Продолжува праксата за ловење во матно, односно пријави против ниските ешалони во јавното претпријатие. Досега ниту еднаш во изминативе 20 години од неговото постоење не е покрената никаква постапка против некој од врниот менаџмент (барем ние не сме запознаени со такво нешто), што остава впечаток дека тие се попоштени дури и од високите функционери во МВР, и од државните советници, и од министрите, па и од премиерите. Според тоа испаѓа дека Владите и МВР се дувло на курупција на криминал, а јавното претпријатие е пример за совесно и поштено работење. Судејќи според тоа што нема процес против никого, можно е и тоа да е така.
Следен кој треба да остави впечаток дека постои борба против корупцијата е референт од Македонска Каменица. Против 53-годишниот М.Ј. од селото Саса, општина Македонска Каменица, референт во јавното претпријатие „Македонски шуми“, е поднесена кривична пријава за „злоупотреба на службената положба и овластување”, „злоупотреба на лични податоци“ и „посебни случаи на фалсификување исправа“.
М.Ј. се товари за измама тешка 120 евра, откако противправно си присвојувал отпад после сеча.
„Во периодот од 28.11.2016 до 31.12.2016 година М.Ј., како самостоен референт во Јавното претпријатие „Македонски шуми”- подружница Делчево, без знаење на Љ.Г. (58) и Љ.Д. (60), двајцата од Македонска Каменица, во нивно име поднел две барања за обезбедување на отпад собран после сеча за сопствени потреби од страна на физички лица. После тоа изготвил и две одобренија за собирање на отпад после сеча на вкупно 6,5 метри кубни дрвна маса, коишто подоцна ги продал на други лица и се стекнал со противправна имотна корист во износ од 7.387 денари. Исто така, во преиодот од 14.11.2016 до 31.12.2016 година, пријавениот, без знaење и овластување на тогашниот директор потпишал 43 одобренија за физички лица за собирање на отпад после сеча во државна шума“, велат од МВР.
Извор: /www.biznisvesti.mk/