Шумите во голема мера влијаат на стабилноста на климатските прилики, на смалување на климатските екстреми и нивната појава. Шумските екосистеми се едни од основните стабилизатори на климата, кои имаат влијание на сета биосфера.
Влијанието на шумата врз микроклимата доаѓа како резултат на дирекното делување врз основните климатски елементи (температурата, врнежите и струењето на воздухот, односно ветерот). На одредени месторастења, шумата претставува фактор на стабилноста, бидејќи со нејзиното присуство таа не дозволува појава на климатаски екстреми. Во тој случај, нејзиното влијание е највеќе изразено преку регулирање на топлината и влажноста.
Ако се направи споредба помеѓу микроклиматските услови формирани во шума и надвор од неа се забележуваат видни разлики. Во шумата се случуваат послаби температурни колебања отколку надвор од неа, има послабо струење на воздухот, зголемена влажност во воздухот, намалено испарување, поспоро топење на снегот и зголемени количини на врнежи.
Микроклиматските промени во шумата се дел од сложените состојби кои таа ги наметнува со посретство на климатските фактори врз кои дирекно е изложена. Па според тоа, состојбите кои се случуваат во шумата се следните :
- На местата под шумска вегетација приемот на енергијата е менлив. Поради зголемената лисна површина во горниот дел на крошните, активниот апсортивен слој е зголемен, со што сончевата светлина преку ден помалку доаѓа до површината на почвата.
- Површината под шума преку ден помалку се загрева отколку онаа на отворено, така што топлината која е акумулирана во текот на денот, шумата многу побавно ја испушта во текот на ноќта.
- Под влијание на шумските растенија, поготово на дрвните видови, дневните температурни колебања се помали, така што преку ден е посвежо, а преку ноќ е потопло.
- Шумата ги намалува годишните температурни колебања, со што допринесува за појава на значително помали екстремни температури. За оваа појава посебно се позначајни лисјарските видови.
- Голем удел шумата има врз распределбата на врнежите, така што дел од врнежите се задржува на лисјата, дел на гранките, а дел и на деблата. Иглолисните видови имаат поголема можност за задржување на врнежите отколку лисјарските.
- Со зголемување на испарувањето во шумите како и зголемувањето на влажните појаси околу шумите, допринесуваат за појава на зголемување на количините на врнежи. Со не така голема сигурност, се смета дека на места под шума зголемената количина на врнежите изнасува до 10%.
- Под влијание на шумите, релативната влажност на воздухот во нив е поголема. Високата релативна влага и намаленото испарување се главен предуслов за стабилноста на температурата на воздухот.
- Шумите со своето присуство ја намалуваат брзината на ветрот. Потпирајќи се на својот состав изразен преку крошните, стеблата и грмушките, на ветерот му се спротивставуваат, односно му даваат механички отпор, со што ја намалуваат неговата сила. Поради ова позитивно делување на шумските дрвја и грмушки на места каде ветровите се редовна појава во поголема јачина се подигаат ветрозаштитни појаси.
- Од големо значење се шумите кои ја спречуваат еолската ерозија. Добар пример за оваа појава се ветрозаштитните појаси во Овчеполско, Пелагонисно и на други места.
- Зелените појаси составени од природни шуми или вештачко подигнати насади, околу градовите и другите урбани средини, ја прават климата многу поблагопријатна.