Заборавените, па „oживеаните“ македонски платани

 

Република Македонија, иако територијално мала, поседува огромно природно наследство, со какво не можат да се пофалат и многу поголеми земји. Ова природно наследство е создавано низ векови и милениуми, а денес нашата генерација има обврска да го сочува и да го остави на идните поколенија. Министерството за животна средина и просторно планирање, во согласност со своите надлежности е главна институција задолжена да планира и да спроведува активности во правец на заштита на овој сегмент од националното богатство на Македонија. За жал, сведоци сме дека од година во година буџетот за заштита на животната средина е сè помал и помал, но и дека е првиот од каде се кратат средства при секој ребаланс на државниот буџет. Во такви услови процесите за валоризација и ревалоризација на заштитените подрачја течат бавно и покрај ентузијазмот на вработените во Секторот за природа при ова министерство, така што секоја вест за новопокрената постапка во правец на заштита на одредени природни реткости е навистина раритетна.

Во изминатиот период Министерството спроведе активности за валоризација и ревалоризација на 12 поединечни стебла кои со својата старост, амбиентална впечатливост како и изразен изглед претставуваат вредно природно, но истовремено и важно културно-историско наследство на Македонија. Тоа се стебла кои многу векови опстојуваат на овие наши простори и кои одолеале на сите природни предизвици, како и на сите метеоролошки и други непогоди.

Индивидуалните стебла се значајно застапени на листата на подрачја под заштита. За разлика од другите подрачја кои опфажаат поголеми физички пространства, стеблата се мали подрачја, под директно влијание на мноштво фактори и оставени на немарноста на локалното население и на туристите. Со само еден удар од секира или шкорче, може да загубиме природно наследство чија старост се брои во векови. Постојаниот мониторинг, унапредување и заштита на стеблабата е единствен начин за да ја загарантираме нивната иднина.

 

Заборавениот македонски платан во село Магарево

 

На северозападната периферија на село Магарево, во дворот на црквата Свети Димитрија, повеќе од четири века опстојува платаново стебло, кое со својата впечатлива форма го разубавува просторот пред самиот влез во црквата. Овој платан досега немал никаков статус на заштита, но заради утврдената старост, степенот на загрозеност, досегашните превземени мерки за заштита како и значењето на ова стебло за локалната заедница, во согласност со важечкиот Закон за заштита на природата, ќе може да добие статус на природна реткост.

платан во село Магарево

Според податоците од студијата за негова валоризација, дрвото е високо 20 метри, од кои 2 метри е високо стеблото, а 18 крошната. Обемот на крошната е околу 72 метри, таа има издолжено елипсовидна форма со гранки долги и до 15 метри. Гранките му се неправилно свиени во вид на спирала, а на висина од шест метри се разгрануваат во вид на еленски рогови. Стеблото во висина на кореновиот врат има обем од 5,7 м, а на градната височина 5,4 м.

Кората по стеблото е многу ситно испукана, речиси мазна со сиво-кафеавкаста боја. Гранките, типично за дрвата од видот Platanus orientalis L се со излупена кора, мазни, сиви со зеленкасти дамки во вид на маскирна боја. Листовите, карактеристично длабоко всечени на 5-7 дела и со клиновидна форма, и кон крајот на месец ноември, иако пожолтени и со портокалова нијанса, се уште во голема мера се задржани на гранките.

платан во село Магарево

И покрај големата старост, ова платаново дрво е во добра морфолошка и физиолошка состојба. Освен тоа што на висина од околу 2 метри стеблото е половично шупливо (со отвор со широчина од 40 см) , а има и неколку помали исушени гранки, останатиот дел од неговото стебло е во одлична состојба и без знаци од присуство на болести или штетници кои би го загрозиле неговото понатамошно опстојување. Секако, при добиен статус на природна реткост, обврска на управувачот (а во случајов тоа би била Општина Битола) ќе биде да врши редовни контроли на здравствената состојба со цел превенирање и заштита од болести и штетници, а со тоа и животниот век на ова дрво значително би се продолжил.

За староста на овој платан не постојат ниту официјални ниту неофицијални податоци. При утврдувањето на неговата старост со методата на вадење извртоци од стеблото и броење на годовите, утврдена е старост од 420 години, што би значело дека е засаден некаде околу 1600 г. Интересно е тоа што црквата Свети Димитрија е подигната дури во 1835 година, а и селото Магарево, се до 1767 година (кога повеќе семејства кои потекнуваат од Москополе, Албанија, бегајќи од турскиот терор се населиле тука), било речиси ненаселено што дополнително ја задлабочува мистеријата за неговото потекло.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!