Опустошени шуми: За шест години украдени над 25.000 кубни метри дрва

Штетата од украдените дрва во само четири општини во Северна Македонија е над еден милион евра. Пријави против крадците се поднесуваат, но тие тешко се казнуваат.

 

Околу 25.000 кубни метри дрва се бесправно исечени во четири општини (Струмица, Гевгелија, Прилеп и Велес) во Северна Македонија во последните шест години, со што е направена штета од над еден милион евра.

Ова го покажуваа податоците од истражувањето „Истоштени шуми – мапирање на организиран криминал во форма на нелегална сеча“, спроведено од Центарот за европски стратегии – Евротинк. Анализирани биле достапни документи и  информации, но спроведено било и теренско истражување, каде што низ интервјуа се собрани информации и искуства на релевантни претставници на институциите и на други засегнати страни.

 

Организиран криминал

Со анализата се опфатени податоците добиени од страна на ЈП Национални шуми за Струмица, Гевгелија, Прилеп и Велес. Вкупниот број на бесправно исечени дрвја во Струмица во периодот од 2014 до 2019 изнесува 1.116,32 м3, во Гевгелија – 339,03 м3, во Прилеп 16.949,26 м3 и во Велес – 1.615,54 м3.

„Има една воспоставена традиција што постепено се менува и добива различни форми. Тоа е повеќеслоен криминал, кој не е сузбиен поради индолентноста на властите пред сѐ на локално ниво. Нашето истражување укажа дека делумно во некои аспекти, организациски и координативни, се вклучени и тие. Интересно е што организираниот криминал е поорганизиран од државата“, вели истражувачот Мариглен Демири.

Мотивите за уништувањето на шумското богатство се профитот и катастрофалната социјална состојба на сторителите. „Организаторите се оние што се стекнуваат со материјална корист, а самите сторители имаат потреба да обезбедат огрев за своите домови“, посочува Демири.

 

Илјадници пријави без епилог

Илјадници кривични и прекршочни пријави биле поднесени против дрвокрадците во последните три децении, но јавните обвинителства и судовите успеале да завршат само педесетина. Во периодот 2010–2021 година од секторот на Шумската полиција до основните судови се поднесени 18.750 барања за поведување прекршочни постапки, а до основните јавни обвинителства се поднесени 2.380 кривични пријави.

За разлика од енормниот број на поднесени пријави, добиените податоци од подрачните јавни обвинителства (Прилеп, Струмица, Велес и Гевгелија) и од основните судови во однос на процесирани кривични пријави каде што Обвинителството ги има добиено случаите во првостепена постапка или обвинетите ги обжалиле, или, пак, биле на крајот ослободени, се многу оскудни.

На пример, според податоците добиени од Основниот суд во Велес, вкупно 20 предмети се процесирани во однос на делото „пустошење шума“ од 1991 година до 2020 година. Од нив, 3 се парични казни, 11 условни, 3 се запрени, 2 се одбивателни. Податоците добиени од ОЈО Велес укажуваат дека од 1997 година до 2005 година во Велес имало вкупно 17 предмети поведени од страна на Обвинителството. Во Струмица, пак, се процесирани 16 кривични предмети во последните 30 години.

„Не само што постои неусогласеност меѓу судовите и обвинителството, туку постои и незаинтересираност на овие институции за обработување на пријавите, но и за нивно кривично процесирање“, се констатира во извештајот.

Истражувачите не добиле податоци за постапување на јавните обвинителства во Прилеп и резултатите од работата на судовите.

„Тоа што се јавува како олеснителен елемент за криминалните групи е и одлуката на припадниците на шумочуварските служби и на Шумската полиција предметите да ги евидентираат и да ги процесираат како прекршочни, а не како кривични. Прекршочните предмети завршуваат со парични казни за лица што ниту поседуваат лични документи ниту има начин како да им се наплатат, односно се работи за лица што не можат да ја почувствуваат глобата на државата врз сопствената кожа“, се наведува во извештајот.

 

Извор: DW

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!