За шумската мафија казни од 1,7 милиони евра

Во земјава постојат добро организирани групи на дрвокрадци, кои во
некои случаи се поопремени и од самата шумска полиција. Оваа „шумска мафија“
буквално ги има соголено шумите во Скопско, но и Шар Планина, а последиците од
бесправната сеча на дрва имаат далекусежни последици. Првиот човек на Шумската
полиција, Ејуп Јаја вели дека последните случувања во Тетово, каде во големите
поплави имаше и шестмина загинати, го вклучија алармот поврзан со
долгогодишниот проблем со бесправната сеча на дрва, особено на Шара.
Според него, последиците од дрвокрадството се огромни, како од
материјален аспект, така и во однос на лизгање на земјиштата, надојдување на
реките, намален шумски фонд, нарушување на човечката околина и слично.
Само за неколку месеци, како што информираше полицијата, во Скопско е
опустошена шума вредна 200 илјади евра. Преценките на експертите се дека само
во периодот од 2007 до 2010 година, Македонија годишно губела по околу 10
милиони евра од дива сеча.
„Штетата од еколошки аспект е доста поголема од материјалната штета и
стоиме на ставот дека државата треба да ги зголеми инвестициите генерално во
шумарството, а не да се базира на финансискиот приход од шумарството. Треба да
се погледне  и на еколошкиот аспект, бидејќи сведоци сме на штетите што
може да ги претрпи државата, како што беше последниот случај во Тетовско“, вели
раководителот на Шумската полиција, при Министерството за земјоделство,
шумарство и водостопанство.
Загрозени од дрвокрадството се речиси сите региони во земјата. Штетата
е најголема во Скопје, Тетово, Велес, Гостивар, Берово, Струга, Прилеп и
Струмица – региони каде шумскиот фонд е поголем, а со тоа и побарувачката за
продажба на дрва е поголема.
Според Ејуп Јаја, Шумската полиција, во рамките на своите можности, секојдневно е присутна на терен и презема мерки за да се спречи пустошењето на
шумите. „Се вршат координирани акции за контрола на теренот во шума и
преку контрола на средства со кои се превезува дрвото, како и контрола на
дрварите каде се складира и продава огревно дрво. Шумска полиција во периодот
од јануари до јуни годинава, има поднесено 909 прекршочни пријави до Основните
судови и 135 кривични пријави до Јавно обвинителство.
Од почетокот на годинава до јуни се донесени 1.227 пресуди за бесправна
сеча на дрва, од кои во 749 случаи се изречени казни во висина од 105.199.172
денари, односно 1,7 милиони евра.
Шумската полиција, во акциите, има одземено 933,64 кубни метри дрвна
маса, при што се откриени 38 товарни возила со дрва, 193 патнички возила, 18
трактори и приколки, 35 други приколки и 87 запреги.
Дрвокрадците биле добро опремени за пустоењето на шумите. Инспекторите
на лице место пронашле и заплениле поголем број моторни и рачни пили и секири,
со кои што била извршената бесправната сеча. Од почетокот на годинава до јуни
се донесени 1.227 пресуди, од кои во 749 случаи се изречени казни во висина од
105.199.172 денари, односно 1,7 милиони евра.
Повикувајќи се на информациите добиени од Шумско полициските станици,
нашиот соговорник вели дека станува збор за сериозен проблем и за добро
организирани групи кои ги пустошат шумите. Во врска со оваа појава била
информирана и Владата, што резултираше со акцијата „Гора“, спроведена од страна
на МВР, а во која се вклучени сите релевантни институции. Полицијата досега во
рамките на оваа акција има поднесено над 100 кривични пријави за злоупотреби
околу бесправната сеча на шума во повеќе региони, против поединци и фирми.
„Ние како една од клучните институции што сме вклучени во акцијата, сме
задоволни со резултатот и сметаме дека таа треба да продолжи“, вели Ејуп Јаја и
додава: „Каде што има шума, секаде има опасност од нејзино опустошување.
Шумската полиција е распространета низ целата држава, има пунктови на повеќе
места, но проблем имаме со планинските села, кои не можеме да ги контролираме.
Тие за сопствени потреби сечат од шумата, но слабост е на институциите што не
создадоа мрежа да се прави планска сеча и мештаните да плаќаат надомест за
исечените дрва“. Според него, треба да се изнајде решение за недостигот на
дрвна маса на пазарот на државата, но и да се реши проблемот со прекршителите –
повторници, кои иако веќе неколку пати биле фатени како крадат дрва, и против нив
биле поднесени пријави до судовите, сепак контролите ги пронаоѓаат на терен,
како повторно ги уништуваат шумите.
Шумската полиција, според него, се соочува со низа проблеми во текот на
својата работа и контролите на теренот. Тие се разликуваат во зависност од
регионот и  теренот што го покрива Шумската полиција, како и од
организираноста на дрвокрадците.
Следејќи ги секојдневните проблеми со дивата сеча на дрва, со одлука на
Владата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, направен
е план – проект за зајакнување на капацитетите на Шумска полиција. Со овој план
е предвидено набавување на нови теренски возила и зголемување на лимитот на
гориво, набавка на униформи и зголемување на бројот на вработените.
Исто така со проект, кој е поддржан и финансиран од страна на Мисијата
на ОБСЕ во Скопје е предвидено формирање на пет регионални центри на
територијата на Македонија за обука на вработените во Шумска полиција. Оваа
обука треба да се реализира кон крајот на годината, и со неа се надеваат дека
ќе се создаде можност за поголема ефикасност на Шумската полиција на терен.
„Државата може да се справи со дрвокрадците, сведоци сме годините
наназад дека нашиот ангажман дава резултати и се надеваме дека тие во иднина ќе
се подобрат“, заклучува првиот човек на Шумската полиција.
Даниела Трпчевска
Извор: /www.utrinski.mk/

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!