Ги читам извештаите и на едните и на другите и се чудам, овие или се прават луди или не владеат со проблематиката ?!? Баш би сакал да го погледнам тој фамозем извештај, бидејќи се некако ми изгледа дека тоа се едни паушални и недоволно проверени информации кои се базираат на ненаучи методи. Ајде да речеме дека за палмите лесно може да се утврди ефектот, но се наметнува прашањето како е утврден ефектот на успешноста на „Денот на дрвото“ ?
Имено, според информација од Владата дадена по својата последна седница, од почетокот на реализација на „Денот на дрвото – засадија својата иднина“, па до 2016 година, за оваа национална акција биле потрошени 17,8 милиони евра, а преживеале само 21 отсто од вкупно заседените садници.
Покрај тоа, Владата заедно со преставници на ЈП „Македонски шуми“ на седницата ги разледуваше и средствата потрошени за засадувањето палми, исто така дел од оваа акција. Во извештајот се наведува дека од толку многу скапи палми не преживеала ниту една, а за нив биле потрошени неверојатни 31 милион денари, односно околу пола милион евра. Но доколку на оваа сума се додадат и средствата за нивно одржување во живот, трошоците ќе бидат значително поголеми.
Сепак според многумина постои сомнеж во точноста на бројките. Како прво, постои сомнеж за реалната површина која е пошумена, а како второ и за бројот на садници кои се употребени за акцијата. Ако се утврдат нивните реални вредности, верувам дека ќе се добие поголем процент на прифаќање, но од друга страна ќе се покрене прашање за одговорност за прикажување на лажни податоци кои имале директно влијание врз финасиски показатели.
Се ми изгледа дека истите кои беа директно вклучени во акцијата „Денот на дрвото“ и од чија стручност зависеше успрешноста на оваа акција, односно истите оние кои една декада манипулираа со претходното раководство, дека сега манипулираат и со новото со што го доведуваат во ситуација да испаѓа смешно и тотално нестручно.
Незнам кои лица го изработувале извештајот и кој учествувал во утврдување на успешноста на акцијата „Денот на дрвото“, но верувам дека истите тие лица биле директни учесници во самата акција и тие би требало најдобро да знаат дали се реални прикажаните површини и количини на употребени садници.
Ова не го пишувам паушално, бидејќи постојат информации дека во минатото направена е стручна проценка на ефектите од акцијата „Денот на дрвото“ и наводно токму поради тоа што се утврдени помали вредности од официјалните податоците што не одговарало на популизмот на претходната Влада, истиот извештај наводно бил игнориран и „турен во фиока“. Незнам зашто овој податок никој не им го кажал на новите „фактори“, но како што изгледа премногу веруваат на разни извори кои се недоволно доверливи и со сомнителен капацитет.
Затоа кога ги гледам извештаите и на едните и на другите работава ми игледа многу комична, несериозна и аматерска, бидејќи се добива впечаток дека се нема осет за проблематиката и за ситуацијата. Изгледа и понатаму продолжуваме да си живееме со светот на бајките креиран од нашите лаги и фантазии.
Не е работата само да каже дека не е успешна акцијата, тоа повлекува со себе еден куп други последици и дејствија против институции и поединци. Ако е неуспешна акцијата, треба да се види зашто е тоа така:
– дали поради лоша организација?
– дали е лошо спродеувањето на акцијата?
– дали е тоа до квалитетот на садниците?
– дали е поради нестручно и непрофесионално постапување со садниците?
– и слични одговори.
Ако такво нешто тврдат одговорните лица во ЈП „Македонски шуми“, сега ќе треба да превземат конкретни чекори за утврдување одговорност во сопствените редови. Затоа, бидејќи во прашање се судбини на голем број на лица вклучени во самата акција, во јавноста и пред надлежните органи не смее да се излегува со недоволно проверени податоци и докажани преку научни методи од независни институции.
Сепак кога се ќе се сублимира, боли впечатокот дека во сета ситуација најтрагично и најжално е што една убава и благородна идеја се претвори во симбол за корупција и пералница за пари. Изгледа во нашето општество освен борбата за власт и личната корист, ништо друго не е свето.