ЈП „Национални шуми“ со нов ВД Директор

 

Надежта за ЈП „Национални шуми“ се вика професор д-р Здравко Трајанов. Сепак познавајќи го професорот, може да се каже дека не му е многу за прослава, бидејќи добро е запознаен со проблемите со кои се соочува јавното претпријатие. Тој релативно мирното и добро платено професорско столче, го заменува со жешкото директорско столче во јавно претпријатие со неизвесна иднина.

 

Владата на Република Македонија на втората седница која се одржа на 02.07.2024 година,  му препорача на Управниот одбор на ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ да го избере Здравко Трајанов на ВД директор на „Национални шуми“.

Трајанов е редовен професор на Шумарски факултет во Скопје, на областа Искористување на шумите, Механизација во шумарството и Други, по предметите Шумски транспорт, Отворање на шумите, Вовед во градежништво, Парковски инфраструктурни објекти, Влијание на активностите врз животната средина, Феријална пракса.

Од искуството во реалниот сектор може да му се припише тоа што Трајанов во 2001 година бил член на бордот на директори на ШИК Плачковица – Радовиш (претставник на државниот капитал).

Во 2006 година бил надворешен советник во ЈП Македонски шуми, а бил и учесник во работната група за трансформација на ЈП Македонски шуми во 2013 година.

Од политичките ангажмани Трајанов бил пратеник во Парламентот од 2020 до 2024 година како и советник во Советот на Општина Радовиш.

 

Наследува претпријатие во лоша состојба

Трајанов на местото Директор на ЈП „Национални шуми“ доаѓа на место на Валентин Груевски, кој не се прослави многу на таа позиција. Тој доаѓа во многу лош момент и најверојатно не би погрешиле ако кажеме дека доаѓа во најлош момент од сите досегашни Директори на ова јавно претпријатие.

Претпријатието се наоѓа во катастрофална состојба. Наталожените проблеми доведоа до тоа претпријатието да е во лоша финансиска кондиција со значителни долгови кон доверителите и големи преземени обврски кон економските оператори.

Состојбата дополнително е искомплицирана од незадоволството на вработените кои поради три неисплатени плати и додатоци на плата се во состојба на штрајк. Очајната состојба на вработените дополнително ја влошува и неплатено здравствено осигурување, поради што работниците се оставени во многу незавидна ситуација и некои од нив се одлучуваат преку медиумите да повикуваат на помош за лекување.

Затоа без сериозна поддршка и финансиска помош од Владата, тешко дека ќе може нешто посериозно да направи со јавното претпријатие и сето ова само ќе му биде една авантура за збогатување на личната биографија.

Пред новиот Директор ќе има сериозни предизвици и останува да видиме какви ќе бидат приоритетите и плановите за иднината на јавното претпријатие. Наскоро ќе видиме дали ќе се обиде претпријатието да го доведе во рентабилна состојба што со моменталната структура, поставеност и услови е доста тешко и речиси невозможно или ќе се реши да спроведе брзи реформи и на новото претпријатие да му даде добра основа за развој и просперитет.

ЈП „Национални шуми“ вака поставено е нефункционално и не перспективно претпријатие, кое постојано ќе се соочува со проблеми и не ќе може да функционира без значајна финансиска помош од Владата. Сето тоа ќе води кон деградирање и девастација на шумите, од што последици ќе има целата држава.

 

Корупцијата и криминалот сериозен проблем

Според натписите по медиумите се добива впечаток дека корупцијата и криминалот се длабоко навлезени во сите пори на претпријатието и силно го разјадуваат од внатре. Затоа се чини дека успехот во раководењето со јавното претпријатие силно ќе му биде зависен од расчистувањето со коруптивните и криминални активности во самото претпријатие.

Како резултат на таквите криминални активности, финансиите наместо да завршуваа на сметката на јавното претпријатие, тие се одлеваат на сите страни. Сето тоа дополнително го оптеретува претпријатието и значително придонесува не само финансиски да колабира јавното претпријатие, туку и шумите да се сечат немилосрдно и повеќе отколку што може да поднесат за да се обноват.

Покрај тоа се чини и дека ниту една реформа нема да биде успешна без претходно да расчисти со коруптивните и криминални активности во јавното претпријатие, бидејќи отпорот кај оние кои имаат полза од хаосот во јавното претпријатие, ќе биде силен.

Показател за решеноста да се справи со криминалот и корупцијата секако дека ќе биде и изборот на кадри со кои ќе се опкружи, но да се надеваме дека мудро и внимателно ќе бира, бидејќи на крај одговорноста ќе биде негова.

 

Големи надежи и добри препрораки

Изборот на професор д-р Здравко Трајанов за ВД директор на „Национални шуми“ се чини дека е добар избор. Тоа што е редовен професор на шумарскиот факултет може да биде добра индиција дека ќе се обиде да го реформира јавното претпријатие по примерот на успешните европски искуства. Ако покрај него застанат и останатите професори од шумарскиот факултет, со оглед на нивните големи теоретски знаења, изгледите за успех би биле значително поголеми.

Фактот што Трајанов е од шумарската фела, дава можност тој добро да е запознаен со состојбите и проблемите во оваа индустриска гранка, па да не губи време во осознавање на состојбите во шумарството, учење на проблематиката и запознавање со кадрите. Голем дел од досегашните Директори додека да го поминеа тој период на осознавање, учење и запознавање, често веќе имаа изгубено многу драгоцено време и донесено доста штетни одлуки.

Сепак се чини дека недоволното искуство во реалниот сектор може да му создава одредени проблеми, што лесно може да го надополни со избор на тим од добри и искусни стручњаци од соодветни области. Тука проблем може да му преставува сериозниот недостаток од шумарски инженери, бидејќи неатрактивност на струката доведе до тоа во изминатиот период Шумарскиот факултет да продуцира многу мал број на шумарски кадар, од кои дел и не сакаат да работат во услови во какви функционира јавното претпријатие и за толку ниски примања.

Искуството како редовен професор секако дека може и многу да му помогне во составување на тимот со кој ќе соработува, бидејќи работата на Шумарскиот факултет му дала можност добро да се запознае со капацитетот, знаењето и спремноста на неговите студенти, сегашни шумарски инженери и магистри.

На ВД Директорот му посакуваме многу успех во раководењето со ЈП „Национални шуми“, со надеж дека конечно ќе се најде кадар кој преку реформа ќе постави темели за формирање на едно современо и перспективно шумско претпријатие.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!