Дабот горун (Quercus petraea) е познат во различни краишта под различни имиња, а некаде се поистоветува и со други видови на даб, па така за горунот забележана е употребата на уште 16 називи: благо дрво, благон, благун, благунка, благуника, благуново дрво, благуњав даб, гладиш, горун, лигар, мазија, мазлак, мазника, стежер, тегаец, црн даб и црнок. Инаку, називот горун е изведенка од прасловенскиот назив за гора (шума), бидејќи токму горунот често се среќава во планинскиот регион, односно во горите. Овој назив е најкарактеристичен за Гевгелиско, Струмичко и Беровско.
Називот благун е покарактеристичен за друг вид на даб (Quercus pubescens), но бидејќи и двата даба во минатото се користеле за исхрана (на стоката, но и на луѓето), оттука називот благун и под овој назив е познат во Скопско, Кичевско, Светиниколско, Охридско и Прилепско. Називот мазника пак, има потекло од турскиот јазик (шишарка), а е карактеристичен за Скопскиот Регион
Карактеристики на горунот
Горунот е листокапно шумско дрво кое може да израсте до 40 m високо. Има правилно разгранување, а деблото му е право и неразделено до голем дел од крошната. По деблото кората е средно дебела, рано надолжно напукува и има црникавосива боја. Пупките се голи и заострени, а исто така и едногодишните леторасти не се влакнави.
Лисјето има обратно јајцевидна форма, тоа е голо, симетрично, по работ рамномерно всечено, долго 8-10 cm, широко 5-7 cm, при основата клиновидно стеснето, со дршка до 3 cm долга.
Желадите созреваат наесен истата година. Тие се јајцевидни, најшироки во средниот дел, на куса дршка се развиваат по 2-5 заедно или се сосема приседнати. Долги се од 1,5-4 cm и дебели до 2,5 cm. Куполата е сосема плитка и опфаќа мал дел од желадот. Родните години се повторуваат на 3-7 години, а желадот никнува на следната пролет.

Лесно се обновува со желади (генеративно), меѓутоа интензивно се обновува и вегетативно, затоа што има голема изданкова сила. Развива длабок и силен коренов систем, а тоа е изразено и кај младите фиданки. Најинтензивниот растеж кај нero се одвива меѓу 10 и 20 години, а максимална височина неговите стебла достигаат по 120 години од возраста.
Произведува квалитетно дрво, кое е тврдо, тешко, жилаво и лесно цепливо. Меѓутоа, внатре во видот постојат разлики по однос на квалитетот на дрвото. Освен тоа, содржи значително количество танински материи било во дрвото или во кората.
Ареал на горунот
Има ареал кој се протега скоро по цела Средна и Западна Европа. Застапен е и во Јужна Европа, исклучувајќи голем дел од Пиринејскиот Полуостров, Сицилија и Сардинија. На север допира до јужните подрачја на Англија и Скандинавскиот Полуостров. На исток не навлегува во континенталните делови на Русија, при што ареалната граница му се спушта кон Украина од подрачјето на Рига кон Одеса на Црно Море. Освен тоа, овој вид е раширен на Крим, Кавказ и Мала Азија.
Во рамките од својот ареал горунот е брдско-планински даб. Спаѓа меѓу мезофилните видови, при што покажува значителна еколошка пластичност. Застапен е по терени со различна матична скала, меѓутоа таму каде што карбонатната скала избива на површината, условите за неговиот опстанок се смалени.
Може добро да се развива по скелетни, свежи и оцедни почви со слабо кисела реакција и во извесна мера влага и свежина во воздухот. Сувата почва е од пресудно значење за неговиот опстанок, а не поднесува ни вода што стагнира. Слично на другите дабови, и горунот е светлољубив вид.
Благодарение на прибраната крошна што ја имаат неговите стебла, на единица површина може да виреат голем број единки, поради што и производството на дрвна маса е релативно големо. Во текот на првите години од својот развој, подмладокот поднесува засенчување, а неговиот понатамошен развој зависи од правилното регулирање на достапот на сончева светлина.
Силно експлоатиран дрвен вид
Во споредба со другите видови од овој род, горунот во Македонија обрастува значително поголеми пространства. Притоа го гради повисокиот дел од дабовиот шумски појас, чија горна граница зависи од експозицијата и планинскиот масив.
Меѓутоа, квалитетни горунови шуми ретко се зачувани, затоа што поради лесната достапност и квалитетното дрво биле под ударите на нередовни сечи и лошо стопанисувани. Затоа постарите стебла во нив најчесто се деформисани, а помладите шуми се со изданково потекло. Тоа резултирало најчесто да имаат изглед на ниски шуми или нивни деградациски состојби.
Едификатор на различни заедници
Горунот влегува во составот на различни шумски заедници во кои се јавува како едификатор. Тоа го овозможува и неговата еколошка пластичност, бидејќи во еден случај ја гради заедницата Orno-Quercetum petraeae која зафаќа најголем простор од стаништето на овој даб, а во друг случај, иако на ограничен простор, гради заедница со габерот (Querco-Carpinetum macedonicum). Освен тоа, горунот гради шуми со белиот габер, костенот и др.
Горунот е полиморфен вид, кое се манифестира било во поглед на формата на лисјето или желадот. И тој се вкрстува со другите дабови, а особено со стежерот (Quercus robur), меѓу кои настануваат и се познати хибриди.
Дали може да се помеша со друг вид на даб?
Во Република Северна Македонија постојат дури седум видови на дабови: цер (Quercus cerris), прнар (Quercus coccifera), плоскач (Quercus farnetto), крастечки цер (Quercus macedonica), стежер (Quercus robur), горун (Quercus petraea) и благун (Quercus pubescens).
Дабот горун по својот изглед понекогаш може да се помеша со стежерот (уште познат и како горун-мазлак). Познато е дека тие два вида неретко се вкрстуваат, поради што нивното препознавање може да биде уште потешко. Сепак, стежерот за разлика од горунот има стебло кое брзо се разгранува и не е во вид на едно централно стебло, туку гранките почнуваат да растат уште од земјата, листовите имаат дршка од 2 до 7 мм, а желадите пак, се со долга дршка.