Со помош на вработени во шумско стопанство со неточни податоци набавил дрва по пониска цена што ги продавал по двојно поголема цена
Полицијата во соработка со надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Т.Д.(33) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело фалсификување исправа и Љ.П (50) од Велес и Р.Х. (51) од село Бузалково општина Велес- двајцата вработени во Шумско стопанство „Бабуна”, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Во текот на 2013 година Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство донело одлука за обезбедување со шумски асортименти за свои потреби за физички лица од државна шума, за жителите на околните села во атарот на село Рудник. Првопријавениот, во текот на три месеци во 2013 година, доставувал барања во име на повеќе лица до овластениот шумарски инжењер надлежен за теренот на село Рудник.
Во барањата, првопријавениот внесувал неточни лични податоци, при што второпријавената, иако била должна да го утврди идентитетот на подносителот на барањето, без да побара било каква идентификација на купецот му ги одобрила сите барања. Првопријавениот по изготвените пресметки во благајната на Шумско стопанство „Бабуна“ уплатил средства со просечна цена од 1.200 денари по метар просторен. Третопријавениот, иако знаел дека обврска на секој кој добил сеча од државна шума е сам да ги исече дрвата, му овозможил на првопријавениот 29 пати да исече и товари вкупно 189 метри просторни дрва.
Првопријавениот ги продал дрвата на повеќе лица за износ од 2.400 денари по метар просторен, при што разликата од 1.200 денари ја задржал за себе, непријавувајќи ја, со што се стекнал со имотна корист од 226.800 денари.
Извор: /www.mkd.mk/