Сончарка (Macrolepiota procera)

Сончарката (Macrolepiota procera), позната и како срнска печурка, прстенеста печурка и срндач, е јадлива печурка која расте во сите шуми, особено во мешаните и багремовите шуми, но и во ливадите, а ја има и во овоштарниците. Многу е честа појава, а расте на различни надморски височини. Сезоната на растење е кон крајот на летото и есента (од септември до ноември). Се јаде само капата (која често се пржи во готвењето) и се смета за еден од највкусните деликатеси.

 

Сончарка (Macrolepiota procera)

 

Опис на видот: Плодното тело се состои од шапка и од дршка. Хименофорот се наоѓа на долната страна од шапката и е составен од ливчиња.

Шапка: Има пречник од 10 до 30 сантиметри. На почетокот e јајцевидна или топчеста, а потоа широко отворена со неизразено испупчување на средината. Површината е покриена со лушпи, често наредени во концентрични кругови. Има од кремова до светлокафеава боја, која секогаш е потемна на средината.

Ливчиња: Слободни се, густи, широки, меки и со бела боја. Дршката е од 15 до 35 сантиметри. Тенка е, шуплива, цилиндрична, кон основата се задебелува, многу е жилава и влакнеста. Има кремова боја прошарана со темнокафеави линии. Прстенчето е добро развиено, двослојно и подвижно по дршката. Месото е меко, тенко, сочно и има бела боја. Кај старите примероци е суво, кожесто и кремово. Има пријатен мирис и сладок вкус.

Живеалиште: Се среќава во светли листопадни и зимзелени шуми, пасишта и ливади. Многу чест и широкораспространет вид. Расте во големи колонии, но може да се сретне и поединечно.

Делови кои се собираат: Само шапката. Време на собирање: од почетокот на јули до крајот на ноември. Алатки за собирање: Ножици и нож.

Метод на собирање: Сончарката се бере многу тешко со завртување поради дрвенестата дршка. Таа треба да се сече со ножици или со нож. Се собираат само млади и здрави чадорчиња. Собраните печурки се ставаат во сламени кошници.

На местото на собирање треба да се остават најмалку 20% недопрени печурки. Не собирајте незрели, недоволно развиени или стари и црвливи примероци и оние кои се наоѓаат во близина на сообраќајници или депонии.

Третман по собирањето: Особено е погодна за сушење.

 

Сродни и слични видови

 

  1. Видови од СМРТНО ОТРОВНИОТ род Lepiota. Со оглед на димензиите на сончарката, замената со претставниците од родот Lepiota кои имаат многу мали димензии е занемарлива.

Lepiota ОТРОВНА НЕ СЕ ЈАДЕ!!!

  1. Можна е замена со лушпестата сончарка (Macrolepiota rhacodes) која е многу слична, а се разликува по широките и крупни лушпи на горната површина на шапката и месото кое на пресек поцрвенува, но овој вид, исто така, се јаде.
  2. Грбавата сончарка (Macrolepiota mastoidea) е сличен вид, но е со помали димензии, со ситни лушпи и силно изразена грпка на шапката, но и овој вид не е отрoвен и може да се јаде.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!