Изработена првата Карта на ловишта во Македонија

 

Македонија има богата традиција на ловство. Низ историјата голем број на генерации давале придонес за развој на ловството во Македонија и секоја на некој начин оставала свој белег во одреден период.

Формирањето на ловишта на територија на Македонија отпочнато е некаде на почетокот на 50-ите години од минатиот век. Со последната Одлуката за востановување на ловишта на територија на Република Северна Македонија (Службен весник бр.185 од 4 септември 2023 година) на територија на државата се востановени 268 ловишта. За разлика од претходното востановување кога ловиштата беа поделени на ловишта за ситен и крупен дивеч, со последното востановени не постои повеќе таа поделба.

И покрај повеќе деценскиот период од востановување на првите ловишта на територија на денешна Македонија, за жал досега не била изработена Карта на ловиштата во Македонија. Оваа празнина се надополни со изработка на првата карта на ловишта во РС Македонија на која автор е м-р Гоце Николовски дипл.шум.инж., кој преку 18 години работи на изработка на Посебните ловностопански основи.

 

Прикажани 268 ловишта и ареалот на дивечот

Картата ги содржи сите 268 ловишта согласно Одлуката за востановување на ловишта на територија на Република Северна Македонија. Иако сеуште не се востановени и тоа треба да се случи во скоро време, државните ловишта и ловиштата за посебна намена во Националните паркови се одвоени посебно.

На картата прикажан е ареалот на најважните ловностопански видови, но и на мечката која и покрај тоа што таа е трајно заштитен вид на дивеч со ова и се дава посебно значење. Во природата не постои строга граница на распространување на дивеч, поради што ареалите на дивечот се испреплетуваат помеѓу себе. Затоа на картата се прикажани доминантните видови на одредено подрачје, што не значи на пример дека во ареалот на зајакот дека не се сретнува срнски дивеч или дива свиња. Сепак за да се има подобра прегледност и да не настане конфузија со разни нијанси од бои, оваа карта е изработено според доминантниот вид на дивеч во одреден ареал.

 

Означени ловните објекти

Покрај тоа, на картата се дадени и локациите на некои ловнотехнички и ловностопански објекти. Прикажани се сите оградени ловишта, голем број од ловните куќи, фазанерии, но и спортски стрелишта. Постоеше дилема дали да се разврстат ловечките куќи во разни категории, бидејќи реално постои голема разлика во квалитетот на овие наменски сместувачки капацитети, па дури првобитно беше направена субјективна нивна поделба. Сепак поради тоа што не постои официјална категоризација на ловечките сместувачки капацитети, одлучено засега да не се прави нивна поделба според квалитетот.

Исто така при прикажување на сместувачки капацитети од ловството постоела дилема дали се да се прикажат и некои чисто комерцијални објекти кои во своето име имаат придавка „ловечки“, одлучено е поради тоа што тие не се согласно Законот за ловството, односно станува збор за приватни чисто комерцијални објекти истите да не се прикажат на картата, како на пример Ловен дом „Камник“ и Ловен дом „Берово“.

Не е исклучено да е изоставена некоја ловечка куќа, бидејќи тука лесно може да настане забуна поради тоа што концесионерите често како ловечки куќи прикажуваат и приватни викендички на ловци членови во ловечките друштва.

 

Засега во мал тираж

Картата може да се развива, дополнува и менува, па според авторот на картата секоја забелешка ќе биде добредојдена. За жал на големиот број ловџии кои би сакале да ја имаат оваа карта (се проценува дека нивната бројка се движи до 40.000 ловџии) и на концесионерите на ловиштата (околу 60-ина), на почетокот од истата ќе бидат изработени само неколку примероци, а во подоцнежна фаза во зависност од условите се планира и печатење на карти во поголем обем.

На некој начин првиот тираж ќе биде мал со цел засегнатите да дадат сугестии за нејзино подобрување, бидејќи издавањето на картата не е водено од комерцијални причини, туку за да се даде придонес за унапредување на ловството во Македонија и да се одбележи една богата кариера на авторот како изработувач на Посебните ловностопански основи.

Со помасовното печатење на картата секако дека ловџиите, ловните работници, како и државата ќе добијат инструмент кој може да биде од значење за зголемување на едукацијата на ловџиите, но и за развој на ловниот туризам и промоција на држава во областа на ловството.

 

Извро: MacedoniHunting

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!