поддршка во форма на трансфер на знаења од факултетот, ќе се обозможи новите дрвја да бидат квалитетно и успешно засадени. истакна градоначалничката Арсовска, на потпишувањето на овој значаен документ.
Според меморандумот, Градот Скопје и Факултетот ќе соработуваат при спроведување на проекти во областа на зеленилото и заштита и унапредување на животната средина, вклучувајќи ги следните аспекти:
- урбано зеленило (урбана дендрофлора, проектирање и подигање на зелени површини,
- заштита и одгледување на урбано зеленило и цветни култури,
- проценка на здравствена состојба на растенија, фитопатолошка и ентомолошка заштита, педолошки анализи,
- производство на декоративни садници, парковски инфрастуктурни објекти и елементи),
- вонградско зеленило (планирање, пошумување и одгледување, здравствени аспекти на зеленилото, заштита на шумите и зеленилото, екологија и одржлив развој, заштита на земјиштето од ерозија, уредување на поројни водотеци и рекултивација на копови, депонии и јаловишта со акцент на биолошките аспекти, управување со опасности и ризици од некои природни непогоди, периурбана дендрофлора),
- машини и механизација,
- датабази за зеленилото,
- социоекономски аспекти на зеленилото,
- стратегиска оцена и оцена на влијание врз животната средина,
- теренска и научноистражувачка работа, како и обуки за трансфер на знаења во наведените области.
Извор: Skopje.gov.mk