Синдикатот во шумарство „Заспана убавица“

 

Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која тие доброволно се здружуваат поради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.

Согласно Законот за работните односи (ЗРО), работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат без какво било претходно одобрување и да се зачленуваат во него под условите пропишани со статутот или со правилата на тој синдикат.

Мал број работници се информирани за своите права од работниот однос, што е главната причина зошто тие не знаат ниту да си побараат некое право ниту, пак, знаат како да се заштитат. Покрај тоа работникот како единка не е моќен сам да се избори за остварување на своите права или добивање поголеми права, па кога настапува здружено има поголемо влијание врз менаџментот на претпријатието. Оттука произлегува и потребата за здружување во синдикат.

Бидејќи синдикатот ги застапува и брани правата на вработените кои може да бидат ускратени од менаџментот на претпријатијата, тој на некој начин треба да претставува опозиција на менаџментот и коректор на лоши менаџерски одлуки.

Сепак во пракса често тоа не е случај, туку пасивноста и премолчаното одобрување на штетни одлуки на менаџментот, би можеле да укажуваат на некаква спрега помеѓу менаџментот на едно претпријатие и синдикалното раководство. Секако дека секој менаџмент има на располагање големи ресурси и механизми со кои може да ја „купи“ или „обезбеди“ пасивноста и премолчаното одобрување на синдикалните претставници за некои свои штетни одлуки кон вработените.

 

Синдикално здружување во шумарството

 

ЈП „Национални шуми“ е јавно претпријатие кое е формирано од Владата и од неодамна има две синдикални здруженија. Едното здружение е Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика на Република Македонија (СШДИЕ) на чие чело е Живко Митревски. Овој синдикат е дел од Сојузот на синдикати на Македонија и според страницата на ССМ влече корени уште од 1990 година. Оваа синдикална организација во 2006 година е потписник на Колективниот договор за работниците во јавното претпријатие за стопанисување со шуми – Македонски шуми ПО Скопје, како и на неколку негови подоцнежни измени и дополнувања. Сепак во последните години се поизразено е незадоволството од неговата работа, па тоа резултира со формирање на второ синдикално здружени на вработените во ЈП „Национални шуми“.

Директорот на ЈП „Национални шуми“ со претседателот на синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика на Република Македонија

Извор: Facebook  страница на ЈП „Национални шуми“

 

Како сериозна забелешка на ова синдикално здружени може да му се припише согласноста со бришење на членот 56 од Колективниот договор на вработени во јавното претпријатие, со што се оневозможи пресметувањето на платата според коефициентот на сложеност на работните места. Ова одлука остава впечаток дека се коси со Општиот колективен договор член 13 кој бил на сила во тој период, според кој „Основната плата се утврдува така што износот на најниската плата се множи со коефициентот на сложеност на работното место на кое работникот работи, според договорот за вработување. “ , но и со новиот Општ колективен договор каде според член 13 „(1) Основната бруто плата на вработените во јавниот сектор е составена од: просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место. “.

Со таа одлука овозможено е вработените во ЈП „Национални шуми“ денеска да земаат многу пониска плата од онаа која би ја земале доколку платата согласно Општиот колективен договор би им се пресметувала како основица и плус коефициент за сложеност на работните места кој се множи со минимална плата.

Второто синдикално здружение во шумарството е дел од Синдикатот за Градежништво – СГИП на чиј Претседател е Иван Пешевски, а главен синдикален претставник на СО на ЈП Национални шуми е Ванчо Велков. Ова е формирано пред неколку години и до скоро се бореше да се наметне како сериозен партнер на менаџментот за дијалог. Од страна на Директорот на ЈП „Национални шуми“ му беше оспорувана репрезентативноста, но на почетокот на оваа година овој синдикат успеа да ја докаже истата, така што и покрај бројното членство немаше доволно време да се докаже како вистински бранител на интересите на вработените и сериозна опозиција на менаџментот.

 

Зачудувачка пасивност на синдикалните здруженија

 

Два синдикати во едно претпријатие во нормални услови би требало да преставуваат благодет за вработените и гарант дека нивните права ќе бидат силно застапувани и бранети. Сведоци сме од секојдневието дека во претпријатија каде постојат барем по две синдикални здруженија, секое здружение за го докаже кредибилитетот и да ја придобие довербата помеѓу вработените настојува што е можно пожестоко да ги брани правата на вработените и да издејствува што е можно повеќе поволности за нив.

За жал во пракса вработените во ЈП „Национални шуми“ не видоа некоја голема полза од нив. На пример колку е бизарна состојбата може да послужи и примерот што ниту еден синдикат не се погрижи вработените или нивните членови да имаат можност барем да се снабдат со огревно дрво од претпријатието во кое работат. Но тоа е друга тема, едноставно парите на вработените „немаат иста вредност“ како оние на препродавачите на огревно дрво.

Секако дека постои можност дека синдикалните здруженија имаат направено нешто и за вработените, но да се премногу срамежливи и скромни, па јавно не се фалат со своите заслуги.

Шала на страна, сепак состојбите во ЈП „Национални шуми“ се премногу сериозни за синдикалните здруженија да си дозволат таков луксуз и да пасивно ги набљудуваат состојбите. Не само што претпријатието практично е во тотален хаос и финансиска бездна, туку и некои одлуки на раководството само ја продлабочуваат кризата и го прават речиси невозможен секој евентуален обид за нормализирање на состојбите. Јавното претпријатие е доведено во состојба да не може ниту да ги сервисира тековните и режиски трошоците за нормално функционирање (комуналии, струја, репроматеријали, резервни делови, кредити, лизинг, доверители, услуги и сл.), а камоли да обезбеди финансии за плати и развој.

Како резултат на тоа во последниот период зачестена е појава на вработените да не им се исплаќа навреме плата, па дури и да остануваат без здравствено осигурување. Тоа дополнително ја влошува и без тоа очајната состојба на вработените предизвикана од нивните ниски примања и скратувања на разни додатоци на плата.

Затоа изненадува пасивноста на двете синдикални здруженија во однос на катастрофалната состојба во која наоѓа претпријатието, кршењето на основните работнички права, обезвреднување на трудот и изигрување на законите на штета на вработените. Едноставно далеку од здрав разум е дека покрај толкав голем број на проблеми со кои се соочуваат вработените, ниту едно од синдикалните здруженија јавно да не излезе во одбрана на вработените и со осуда на кршењето на нивните основни работнички права.

Ниту едно синдикално здружение не само што до сега не повикаа на штрајк, туку се добива и впечаток дека некој во синдикалните раководства го минираат секој обид на ваков начин да се упати порака до Директорот, менаџментот или Владата која е основач на јавното претпријатие.

Некакво оправдување за недоволната неангажираност на новоформираниот синдикат Синдикатот за Градежништво – СГИП може да се оправда и со проблемите со кои се соочуваше, но најголем дел од нив веќе се надминати. Еден од проблемите со кој се соочија беше што тие се бореа да ја докажат репрезентативноста, што директорот вешто го користеше за нивно отстранување од секаков посериозен дијалог, но од почетокот на оваа година и тој проблем го надминаа.

Извор: Facebook  страница на синдикатот за градежништво – СГИП

 

Согласно информациите кои ги споделија, овој синдикат во неколку наврати се обиде да разговара со Директорот на ЈП „Национални шуми“ за проблемите со нередовно исплаќање на платите, но изгледа не му се дораснати за преговори, па лесно беа изманипулирани. После состанокот одржан на 14 февруари дури и триумфално се сликаат пред вратата на јавното претпријатие најавувајќи исплата на јануарската плата и заостанатата декемвриска плата, но тоа не се оствари, барем не во договорениот рок. Верувам дека со таа постапка сакаа да ги израдуваат вработените и поединци да се само-промовираат, но всушност само станаа предмет на потсмев и мајтап.

Да се надеваме дека барем некое од синдикалните здруженија во ЈП „Национални шуми“ конечно ќе се разбуди и посериозно ќе застане во одбрана на работничките права на вработените. До тогаш членовите во здруженијата ќе си плаќаат членарина за ништо, а вработените најверојатно ќе бидат препуштени самите на себе, па само може да се случуваат некакви изолирани форми на револт или штрајк, ограничени само на поединечни подружници.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!