Кривогаштански блатен даб

 

Еден примерок од македонската дендрофлора, кој плени со својата импозантност, големина на крошната и дебелото стебло, е Блатниот даб (Quercus robur syn. Quercus pedunculiflora) во с. Кривогаштани. Овој даб се наоѓа во дворот на селските гробишта, во непосредна близина на главната селска црква Свети Димитрија, веднаш покрај патот што води од Прилеп кон Крушево. Со својот впечатлив изглед дабот го привлекува вниманието на секој минувач и на бројните туристи кои поминуваат на оваа фрекфентна делница која води кон нашиот познат туристички центар.

Блатниот даб во Кривогаштани досега не бил предмет на заштита според ниту еден закон, но во согласност со важечкиот Законот за заштита на природата, а со извршената валоризација со која е утврдена неговата моменталната состојба, старост, степенот на загрозеност, како и значењето на стеблото за локалната заедница, ќе се даде можност ова дрво да се стекне со статус на природна реткост. Со тоа ќе се создадат предуслови за перманентен мониторинг и преземање соодветни мерки за заштита на дабот, а во насока на негово одржување во добра кондиција и продолжување на животниот век.

Кривогаштански блатен даб

Официјални податоци за староста на на овој даб не постојат. Неговата проценета старост, утврдена при процесот на валоризација, е 632 години. Локалните жители го препознаваат дрвото како природна атракција, како природен објект кој претставува доказ за многувековното потоење на село Кривогаштани и како дел од колективната меморија на многу генерации кривогаштанци. Поради тоа, може да се каже дека ова дрво, покрај природна има и значајна културно-историска вредност.

Кривогаштанскиот блатен даб е дрво со впечатливи морфолошки карактеристики. Висок е 25 метри, со дебело стебло кое во основата има дијаметар од 4,46 метри, а на градна височина од 3,17 метри. Има разгранета крошна која започнува со три многу дебели гранки кои во повисоките делови се разгрануваат на поголем број гранки во сите правци. Кората на стеблото е со длабоки надолжни бразни кои само го потенцираат впечатокот за големата старост на ова дрво.

Кривогаштански блатен даб

Во крошната се забележуваат голем број суви гранки кои делумно се искршени. Во минатото, при сечење на суви гранки, еден работник се повредил со моторна пила, па поради таа случка никој повеќе не се нафаќал да интервенира во крошната, бидејќи преовладеал страв и суеверие, поради тоа што дабот е во црковен двор (на вакавско место) и среде гробишта.

Значајно за овој даб е и тоа дека поради развиената крошна со многу гранки тој преставува значајно живеалиште и престојувалиште за птици. На повисоките гранки регистрирано е присутво на 10 парови на Сива чапја (Ardea cinerea).

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!