Штрајк во ЈП Национални шуми

 

Акумулираните проблеми во ЈП „Национални шуми“ кои негативно се одразуваат врз вработените во претпријатието, кулминираа со најава за прекин на работењето и штрајк на вработените. На денешната прес конференција одржана во просториите на ССМ, Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски најави штрајк којшто ќе почне од 7 март сѐ до исполнувања на барањата на Синдикатот, а барањата се многу едноставни – редовна и целосна исплата на плата на вработените, надоместоци на плата и додатоци за плата како најболни теренски додаток кој не е исплатен скоро една година.

„Синдикалните претставници одлучија во своите подружници заедно со Синдикатот за градежништво и дрвна индустрија да го почне штрајкот и да не го прекинува сè до моментот додека не се исплатат и јануарската и февруарската плата заедно со овие надоместоци и додатоци“, изјави Пешевски.

 

Да беа паметни претставниците на власта и раководството

 

Како што изјави Пешевски на прес конференцијата, проблемите во текот на годините толку многу се зголемуваат што денеска, конечно, се донесе одлука првпат по толку време овие вработени да застанат рамо до рамо со другите братски синдикати, кои своите права и обврски си ги остварија единствено преку протести и штрајкови и нема да застанеме сè додека не се исплатат платите на вработените.

Искуството покажува дека до сега никој со пасивно набљудување од страна и непродуктивни дијалози не се изборил за своите права, туку тоа го остварил преку сериозна борба и решителност. Сите вработени кои сплотени околу синдикалните здруженија гласно си ги побараа правата, истите и ги добија. Заборавени и погазени останаа само оние кои ништо не бараа и никогаш не реагираа. Како пример сеуште се свежи искуствата на вработените во образование, здравство, ЈСП и др., кои цврсто застанаа во одбрана на своите права (зголемување на платите или нивна нередовна исплата) и ги добија истите.

„Да беа паметни претставниците на власта и раководството во „Национални шуми“ немаше на сила да вработуваат луѓе токму пред избори, туку, ќе ја дадеа навремено платата, како во декември, така и во јануари, и во месец февруари. Меѓутоа, многу полесно беше да се изманипулираат луѓето, скоро 400 вработени да добијат работни места, а сега скоро две илјади вработени да не добијат плата. Со ваква лага пред народот и со вакви ветувања овие луѓе нема да излезат на избори, туку ќе излезат пред Владата да штрајкуваат. “, рече Пешевски.

Од Синдикатот апелираат до претставниците на власта, вицепремиерот за економски прашања и до премиерот да најдат решение како да добијат навремено плата и плата достоинствена за живот на вработените.

„Вработените ќе бидат доследни на овие барања и нема да почнат со работа, да не излезе дека се закануваме, во прашање се и домаќинствата на кои ќе им треба огревно дрво, без притоа да бидеме скромни, дека ќе има одредени работни места што ќе ги извршуваат задачите, напротив, нема никој ништо да извршува на своето работно место. Ако имаат доблест, раководството, менаџментот, по овој момент на неисполнување на барањата, треба да си дадат оставка и да си заминат од претпријатието засекогаш, а не да додаваат проблеми. Нашата одлука е никој да не работи бидејќи никој во моментот не зема плата.

 

Ако некој му одговара нека работи без плата

 

Како што порача Пешевски, доколку некој не му смета да работи без плата, слободно нека си работи. Никој не сака повеќе да извршува работни задачи бидејќи никој не носи дома плата веќе втор месец, а во меѓувреме платите доцнеа по 15-20 дена, беа намалувани без никаков основ, без никакви консултации со синдикалните претставници. Овој хаос сакаме да заврши, конечно да биде почитуван секој вработен во одделот шумарство бидејќи работат во екстремни услови, а не може дома да однесат плата од 25 илјади во просек.

Срамно и жално како никој досега не се заангажира да го реши проблемот во ова јавно претпријатие. Платите минатата година пораснаа, но ние не треба да чекаме милостина за 2.000 денари, овие луѓе се технички персонал, инженерски кадар, кои заслужуваат многу повеќе од 40.000 денари плата, а не да зборуваме за плата блиску до минималната. Овде никој не треба да зема плата под просекот, а не да биде илјадарка-две над минималната. Зборуваме за инженерски работни места. ЈП „Национални шуми“’ е во 30 града во државата, оваа одлука се однесува за сите. Од сите претходни разговори и преговори и со менаџментот и со власта излеговме изиграни, излажани, изманипулирани“, рече Пешевски.

Како што објасни Пешевски, оправдувањето за новите 400 вработувања било дека има претпријатието потреба од такви вработени, но вели, „магично, кај нас во државата сите овие вработувања се пред избори во јавните претпријатија“.

„Ако имале потреба, нека ги задржат. Претходно, ги водеа како сезонски работници. Повеќето од нив немаат ни пензиско, ни здравствено, ни плата два, три, четири месеци во годината. Не сме ние мечки да хибернираме, да јадеме и пиеме преку лето, а зимно време да не добиваме никаква плата од државата“, додаде тој.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!