Тоа што за ЈП „Национални шуми“ според нас беше лошо, го примени ЈП „Србијашуме“. Тоа што со помош на Европската унија пред неколку години се настојуваше да се спроведе во Македонија, на почетокот на оваа година го спроведе Србија, при што ЈП „Србијашуме“ го промени правниот статус во д.о.о.
Залудно потрошени време и пари
До 2024 година во Македонија се спроведување проект финансиран од Европската Унија и со експерти од Европа за Реформи во шумарскиот сектор во Македонија. Со тие реформи беше предвидено да се донесе нов Закон за шуми, да се формира Агенција за шуми и ЈП „Национални шуми“ да се трансформира во А.Д. или д.о.о.
По примерот на Словенија, Хрватска или Бугарија, но и други држави од ЕУ со понапредно шумарство, беше предвидено од ЈП „Национални шуми“ сите функции од јавен интерес кои ги извршува јавното претпријатие да преминат во новоформираната Агенција за шуми, а во реформираното „Национални шуми“ А.Д. или д.о.о. кое би било во целосна сопственост на државата да останат сите производни, односно комерцијални функции. Со тоа сите непрофитабилни функции ќе преминаа во Агенцијата и ќе се финансираа од државата, а комерцијалните и производни функции ќе останеа во реорганизираното „Национални шуми“ А.Д или д.о.о.
Како и за секој модел и за овој имаше и позитивни и негативни оценки, но тоа не е ништо ново бидејќи секогаш ќе се најдат критичари и поддржувачи. Едноставно нема совршен модел, но тоа не треба да биде пречка конечно после неколку обиди да се направи исчекор кон создавање услови за попросперитетно и самоодржливо шумарство. Добро е да се има критика и различни ставови по било кое прашање во државата, па и по прашање на Реформите на шумарскиот сектор, за преку дијалог да се изнајдат поефикасни решенија соодветни за услови на нашата држава.
Со промена на власта се поништува се што е претходно сработено
За жал со промената на власта како и секогаш во нашата држава се поништува или менува се што е работено до тој момент од претходните, па така се чини дека ќе настрада и процесот на Реформи во шумарскиот сектор. За Реформите во шумарскиот сектор во Македонија од страна на ЕУ беа обезбедени големи финансиски средства, но за жал со промената на власта се чини дека сето тоа ќе се претвоти во уште една промашена работа и залудно потрошени време и пари.
Таа практика на голем патриотски и политички акт да се негира и поништува сето она што претходните го сработеле или настојувале да го направат, влијае катастрофално и врз шумарскиот сектор во Македонија. Како резултат на таквиот однос нема континутет на работењето во јавното претпријатие и тоа постојано е на почетокот, што доведува до таква состојба секоја наредна година да е полоша од претходната.
Со тоа се продолжува агонијата на шумарскиот сектор и на ЈП „Национални шуми“ и грижите на Владата од каде да најдат пари за покривање на негативниот биланс во работење на јавното претпријатие. Сепак состојбата во шумарството, особено во ЈП „Национални шуми“ е толку во незавидна позиција, што сегашната фунционирање е неможно без постојана финансиска помош од Владата. Поради тоа изнаоѓање на итно решение за шумарскиот сектор во Македонија е повеќе од неопходно. А решението можеби ни е пред очи, само треба да ги отвориме очите и реално да погледнеме на работите.
Она што за нас е лошо, на почетокот на оваа година го примени Србија, па ЈП „Србијашуме“ се реформира во д.о.о. Сериозни држави така размислуваат и фунционираат, тие постојано бараат начини и модели како да се подигне стопанство на повисоко ниво и не се плашат да преземат одлучни чекори во насока на подобрување на функционирањето.
Тара, Копаоник, Ѓердап и Србијашуме официјално станаа д.о.о.
Јавните претпријатија Национален парк Тара, Национален парк Копаоник, Национален парк Ѓердап, Србијашуме ја променија својата правна форма, односно станаа друштва со ограничена одговорност.
Во одлуките донесени од Владата на Србија е наведено дека друштвото со ограничена одговорност продолжува да ги извршува дејностите на Јавното претпријатие и да биде сопственик на сите средства на Јавното претпријатие.
Судските и другите постапки што се водат во име или против ЈП продолжуваат во име или против Друштвото со ограничена одговорност.
Сите важечки договори што ги склучило Јавното претпријатие остануваат во сила и д.о.о. продолжува да биде одговорна страна во тие договори без потреба од склучување посебни анекси.
Јавното претпријатие за стопанисување со шуми „Србијашуме“ со п.о. Белград ќе биде организирано, со промена на законот, како дводомно друштво со ограничена одговорност кое работи во согласност со прописите што ја регулираат правната положба на друштвата и управувањето со друштвата во сопственост на Република Србија.
Непосредно пред тоа и „Национален парк Фрушка Гора“ ја смени својата форма во д.о.о.
Промената на правната форма на јавните претпријатија се спроведува според Законот за управување со трговски друштва во сопственост на Република Србија, кој започнал да се применува од 2024 година.
Тој предвидува дека јавните претпријатија ќе ја сменат својата правна форма во друштво со ограничена одговорност (д.о.о.) или во акционерско друштво (АД).
Владата на Србија подоцна ја донесе Уредбата, во која се наведени критериумите што се користат за да се утврди дали јавното друштво ќе стане а.д. или д.о.о. Според таа регулатива, јавните друштва кои не ги исполнуваат претходните услови ќе се трансформираат во правна форма „д.о.о.“.
Сепак, некои друштва беа трансформирани во д.о.о. иако ги исполнуваат условите за трансформација во акционерско друштво. Засега, не е познато зошто ЈП „Србијашуме“ е трансформирано во д.о.о. наместо во акционерски друштва, но сигурно на таа одлука и претходеле одредени анализи за што ќе пишуваме во некоја друга прилика.