Извршувањето на основните дејности на претпријатието, како и снабдувањето на населението со огревно дрво е условено од употреба на соодветна современа опрема и основни средства. При тоа, транспортот на шумски сортименти во шумарската практика е еден од најважните фази во процесот на користењето на шумите.
Врз основа на доброто познавање на моменталната состојба на патната инфраструктура во шумарството, теренските прилики, како и потребите на пошироката општествена заедница, од страна на Јавното претпријатие биле утврдени потребите и приоритетите од набавка на нови Товарни возила-камиони за превоз на дрвни сортименти.
За таа цел ЈП „Национални шуми“ набави 6 нови современи камиони за превоз на дрво, кои денеска пред Дирекцијата на ЈП „Национални шуми“ Директорот Зоран Ѓорѓиев им ги предаде на 6 подружници. Со новите камиони се подновија подружниците Малешево-Берово, Бор-Кавадарци, Кожув-Гевгелија, Бабуна-Велес, Бигла-Демир Хисар и Сандански-Македонски Брод.

Станува збор за 6 Товарни возила со надградба за превоз на шумски сортименти, марка MAN, модел TGS 33.440 6×4, шумарска изведба, кои ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди за издувни гасови (euro 6). Овие камиони беа набавени минатата година, па извесен период во соработка со подружниците се правеше проценка каде да се распоредат за најефикасно да се искористи нивниот капацитет.
Се намалува влијанието на надворешните извршители
Фазата превоз на дрвни сортименти, во Јавното претпријатие, досега главно се извршуваше со надворешни превозници врз основа на склучени договори за превоз по пат на јавни повици. Сопствениот превоз учествува со многу мал процент во вкупно превезената дрвна маса, додека поголем дел од дрвната маса се превезува со надворешни извршители.
Тоа досега го доведуваше Јавното претпријатие во незавидна состојба на преголема зависност од надворешните извршители, што често негативно се одразуваше врз неговото работење. Секогаш постоеше опасност од разни причини да пропадне тендерот за превоз или да не се почитува договорената динамика, па дрвната маса да остане во планина, а граѓаните да не можат навремено да се снабдат со огревно дрво.
Од ЈП „Национални шуми“ реално процениле дека затоа е неопходна набавката на товарни возила (камиони), за огревното дрво навремено да се стигне до граѓаните. Со набавката на новите товарни возила ќе се овозможи поквалитетно и навремено извршување на планираните задачи, односно навремен транспорт на дрвните сортименти и заштеда на финансиски средства, односно поголема рентабилност на претпријатието.
Се разбира дека со ова ќе се овозможи и поквалитетна услуга за граѓаните, кои ќе може навремено да се снабдуваат со огревно дрво.
Превозот во минатото се извршувал со свои капацитети
Но тоа не било од секогаш така. Постарите вработени во шумарството ги паметат времињата кога сите фази во шумарството (сеча, дотур и превоз) шумските претпријатија ги извршувале со свои капацитети и со тоа шумарските претпријатија имале целосна контрола на движењето на дрвната маса од сечиште до потрошувачот.
Од 2003 година започнува процес на промени во Јавното прептријатие со кои се опфатени активностите во фазите сечи, дотур и превоз, па постепено тие преминуват во рацете на надворешните извршители. Ова пренесување на активностите која во развиените држави е успешна пракса, кај нас дава послаби резултати, па со тек на време започнува да опаѓа производството на дрвни сортименти во ЈП „Национални шуми“.
Менаџментот на ЈП „Национални шуми“ успешно го лоцирал проблемот во превозот на дрвните сортименти како „тесно грло“ во прозводниот процес. Поради специфичните и скапите основни средства за работа во процесот на превоз, секогаш тука постоела помала конкуренција на јавните огласи и поголем притисок да се реализира планираното. Залудно би се посекле и дотуриле дрвата, ако нема кој да ги симне од планината до складот и потрошувачите.
Се разбира дека тука е и факторот на контрола на произведени и изнесени дрвни сортименти од планинита. Често се случувало при рутински контроли на надлежните органи да се констатира надмер при превозот, што превозниците го правдале со неисплатливоста од изршување на услугата. Едноставно постоело можност „по пат“ да се изгуби дел од дрвната маса и да се јави значајна разлика помеѓу количина на посечено и превезено дрво.
Затоа зајакнувањето на капацитетите на превоз на дрвни сортименти во ЈП „Национални шуми“ е одличен потег и силна порака до надворешните извршители на превозот. Ако вака продолжи Јавното претпријатие со зајакнување на своите капацитети, може да се очекува дека се повеќе ќе ја намалува зависноста од надворешните извршители, дека се повеќе ќе се зголемува производството, а со тоа и рентабилноста на претпријатието.
Надворешните извршители и понатаму значаен партнер
Можеби бројката на 6 камиони изгледа мала, но реално на ЈП „Национални шуми“ и не му се потребни голем број на камиони. Надворешните извршители и во иднина ќе бидат значаен партнер на ЈП „Национални шуми“, кои како и до сега ќе се ангажираат за извршување услуги.
Сепак со јакнење на капацитетите за превоз на дрвни сортименти Јавното претпријатие ќе го намали нивниот притисок, бидејќи сега во оние подружници каде од разни причини нема да успее некој јавен оглас за превоз, претпријатието ќе може да ги употреби овие камиони и на задоволство на граѓаните за кратко време дрвната маса да ја симне од планините.
Од набавката на новите камиони не треба да биде загрижен никој, бидејќи сите ќе имаат полза од нив. ЈП „Национални шуми“ ќе ги зајакне своите капацитети за превоз на дрвни сортименти, надворешните превознивци ќе бидат помотивирани согласно договорените динамики да ги извршуваат своите обврски, а граѓаните ќе може навреме да си ги добиваат своите дрва.