Во централниот дел на Шар планина се наоѓа локалитетот „Лешница“ кој се карактеризира со разновидност на геоморфолошки појави и сочувана автентична флора и фауна, со исклучително богат и уникатен биодиверзитет и геодиверзитет, што преставува исклучително значење за Шар планина и за Република Македонија. Природните услови на подрачјето условиле создавање на квалитетни шуми од смрча, ела и бука како чисти и смесени шуми така и појава на голем број ретки, ендемични и загрозени видови животни.
Рељефот е со изразито развиена планинска конфифурација, со стрмни страни, карпести отсеци на места литици над доловите и водотеците. Највисоките врвови се распоредени по главниот срт на Шар планина со умерено стрм и стрм наклон наместа со литици. Хидрогравската мрежа на подрачјето е доста развиена со голем број на природни водотеци, реки и потоци како и долови на кои главен рецепиент им е реката Пена која поминува скоро по централниот дел на подрачјето.
Поволните едафоеколошки и микроклиматски фактори на локалитетот Лешница овозможуваат виреење на шумска вегетација со добри квалитативни и квантитативни карактеристики, што условило површината да биде обрасната со шуми со добар квалитет од смрча, ела и бука.
Шумите на Шар Планина
Шумите се се простираат во средниот и високиот буков појас, вклучувајќи ги и појасот на елови шуми, појас на смрчеви шуми и фрагментирано и моликови и бел борови шуми. Споменатите типови на шуми во синтаксономски поглед се класифицирани во повеќе шумски заедници, а ќе ги споменам следниве:

Заедница на Горската букова шума
Таа е распространета во горското ладно континентално планско подрачје, климазонална заедница и на Шар Планина се среќава во појасот од 1.200 до 1.800 m надморска височина. Височински се надоврзува над подгорската букова шума. Распространета е на силикатна геолошка подлога на која се формирани кафеави шумски почви од типот дистричен камбисол, кои се средно длабоки и богати со хумус и листинец. Климата е планинска со свежи лета и ладни и снежни зими. Оваа шумска заедница има јасно изразена катова структура, дел од шумите се од генеративно, а дел од изданково потекло. Тие се одликуваат со висока продукција на дрвна маса и имаат големо стопанско значење.
Заедница на Субалпска букова шума
Оваа заедница е распространета е помеѓу 1.500 и 1.900 m надморска височина, на силикатна геолошката подлога, на која се формирани кафеави шумски почви од типот дистричен камбисол, кои се доста кисели и плитки.
Климата е многу студена, со свежи лета и остри и снежни зими, снегот во голем дел од годината е присутен и во комбинација со ладите и силни ветрови неповолно влијае на шумската вегетација, поради што во пониските делови од овој појас шумите се со подобар квалитет (висина и дијаметар) но со зголемување на надморската височина се намалува нивниот квалитет, стеблата се со помала височина, се со слаб прираст, со сабјест изглед во основата и со поголем број изданци од еден пањ.
Може ќе ве интересира: Интересни податоци за Шар Планина
Заедница на елови шуми
Оваа заедница се сретнува во горскиот појас помеѓу 1.250 и 1.850 m надморска височина, на мезофилни месторастења, со претежно северна изложеност на силикатна геолошка подлога. Почвите се средно длабоки, свежи, од типот дистричен камбисол, добро снабдени со хумус и со кисела реакција. Еловите шуми од оваа заедница се добро сочувани, имаат повеќенаменско значење и како чисти елови ацидофилни шуми се доста ретки во Македонија. Во катот на дрвјата доминираат елата и буката, а во катот на грмушки се сретнува тиса.
Заедницата на елово смрчеви шуми
Таа се сретнува во повисоките планински делови, помеѓу 1.500 и 1.900 m надморска височина, на силикатна геолошка подлога. Почвите се свежи, средно длабоки, од типот дистричен камбисол, добро снабдени со хумус и со кисела реакција. Шумите од оваа заедница се добро сочувани, тие имаат и големо повеќенаменско значење не само од стопански аспект туку и поради тоа што овие шуми се многу ретки во Македонија.
Заедница на субалпска смрчева шума
Заедницата на субалпска смрчева шумасе сретнува во повисоките планински делови на локалитетот Јелак, помеѓу 1.600 и 2.000 m надморска височина, на силикатна геолошка подлога, која на многу места излегува во вид на камени блокови. Почвите се свежи, средно длабоки, од типот дистричен камбисол, добро снабдени со хумус и со кисела реакција. Оваа шума нема стопанско значење но има големо еколошко значење, смрчата во оваа шумска заедница се наоѓа на јужниот раб од нејзиниот ареал и е единстевна таква шума во Република Македонија.
Заедница на моликова шума
Оваа заедница е застапена на многу мала површина во неколку фрагменти на подрачјето Козарица и Плат над појасот на субалпскат букова шума, главно на многу стрмни терени на каменлива варовничка подлога во подрачјето каде се наоѓаат серија лавински коридири. Нема стопанско значење но има мошне големо еколишко значење.
Заедница на бел борова шума
Овие шуми се застапени на многу мала површина над село Бозовце, насади со природно потекло, на силикатна геолошка подлога во појасот на субалпска букова шума.

Вриштини
Вриштини се заедници на ниски грмушки или полугрмушки кои се среќаваат над шумскиот појас или на места каде шумата била уништена на надморска височина над 1800 m. главно ги населуваат терените со силикатна подлога и кои се на заветрената страна, така што снегот се натрупува и се задржува до касна пролет.
Високопланинските тревести заедници на пасишта и камењари
Високопланинските тревести заедници на пасишта и камењари се распространети над шумскиот појас и вриштините. До 2.200 m надморска височина се протегаат субалпски тревници кои служат за летна испаша на стока а над 2.200 m надморска височина се среќаваат алпски тревници на варовнички супстрат, главно карпести терени и на силикатна подлога до самиот гребен на Шар планина.
Зонална распространетост на шумската вегетација
Зоналната распространетост на шумската вегетација на локалитетот „Лешница“ на Шар планина е предуслов за појавата и распространување на дивечот во согласност со основните био-еколошки услов кои постојат овие живеалишта се поделени на следниве подрачја:
- подгорско подрачје – најзначајно живеалиште развој и опстанок на дивата свиња и срнската дивеч
- горско подрачје – пониските делови на ова подрачје одговараат за опстанок на дивата свиња и срнската дивеч, а повисоките делови за мечката. Одредени карпести, а посебно тешко пристапните делови во шума на ова подрачје преставуваат зимски живеалишта на дивокозата и еребицата камењарка. Шумските комплекси на ова подрачје се природното живеалиште на лештарката. Делот на ова подрачје обраснато со густи шуми е природното живеалиште на рисот на Шар Планина.
- алпско-субалпско подрачје – природното живеалиште на дивокозата, мечката и еребицата камењарка.
Може ќе ве интересира: Шар Планина низ историските записи
Ловиште „Лешница“
Заради богатиот и уникатен биодиверзитет на локалитетот Лешница, во 1986 година врз основа на тогашните Закон за шумите и Законот за ловството истиот е прогласен за шумски резерват и ловиште со Одлука за прогласување на шумските предели на Шар планина за шумски резерват и ловиште, објавена во „Службен весника на СРМ“ бр. 44 од 26.11.1986 год. Вкупната површина на шумскиот резерват и ловиштето е околу 12.300 ха. од кои околу 2.500 ха шуми и шумско земјиште, а 9.800 ха се високопланински пасишта, со опишани граници во Одлуката. Стопанисување со шумскиот резерват и ловиштето се врши со шумско-стопански основи во согласност со Законот за шумите и ловно-стопански основи во согласност со Законот за ловството, а за стопанисувач е определено тогашното шумарство од Тетово.

Со носењето на Законот за ловството во 1996 година, и востановување на ловишта на територијата на Република Македонија, ловиштето „Лешница“ е востановено во истите граници од Одлука за прогласување на шумските предели на Шар планина за шумски резерват и ловиште и определено за државно ловиште и дадено на управување на Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Македонски шуми“.
При управување со државното ловиште „Лешница“ главната цел е насочена кон трајно одржување на на структурата на целокупната фауна, како и стабилни популации на крупниот дивеч кои со својата возрасна и полова структура обезбедуваат репродукција на квалитетни грла со генетски потенцијал за висока трофејна вредност.
Останува нејасно зошто со носењето на новиот Закон за заштита на природата од Министерствово за шивотна средина и просторно планирање во 2004 год. не се репрогласи Шумскиот резерват и ловиште „Лешница“ според категоризацијата на заштитени подрачја во овој закон, затоа што чл. 184 вели дека „Заштитените подрачја заштитени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, како природни реткости, продолжуваат да ја уживаат заштитата на заштитени подрачја“ и според чл. 187 „Во рок од шест години од денот на отпочнувањето на примената на овој закон, надлежниот орган за вршење на стручни работи за заштитата на природата ќе изврши ревалоризација на заштитените подрачја, заштитени пред денот на отпочнувањето на примената на овој закон и ќе изготви нови акти за прогласување во согласност со одредбите отпочнувањето на примената на овој закон“.
м-р Војо Гоговски
Авторот е Државен советник за шумарство и ловство