Род Quercus L. – дабови

Дабот е обележје на многу локалитети, настани и карактеристики во Република Северна Македонија. Дабовите, особено горунот, претставува дрво за кое се врзани најмногу верувања. Тоа е дрво кое со својата долговечност и грандиозна појава влева почит кај народот, но и во минатото претставувало извор на храна.

Во словенската митологија дабот е свето дрво поврзано со врховниот бог Перун – бог на грмотевиците. Оваа врска на дабот со громот е продолжена и во христијанството преку св. Илија, како светец кому му се доделени громовите.

Така на пример, забележано е верување во Кумановско (с. Дејловце) дека ако грми на Илинден, таа година желадите ќе црвосаат и нема да родат. Дабот е врзан и со самовилите, каде тој претставува нивен дом. Постои верување дека под гранките на дабовите се собирале самовили и таму ги правеле своите свадби. Па така, се среќаваат дабови кои се наречени Самовилски даб.

 

Род Quercus L. – дабови

Во споредба со другите родови од фамилијата Fagaceae родот на дабовите опфаќа најмногу видови, затоа што нивниот број изнесува околу 300. Воедно, ареалите на дабовите зафаќаат и најголемо географско пространство. Тие се застапени по северната хемисфера достигајќи и до тропските подрачја, но без да преминат на јужната половина од земјината топка. Најголемиот број видови од овој род се дрвје, а поретко и грмушки. Исто така, поголемиот број се листокапни, а има и такви со трајно зелено лисје. Тоа има различна форма, а варира дури и врз исто стебло. Дабовите се еднодомни видови, но со одвоени расплодни органи.

Цутењето се одвива напролет едновремено со пролистувањето. Машките цутови се наредени по должината на ресите кои се надвиснати. Ресите обично се собрани по повеќе заедно, а се јавуваат по минатогодишните гранчиња. Одделните машки цутови се состојат од перигон разделен на 4-9 дела со 2-15, а најчесто со 6 прашници.

Женските соцутија се состојат од помал број цутови, а се развиваат врз млади (од истата година) леторасти. Секој женски цут при основата е опфатен со чашковидна обвивка која по оплодуваљето се развива заедно со плодот, вдрвенува и е познат со името купола.

Плодникот е составен со сраснување на 3 карпели. При основата тој е тригнезден, а во секое гнездо има по 2 семепупки. Од нив по оплодувањето се развива само една. Женскиот цут завршува со 3, а поретко со 4 столпчиња. Оплодувањето е со помош на ветарот (анемофилно).

Плодот (желадот) созрева во текот на една или две години. Неговата форма и големина зависи од видот, а честопати варира и во рамките на ист вид. Не прележува, а никнува хипогеично.

Односот меѓу желадот и куполата, т.е. површината од желадот што ја покрива куполата е различна кај секој вид. Од надворешната страна куполата е обрасната со лушпи (стипули) кои може да бидат плоснати, кончести, прилегнати кон хуполата или не. Со својата форма куполите и стипулите по нив се карактеристичен белег кој служи за класификација на дабовите.

 

Род настанат во кредниот период

Утврдено е дека видовите од родот Quercus во составот на вегетацијата на земјата учествуваат уште од кредниот период. Меѓутоа, иако се со старо потекло и во текот на досегашниот развоен пат кај нив се одвивал интензивен формообразователен процес, тој се уште не е завршен. Еден од доказите за таквото тврдење е полиморфноста кај одделните видови кои најчесто бидуваат сфаќани како збирни. Освен тоа, во природата се одвива и процес на вкрстување како резултат на кое настануваат природни хибриди, со што се зголемува полиморфноста кај видовите од овој род.

Според Camu, родот Quercus е расчленет на подродовите:

  • Cyclobalanopsis и
  • Euquercus.

 

Подродот Cyclobalanopsis

Се карактеризира со тоа што кај видовите што ги вклучува лушпите (стипулите) по куполите се меѓусебно сраснати во концентрични кругови. Овој подрод опфаќа околу 90 вида кои најмногу се застапени во субтропските и тропски подрачја на Југоисточна Азија и Малајскиот архипелаг. Со оглед на тоа што тие не можат да виреат во подрачја со умереноконтинентална клима, за нас немаат практично значење.

 

Подродот Euquercus

Вклучува видови чии ареали се протегаат на многу поголемо пространство. Притоа тие се раширени по цела Северна Америка допирајќи до субтропските и тропски одрачја на Централна Америка. Освен тоа, тие се застапени по Европа, Азија и Северна Африка. Кај видовите од овој подрод стипулите по куполата не се сраснати. Тој е расчленет на 6 секции и тоа: Cerris, Mesobalanus, Lepidobalanus, Macrobalanus, Protobalanus и Erytrobalanus. Од нив за нас претставуваат интерес само четири.

 

Sektio Cerris.

Расчленета е на повеќе потсекции во кои се опфатени околу 30 вида. Нивните ареали се протегаат по Јужна Европа и по планините од умерената зона на Азија. Општа карактеристика на најголемиот број од нив е што нивните желади созреваат во текот на две години.

 

Sektio Mesobalanus Camus

Опфаќа 5 вида кои ce застапени во Јужна Европа, земјите околу Црно Море, умерените подрачја на Азија и др. Од нив за нас од интерес е само еден вид.

 

Сектио Lepidobalanus Endl.

Вклучува 152 вида кои природно виреат во Европа и субтропските к умерените подрачја на Азија.

 

Sektio Erythrobalanus Spach.

Опфаќа повеќе од 200 вида. Тие се распространети во атлантските делови на Северна Америка, Калифорнија, Мексико и Централна Северна Америка. Кај сите нив желадот созрева за две години и се карактеризира со горчлив вкус.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!