Скопска Црна Гора – планина со поглед на цело Скопје

 

Иако Скопска Црна Гора е толку блиску до Скопје, сепак нека не ве залажува податокот дека највисокиот врв е релативно низок, само 1651 м.н.в., се работи за вистинска планина.

 

На самиот почеток треба да се разбереме – иако Скопска Црна Гора е толку блиску до Скопје, сепак се работи за вистинска планина. Нека не ве залажува податокот дека највисокиот врв е релативно низок, само 1651 м.н.в., за да се искачите до височините ќе ви бидат потребни околу 4 часа со умерено темпо. Оваа планина може да претставува предизвик за оние што никогаш не биле таму.

Без разлика дали ќе тргнете со автобус или со кола, стартната позиција за искачување е последната постојка на автобусот 61, т.е. Побожје. Оттука тргнувате по асфалтниот пат за Бродец.

Штом од левата страна на патот ќе забележите земјен пат и имрповизиран знак испишан на хауба: „Забрането влегување, куче“, продолжете уште дваесетина чекори нагоре, до полукружното свтрување. Тука ќе видите едно тесно патче кое навлегува во грмушките. Оттука се стигнува до Бродец, по многу пријатна патека без претерано стрмни угорнини. Внимателно, патеката се двои само еднаш при почетокот и тука треба да свртите лево, ако не сакате да изгубите 10 минути. Лека-полека, патеката ќе ве одведе кај изгорената куќа во Бродец.

Оттука свртете лево и тргнете угоре по асфалтниот пат. На 5 минути се наоѓа првата чешма, на која има тенк, направена од ЈНА во 1972 по повод Илинден. Ова е одлично место за мал одмор.

Покрај чешмата има едно мало патче. По него се излегува на ридот и оттаму има една патека, која на моменти е слабо видлива поради фактот што ретко се користи, па затоа бидете внимателни. На едно место треба да ја преминете реката, но тоа воопшто не е сложено, бидејќи има убаво наредени камења.

Skopska Crna Gora

Поглед од Скопска Црна Гора на цело Скопје

 

По приближно час време пешачење треба да излезете кај карпата наречена Видиковец, од каде што има поглед на цело Скопје и околината. Доколку не сакате да одите до врвот и ова место е убаво да се заврши прошетката. Ако сакате да одите кон врвот Црн Камен, можете да тргнете по патчето што започнува веднаш на другата страна од асфалтниот пат, спроти Видиковец.

Ние се одлучивме по асфалтниот пат да заминеме до местото Рамно, бидејќи по патот има две чешми со студена вода. Од мигот кога ќе стигнете до Рамно, веќе е многу едноставно. Од таа точка асфалтниот пат продолжува уште 15 километри до Танушевци, а вие вртите по земјениот пат, на десно и тргнувате по десниот огранок. Тој ќе ве одведе директно до врвот Црн Камен, кој се издига среде една блага вдлабнатина во планината.

Штом ќе се распостелите на врвот, ќе сфатите дека тоа е место за вистинско уживање. Од едната страна имате фантастичен поглед на Скопје, од другата страна гледате кон липковскиот регион и Косово во далечините…. пријатно ветре, сонце….

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!