ЈП “Македонски шуми“ е формирано со одлука на Влада од 1997 година, со основна дејност стопанисување со шумите за стопанска намена во државна сопственост, кои според некои статистички податоци изнесуваат околу 90% од вкупната површина под шуми во нашата држава. Тоа е јавно претпријатие кое е со самофинансирање, па финансиските средства за нормално функционирање ги задоволува со сопственото работење.
Структурата на нашите шуми е таква што речиси 70% од вкупната површина под шуми се нискостеблени и деградирани шуми, поради што тие најмногу даваат огревно дрво. Според тоа, ова јавно претпријатие би требало да биде основниот извор за огревно дрво за граѓаните на Република Македонија и сите негови напори треба да бидат насочени кон задоволување на овие потреби на граѓаните. Од друга страна, граѓаните со купувањето на ова огревно дрво би требало да бидат главниот извор на финансии за функционирањето на ЈП “Македонски шуми“.
Но што се случува во реалност ???
Се добива впечаток дека во шумарството целата енергија е насочена како да се изнајде начин за да се изигра “системот“ и огревното дрво да им се даде на препродавачите, неместо преку складовите на јавното претпријатие граѓаните да се снабдат со дрва за огрев. Тоа би била и разбирлива одлука кога сопствените складови би биле снабдени со доволни количини на огревно дрво, но нелогично и далеку од здрав разум онаму каде сопствените складови се празни, а јавниот интерес на граѓаните за снабдување со огревно дрво запоставен.
Изненадува појавата што одредени подружници инсистираат своето огревно дрво да им го дадат на препродавачите на пенушка, покрај пенушка или на шумско-камионски пат, додека во исто време за задоволување на своите обврски кон граѓаните да бараат огревни дрва од другите градови.
При тоа секогаш постои можност претходно истото да се декласира, па препродавачите да си го добијат за некоја нереално ниска цена.
Па така на “чуден“ начин во овие подружници пропаѓаат јавните огласи за услуги од фазите на сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти, за кон крајот на годината под изговор дека се неопходни пари за плати да се прави притисок да се одобри огревното дрво наместо на граѓаните да им се продаде на препродавачите често и по “декласирани“ цени.
Оваа појава е особено алармантна во оние градови каде има голем пазар и големата побарувачка на огревното дрво, каде што препродавачите ја креваат неговата цена до неверојатно високи вредности. Затоа таму складовите на јавното претпријатие речиси редовно се празни или во нив завршува “ѓубрето“ кое не го сакаат препродавачите на огревно дрво, кое од немајкаде се приморани да го земаат обичните граѓани.
Ваквата практика во одредени подружници на фаворизирање на препродавачите на огревно дрво им создаваат дополнителни проблеми на останатите подружниците, кои наместо да обезбедат огревно дрво за граѓаните од нивните градови се присилени своето дрво да го испраќаат на страна. Тоа често ги доведува во непријатна ситуација да не можат да ги задоволат потребите на сопствените граѓани, бидејќи голем дел од нивното огревно дрво се танспортира на страна. На тој начин се создава лажен впечаток на успешност од оние подружници кои повеќе се грижат за препродавачите, за разлика од оние подружници кои совесно си работат и со сите сили се трудат да си ги исполнат своите годишни планови и обврски кон граѓаните.
Потребен само документот
Но и без да се декласира дрвото, препродавачите на огревно дрво настојуваат по секоја цена да добијат Договор за набавка на дрво на на пенушка, покрај пенушка или на шумско-камионски пат, бидејќи на нив им е потребен само документот со кој пред надлежните органи и контролите ќе се правдаат дека всушност работат за јавното претпријатие.
Со тоа тие ќе имаат легитимитет да работат во шумата при што преку разни манипулации би можеле помалку упадливо, наместо договорената дрвна маса, на диво да посечат и превезат и по неколку пати поголема количина на дрвна маса.
Начин на компензација за „ниските цени“ на тендерите
Често надворешните извршители се жалат за ниските цени поради што бараат до ¼ – ⅓ од огревното дрво да си го земат тие. Ова лесно може да се провери, дали оние надворешни извршители кои добиле Договор за услуги од фазата превоз, во истата година добиваат и Договори за дрво на пенушка, покрај пенушка или на ѓумско-камионаки пат во висина од ¼ – ⅓ дрвото кое треба да го превезат.
Ваквиот начин на влијание врз исходот од јавниот оглас за извршување услуги од фазите сеча, дотур и превоз, остава впечаток на фаворизирање на одредени фирми во јавните постапки.
Сето тоа би можело негативно да се одрази на приливот на финансиски средства и на ликвидноста на јавното претпријатие, поради што тоа би имало сериозни проблеми да ги сервисира трошоците за плати и тековно функционирање.
Од друга страна, за кратко време тендерашите се стекнаа со огромно богатство и станава фактор кој има сериозно влијание врз функционирањето на јавното претпријатие. Тие се свесни дека ликвидноста на претпријатието зависи од нив, па тоа го користат за уцени со кои добиваат големи отстапки. Сето тоа во комбинација со високиот степен на корупција го турка јавното претпријатие во бездна од која тешко дека ќе може да се извлече без сериозни реформи.
Дрвото од шумските пожари за препродавачите
Во изминативе година шумите во нашата држава беа силно погодени од шумските пожари. Доколку се земе во предвид дека виновник во 90% случаи за нивната појава е човекот, во услови на превисоката пазарна цена во приватните складови и големата побарувачка од огревно дрво, се наметнува прашањето дали тие се предизвикани со умисла.
Но затоа е најдобро што би рекле криминолозите да се прати “трагата на парите“ или да се види каде всушност завршуваат тие дрва. Ние веќе имаме повеќегодишно искуство со трговија на опожарено дрво, па така овие “патишта“ може многу лесно и во секое време да се утврди каде водат и каде завршуваат.
Загрижува впечатокот дека многу лица инволвирани во трговијата со дрво се многу радосни при појава на шумските пожари, па така после неговата појава се инсистира опожарената површина се посече по секоја цена, па дури и кога штетата по дрвјата е незначителна.
Постојат шпекулации дека дури и не се чека законската процедура да се исполни во целост, па веднаш се сечат опожарените површини или се сече поголема површина од реално опфатената со шумскиот пожар, па дури има гласини и дека се продава на трговците со огревно дрво пред да се направи проценка од стручни лица дали воопшто опожарената површина треба да се сече.
И не само тоа, туку на продажбата често и претходи декласирање на огревното дрво, со што парадоксално и спротивно на пазарната логика во услови кога има страшно голема побарувачка на огревно дрво, цената на дрвото наменето за препродавачите значително се намалува. Токму затоа сум поборник веднаш со закон да се забрани продажба на опожарено дрво на правните субјекти и тоа да биде наменето исклучиво за складовите на ЈП “Македонски шуми“, па од евентуалното декласирање бенефит да видат обичните граѓани.
Свесен сум дека се ова тешки зборови, па затоа се претходно наведено со шумските пожари нека биде на ниво на шпекулација и ова нека биде провокација за државните органи за борба со криминалот и за медиумите кои сакаат да дознаат дали е вестина или не, да се ангажираат и да го испита тоа.
Одговорните лица да бидат мудри и внимателни
Одредени показатели наведуваат на помислата дека ова е добро разработена “шема“ која функционира повеќе години, со која се снабдуваат препродавачите на огревно дрво со евтина роба, а јавното претпријатие мака мачи да ги сервисира обврските кон граѓаните и со ликвидноста. Во неа може да се инволвирани и други субјекти надвор од јавното претпријатие, кои и дават легитимитен на оваа “сомнителна“ практика.
Се укажува на тоа дека работата е отидена предалеку, така што ако се направи подлабока анализа би можело и да се провери дали на тој начин препродавачите во големите потрошувачки центри заедно со лица од “внатре“, досега ја контролираа пазарната цена на огревното дрво.
Одговорните лица во ЈП “Македонски шуми“ треба добро да внимаваат преку разни интриги да не бидат вовлечени во маѓепсан круг на “отстапки“ (да не кажам некој потежок збор) од кој тешко се излегува. Затоа тие треба сериозно да ја разгледаат и оваа би рекол “аномалија“, дотолку повеќе што фаворизирањето на препродавачите на огревно дрво често е проследено и со декласирање на тоа огревно дрво, со што (се разбира доколку декласирањето е неоправано) може да му се нанесе директна финансиска штета на јавното претпријатие.
Свесен сум дека ова се тешки времиња за шумарството и дека постојат големи предизвици да се обезбедат финансиски средства за нормално функционирање на јавното претпријатие, но тоа добро го знаат и оние кои ги фаворизираат препродавачите па тоа го користат како аргумент за оправданоста на нивните постапки. Сепак крајната одлука е на сите одговорни лица во правниот субјект, затоа тие треба добро да размислат дали вреди да се ризикува морална или законска одговорност.
Празен шумски склад на ЈП “Македоснки шуми“
Сите би требало да сватат дека лојалноста кон препријатието и исполнувањето на обврските кон граѓанинот треба да им се на прво место, додека ваквите отстапки кон препродавачите би дошле на ред дури одкако ќе се снабдат сопствените складови со доволни количини на огревно дрво.


