Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, на барање на ЈП „Национални шуми“ ја отповика забраната за движење во шума и шумско земјиште со кој стопанисува ЈП „Национални шуми“, донесена на ден 16.04.2020 година.
Со промената на временските услови и пролетното развивање на вегетацијата, се намали опасноста од појава на пожари на отворено и поради новосоздадените услови Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на барање на ЈП „Национални шуми“ , ја укинува забраната за движење во шума и шумско земјиште. Решението за укинување на забраната за движење во шума и шумско земјиште стапува на сила од утре 24.04.2020 (петок) година.
Но тоа не значи дека не постои ризик од шумски пожари. Затоа, ЈП „Национални шуми“ ќе продолжат и понатаму да ја следат состојбата со нашите шуми и движењето на граѓаните (рекреативците и сите оние кои извршуваат шумско културни активности). Доколку се процени дека повторно се создале услови за ризик од шумски пожари, забраната повторно ќе се воведе.
Од МЗШВ ги потсетуваме сите граѓани на Република Северна Македонија дека согласно член 46 од Законот за земјоделско земјиште и член 23 од Законот за ловство, забрането е палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште, како превентивна мерка за заштита од појава на пожари на отворен простор.
За потсетување, во изминатите години шумскит пожари предизвикаа големи штети врз шумите и имотите на граѓаните. Се уште се свежи сеќавањата на шумскиот пожар кај Струмица каде загинаа неколку вработени од шумското, оној во Битола каде малку фалеше да биде зафатен дел од градот, како и оној во Тажево каде беше пеплосана голема површина под шума и со големи маки беше спасено селото од опожарување.

Последици од шумскиот пожар кај Тажево
Надлежните институции ги повикуваат сите граѓани одговорно да се однесуваат додека се движат низ шума, да се грижат за природата, да не фрлаат догорчиња и запалливи материи со што ќе придонесат за зачувување на животната средина. Превентивата во ваквите ситуации е најдобриот начин за заштита, па затоа да дадеме придонес со тоа што ќе ги минимизираме опасностите од појава на шумски пожари.
Шумските пожари сериозен проблем
Шумските пожари се еден од најголемите проблеми во шумарството, како и за животната средина во целост во РС Македонија. Поради пожарите големо количество на дрвна маса се уништува и тоа претставува економски проблем. Пожарите на шумите предизвикуваат загадување на воздухот, почвата и водата. Изгорените дрва се извор за развој на патогени и штеточини. Потоа, постои зголемување на ерозивните процеси во изгорените површини, дебалансирање на водниот режим, губење на вегетацијата и опустување. Речиси 95% од шумските пожари се предизвикани од човекот. Шумските пожари во разгледуваниот период просечно годишно уништуваат околу 8.821.79 ha шума. Просечно годишно во периодот од 1999 до 2016година има по 204пожари. Во 2007година поради екстремни суши и човечки фактор имаше, 652 пожара на околу 35.000 ha површина.

Штетите од шумски пожари можат да бидат катастрофални и врз животинскиот свет
Пропорционално со разгледуваните параметри претходно, вкупната штета од пожарите по години изразена во денари е најголема во 2007 година со вредност од 1.311.167.721,95 денари. Во 2016 година со вредност од 211.363.850 денари. Просечно годишно во периодот од 1999 до 2015 година вкупната финансиска штета од пожарите изнесува 322.364.897,40 денари, без притоа да се навлегува во подлабоки пресметки на губењето на другите бенефити од шумите кои според стручњаците се многу поголеми од вредноста на дрвото.