Уште една изјава на Директорот на ЈП „Национални шуми“ за исплата на заостанатата плата остана неостварена. Поради тоа останува на сила одлуката на Синдикатот на утрешниот ден вработените во ЈП „Национални шуми“ да започнат штрајк со целосен прекин на работата. Како што претходно на прес конференција изјави претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски, „Синдикалните претставници одлучија во своите подружници заедно со Синдикатот за градежништво и дрвна индустрија да го почне штрајкот и да не го прекинува сè до моментот додека не се исплатат и јануарската и февруарската плата заедно со овие надоместоци и додатоци“.
Ова може да се протолкува како историски настан за ЈП „Национални шуми“, бидејќи за прв пат од неговото формирање вработените ќе имаат можност на ваков начин да го изразат револтот и незадоволството. Ова е прв пат вработените да застанат цврсто во одбрана на своите права и јасно да му порачаат на раководство дека вака повеќе не се издржува.
Ваквиот потег на синдикатот може да влијае и врз зголемување на довербата помеѓу вработените во синдикалните здруженија и се помасовно давање нивна поддршка. Во минатото во јавното претпријатие имало разни форми на израз на незадоволство во форма на предупредувачки штрајк на работно место, но тоа не може да се протолкува како посериозно спротивставување на неповолните одлуки или политика на раководството. Сето тоа било во премногу благ форма и се добива впечаток дека немало големо влијание врз одлуките на раководството на претпријатието.
После овој историски чин, вработените на некој начин ќе треба и да му бидат благодарни на актуелниот Директор, бидејќи му успеа нешто што до сега не му успеало на ниту еден негов претходник, а тоа е да ги освести и обедини вработените во одбрана на своите права.
Загрозена егзистенција и достоинствен живот на вработените
На најавениот штрајк се очекува да се приклучи секој чија егзистенција и достоинствен живот се загрозени со нередовната исплата на платите и надомест на трошоци поврзани со теренските активности. Нередовното исплаќање на платите дополнително ги оптеретува вработените што чесно си ја заработуваат платата, кои поради ниските примања едвај преживуваат од една до друга плата.
Нормално во такви околности секој бурно да реагира под товарот на неможноста да го прехрани семејството, да ги школува децата или да ги плати рати за кредити и комуналните давачки кон државата. Покрај тоа неплатеното здравствено осигурување дополнително ги става на трошок вработените кои се приморани приватно да ги плаќаат здравствените услуги и лекови.
Затоа се очекува секој што е засегнат со неисплаќањето на платите цврсто да застане во одбрана на своите права и да побара да му се исплатат заостанатите плати и додатоци на плата. Тие секојдневно се изложени на теренските влијанија и за таа плата не ретко го ризикуваат својот живот, па често тој ризик е проследен и со смртни последици. Тоа се пари заработени со пот, крв и солзи, па вработените имаат целосно право да си бараат редовно да им се исплаќаат.
Дополнително проблематизирање на состојбата на вработените се и ниските примања кои се веќе далеку под просекот во државата, оневозможуваат вработените да создаваат заштеда од платата за да се издржат вакви кризни моменти. Она што Владата го прикажува како нивен голем успех во зголемување на минималната плата и порастот на просечната плата, може само да бидат показател за мизерните примања во ЈП „Национални шуми“. Да не беа двете зголемување на платите по 10% издејствувано токму од Сојузот на синдикати на Македонија, поголемиот дел од вработените ќе беа речиси на минималец.
Во однос на просечната плата, ако пред 10-ина години вработените во ова јавно претпријатие беа над просекот во државата, сега тој просек е само пуста желба за преку 90% од вработените. Толкава плата може да земаат само раководителите, додека останатите вработени колку и да се отепуваат од работа тоа нема да го постигнат.
Штрајкот ќе покаже на кого му е битна платата
Како што корупцијата е длабоко на влезена во сите пори на општеството, нереално е да се очекува дека и ова јавно претпријатие е имуно на тие девијантни појави. Па така можно е поединци и да не се сериозно засегнати од нередовната исплата на платата и штрајкот штетно да се одрази врз нивниот прилив на „дополнителни“ приходи.
Затоа ова воедно ќе биде тест за тоа дали постои корупција во јавното претпријатие и колку длабоко е навлезена во порите на претпријатието, како што постои уверување кај дел од јавноста. За таквиот впечаток во јавноста придонесуваат и честите натписи во медиумите за злоупотреба на службена должност и разни коруптивни дејствија на поединци.
Секако дека таквите натписи може да доведат до помисла кај читателите дека некои од вработените се однесуваат како да си ги имаат „приватизирано“ шумско стопанските единици, па наместо да работат во интерес на претпријатието доминира на личниот интерес. Поради тоа тие така лесно не би се откажале од „надоместокот“ за издавање документи без кои препродавачите на огревно дрво би останале без дрва во своите плацеви.
Но ние сакаме да веруваме дека таа слика и впечаток во јавноста не ја отсликуваат реалноста и дека нередовната исплата на платите подеднакво сите длабоко ги погодува. За жал јавното претпријатие и МВР досега не успеаја подетално да ги испитаат таквите евентуални коруптивни дејствија, бидејќи доколку постои корупцијата може да биде една од причините за лошата состојба во јавното претпријатие.
Вина и во политичкото влијание
Лошото раководење и негативното политичко влијание го доведоа ЈП „Национални шуми“ до состојба веќе подолг период да не може да обезбеди финансии за нормално функционирање без финансиска помош или позајмица од Владата, од некоја владина институција или државно претпријатие. Барање позајмици стана пракса секој месец и само беше прашање на момент кога веќе ќе нема од каде да се позајмува пари. Се чини дека веќе се исцрпени сите можности за донирање финансиски средства во јавното претпријатие.
Неспорно е дека секое лошо раководење на било кое претпријатие доведува до крах и финансиска бездна. Карактеристично со актуелната состојба во ЈП „Национални шуми“ всушност е што таа може да се каже дека е резултат на лошите резултати во континуитет со години наназад. Едноставно тоа пропаѓање во еден момент мораше да го достигнало своето дно, што токму сега се случува во ова јавно претпријатие.
Секој кој подобро ги познава состојбите во ЈП „Национални шуми“ ќе знае дека лошата состојба на претпријатието не се должи само на лошото раководење, туку може да се припише и на штетните влијанија на политичките партии.
И додека Владата сонуваше дека ЕУ ќе не храни, а НАТО ќе не брани, по се изгледа целосно заборави на економијата и работниците. Затоа не треба да изненадува колапсот на претпријатијата и се полошата состојба на работниците. Се чини дека состојбите со шумарството и со ЈП „Национални шуми“ не се изолиран случај во државата, туку слика и прилика на состојбите во државата.
Сепак некои одлуки на Владите имаа и директно влијание врз лошата состојба на ЈП „Национални шуми“. Така на пример, вулганизирањето на партиските вработувања од претпријатието направија еден надуван балон, кој може секој момент да пукне.
Да нема заблуди секако дека во јавното претпријатие постои потреба од вработување на одредени стручни профили, но за жал такви најмалку и воопшто не се примаат.
Друга во низата штетни одлуки е определување на максимална цена на дрвото и дрвните сортименти. Па така претпријатието можеше да ги продава огревното дрво по цена која е далеку под пазарната, што беше основ за акумулирање загуби. Иронично, но со таква мерка јавното претпријатие можеше да се доведе во состојба колку повеќе да произведува, да трупа се поголема загуба.
Но во ред, ако државата решила ЈП „Национални шуми“ да биде социјално претпријатие, во тој случај оној број на вработени кој е над оптимумот и разликата на цената со реалните трошоци за производството, односно над нивото на рентабилност, Владата треба да го субвенционира и да обезбеди финансиски средства за покривање на загубите.
Затоа во изнаоѓање на решение за проблемот во партнерство со Синдикатот покрај раководството на претпријатието, треба поактивно да се заангажираат и Владата и соодветните министерства. Сепак станува збор за јавно претпријатие формирано од Владата и чие работење е под силно влијание на нејзините одлуки.