Македонија трета во Европа според процентот на државни шуми

Евростат: Македонија трета во Европа според процентот на државна сопственост на шумите на своја територија

 

Европската канцеларија за статистика (Евростат) денеска излезе со статистички податоци за земјоделството, шумарството и рибарството, при што констатираше интересен податок дека Република Македонија е трета земја во Европа според процентот на шуми на сопствена територија што се во државна сопственост.

Според Евростат, во 2012 година дури 90,4 проценти од шумите во Македонија и припаѓаат на државата, а само 9,6 отсто се приватни, при што во овој поглед, повеќе од нашата земја имаат само Лихтенштајн (91,4 отсто од шумите се во државна сопственост) и Турција (99,9 отсто државни шуми).

Во статистичките податоци на Евростат за минатата година, мерења во Македонија се извршени освен за шумите и шумската површина и во однос на производство на житни растенија, додека за останатите делови во рамки на земјоделството, шумарството и рибарството се опфатени само земјите од Европската унија, како и Црна Гора.

Европската канцеларија за статистика утврди дека Македонија, во однос на површина без внатрешни пловни патишта (реки и езера) поседува 2.491.000 хектари, од кои шумското и другото пошумено земјиште изнесува 1.141.000 хектари, а само шума кај нас во 2012 година е утврдено дека има околу 998 илјади хектари.

Инаку, во споредба со државно-приватната сопственост на шумите, според Евростат, од земјите-членки на Европската унија, Бугарија има најголем процент на шуми во државна сопственост и изнесува 86,8 отсто, а по неа следуваат Полска со 82,2 проценти и Грција со 77,5 проценти. Интересно, но Португалија е земја што не само во ЕУ, туку и во целиот свет има најмал процент на шуми во државна сопственост оти според Евростат дури 98,4 отсто од шумите во оваа земја се приватни.

Во однос на ланската продукција на житни растенија, според Евростат, Македонија произвела 460.000 тони жито во 2012 година, а вкупно жито, вклучувајќи и ориз во ЕУ се произвеле 285 милиони, од кои Франција во 2012 година произвела најмногу, 68,4 милиони, а по неа следуваат Германија (45,3 милиони) и Полска (28,5 милиони), додека Турција произвела 33 милиони тони жито.

Притоа, според европската канцеларија за статистика, Македонија лани произвела 215.000 тони заедничка пченица, 119 илјади тони пченка, 90.000 тони јачмен и 7 илјади тони ‘рж.

Она што привлекува внимание во публикуваната книга за овие статистички податоци на европската канцеларија за статистика е што нашата земја и останатите се претставени со официјалните кодови, при што за Македонија е претставен кодот „мк” до кој има ѕвездичка со објаснување.

– Привремениот ИСО код на каков било начин не ја прејудицира дефинитивната номенклатура за оваа земја што треба да се договори по склучувањето на преговорите што во моментов се водат на оваа тема во Обединетите нации, наведуваат од Евростат за официјалниот македонски код кој е регистриран како „мк“ и „мкд“ во Обединетите нации.

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!