Дали платите на вработените во ЈП „Национални шуми“ ќе бидат на минималец?

Големи се изгледите во Македонија да се зголеми износот на минималната плата која работодавачите ќе треба да им ја исплаќаат на вработените од 24.000 денара на 30.000 денари. Доколку се случи тоа ќе биде добро за работниците, бидејќи моменталните ниски минимални примања инфлацијата ги направи далеку под потребните за достоинствен живот на едно семејство.

Сепак за жал, примањата на шумарските инженери и техничари се толку ниски, што зголемувањето на минималната плата ќе ги направи сите речиси на минималец. Со евентуалното зголемување на минималната плата, на тој начин во ЈП „Национални шуми“ со примањата ќе се изедначат вработените со академски титули и оние со основно образование.

Ако се земе во предвид стручноста, сложеноста, степенот на одговорност, тежината на работата, услови за работа и работно опкружување, тоа ќе биде поразително за вработените, за струката, но и за претпријатието.

 

Најголема казна е да работиш за толку ниски примања

Како резултат на ниските примања Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) отпочна со собирање на потписи со кои се бара подостоинствени примања за шумарските инженери и техничари, односно тие да се зголемат пропорционални со зголемување на минималната плата. Низ подружниците на ЈП „Национални шуми“ вработените масовно ја потпишуваат петицијата и покрај одредени индиции дека некои од нив се соочуваат со одредени притисоци да на го ставаат својот потпис.

Очајот и револтот на вработените од ниските примања е толку голем, што евентуални притисоци и закани врз вработените да не бараат подостоинствени примања веќе би имале се помал ефект врз нив. Што останува друго кога најголема казна за еден вработен е да работи за толку ниски примања и во толку лоши услови.

Додуша со најавеното ангажирање затвореници за тековните активности на јавното претпријатие, лесно може и да се оствари дека најголема казна е да работиш за ЈП „Национални шуми“.

 

Платите далеку под просекот

Висината на примањата не е доволна за задоволување на основните човекови потреби, особено што според синдикалната кошничка висината на потрошувачката кошничка е повеќе од два пати поголема од просечната плата во претпријатието.

Според последната пресметка на Синдикална минимална кошница за месец декември 2024 година изнесува преку 62.000 денари, а просечна плата во ЈП „Национални шуми“ изнесува помалку од 29.000 денари.

Не само што просечната плата во ЈП „Национални шуми“ е далеку под висината на Синдикална минимална кошница, туку е далеку и под просечната плата во државата која изнесува околу 44.000 денари. Таквиот негативен сооднос на примањата на шумарските инженери и техничари, но и на сите други вработени во ЈП „Национални шуми“ доведе до тоа оваа струка и претпријатие што порано беше респектирана и ценета, да се претвори во социјала и беда.

Ниедно раководство до сега никако да сфати дека ниските примања даваат само краткорочен позитивен финансии ефект, но на долгорочен период може да бидат погубни.

И додека секоја нова Влада и секое ново раководство го користи истиот наратив и обвинувања, дека виновник за лошата состојба на претпријатието е лошото работење на претходните, агонијата на вработените станува бескрајна. Сепак на крајот од мандатот, секоја власт и раководство претпријатието го остават во полоша состојба, отколку што е затекнатата.

За поупатените во состојбите со шумарството и со ЈП „Национални шуми“ јасно е дека не секогаш вината за тоа е во менаџирањето на претпријатието, туку во лошиот нефункционален модел на формирање на јавното претпријатие.

 

Дали ќе се постапува по новиот Oпшт колективен договор?

Сепак доколку јавното претпријатие ги почитува договорите потпишани од Владата, висината на примањата на вработените ќе бидат многу подостоинствени и соодветни на степенот на образование и сложеноста на работата.

На 18.07.2023 година, Сојузот на Синдикатите на Македонија и Владата на РСМ потпишаа нов Општ колективен договор за вработените во јавниот сектор, со кој примањата на вработените требаше да бидат соодветни на степенот на образование и сложеност на работните места, но и да ја следат инфлацијата.

Согласно него, од месец март 2025 година, Основната бруто плата ќе треба да биде составена од просечна плата и коефициент на сложеност на работно место. Основната бруто плата ќе треба да се пресметува на начин што просечната бруто плата за претходната година се множи со коефициентот на сложеност на работно место.

За таа цел, најдоцна до декември 2024 година, јавните претпријатија требаше да утврдат коефициентите на сложеност на работно место (на две децимали) за сите работни позиции, а доколку во утврдениот период не се склучи спогодба и не се утврдат коефициентите, коефициентот на сложеност на работното место ќе треба да се пресметува на начин што основната бруто плата на вработениот исплатена за месец септември 2023 се става во однос со просечно исплатената бруто плата по вработен за 2023 година, согласно објавените податоци на Државниот завод за статистика, зголемен за 5%.

Покрај тоа со новиот Општ колективен договор доколку индексот на трошоците на живот во првите шест месеци во 2024 година, споредено со индексот на трошоците на живот за првите шест месеци во 2023 година надминува 3%, основната бруто плата на вработените во јавниот сектор се зголемува во процентуален износ за разликата до 3%.

 

Ниските примања генератор на корупција

Ниските примања се голем виновник за појава на криминални и коруптивни активности во претпријатието. Егзистенцијата и достоинството се сведени на толку ниско ниво, поради што вработените во очај за да преживеат лесно може да подлегнат на искушенија.

Притисокот на вработените од една страна од високите сметки, кредити и издршка на фамилиите, а од друга страна ниските примања, се толку голем притисок за вработените. Тие се доведени во состојба со сигурност да сносат законски последици поради заостанати долгови или да ризикуваат и да се впуштат во разни коруптивни и криминални активности.

Се додека примањата на вработените во шумарството се на најниско можно ниво, тоа ќе биде генератор на криминогени и коруптивни дејности во претпријатието. Луѓето се приморани да ги задоволуваат своите егзистенционални потреби на овој или на оној начин и се додека платите не се доведат на едно достоинствено ниво, секој обид за сузбивање на овие девијантни појави ќе биде безуспешен.

Се разбира дека нема оправдување на корупцијата и криминалот, но сузбивање на условите за нивна појава е можеби најефикасен начин на борба против нивна појава.

 

Се помал интерес за струката

Поради ниските плати, во денешно време во ЈП „Национални шуми“ се поголем проблем е како да се сопре одливот на квалитетен и искусен кадар. Јавното претпријатие се доведе во состојба лесно да губи вработени, а тешко да наоѓа нивна замена. Ниските примања доведува до тоа да е се помал интересот за вработување во ЈП „Национални шуми“. Тука се мисли не само на шумарските инженери и техничари, туку и на други дејности  како што се возачи на товарни возила, булдужеристи, информатичари, економисти, правници и сл. Како резултат на тоа се почесто на јавните огласи за вработување не се јавуваат доволен број на вработени или со соодветни квалификации.

Сето тоа негативно се одразува врз работата на јавното претпријатие, рентабилноста, но и на остварување на функцијата за кое е формирано од Владата. Во одредени подружници веќе се чувствува силен недостаток од шумарски инженери и техничари, но работници и од други стручни спреми, поради што постои опасност целосно да се блокираат истите.

Последиците од лошата состојба во претпријатието и понижувачки ниските примања веќе силно ги чувствуваат и образовните институции, бидејќи се е помал интересот на младите за одбирање на шумарската струка како нивна професионална определба.

Како резултат на глобализацијата и брзото темпо на животот, младите се повеќе си го ценат времето и трудот, па затоа се поретко се определуваат да запишат студии на Шумарскиот факултет. Шумарската струка за нив е се помалку атрактивна, бидејќи гледаат дека по завршувањето на студиите примањата ќе им бидат далеку под секое човечко достоинство.

Но и оние кои ќе ги завршат студиите се поретко се гледаат себеси во ЈП „Национални шуми“ или воопшто во шумарството. Ниските и нередовни примања се голема причина што се поголем завршени студенти од шумарскиот факултет се одлучуваат на преквалификација и работа во други струки. За нив времето поминато на студии е само залудно и неповратно изгубено време.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!