Есента е период од годината во кој е најефикасно пошумувањето. Поради поволните климатски услови, процентот на прифаќање на садниците е најголем, со што успехот од целата активност е најголем.
Во тек се акции за пошумување на опожарените површини низ целата држава, во кои активност земаат голем број на претпријатија и училишта со висока еколошка свест. Тоа е убава прилика вработените од овие претпријатија и учениците од училиштата да направат нешто добро за шумата, природата, општеството, за идните генерации, но и да се дружат и да поминат квалитетно време во здраво и природно опкружување.

Тоа воедно е убава прилика учесниците во пошумувањето да научат нешто повеќе за самата технологија на садење, видовите со кои се врши пошумувањето и да се запознаат со природните предели во близина на нивните места на живеење
Сето тоа кога ќе се искомбинира со позитивна атмосфера е гаранција за успешна акција, убаво дружење и позитивни импресии.
Логистика и стручни совети обезбедуваат вработените од ЈП „Национални шуми“, кои претходно ги подготвуваат површините на кои ќе се врши пошумувањето и обезбедуваат посадочен материјал.

Денеска на 25.11.2024 година како дел од тие активности се пошумуваа површини во близина на скопското село Кучково, на кои шумската дрвенеста вегетација беше уништена од шумски пожари. Во акцијата учество земаа средношколците од СУГСГ „Орце Николов“, кои заедно со Директорот на ЈП „Национални шуми“, неговиот заменик и вработените од ЈП „Национални шуми“ успешно ги пошумија опожарените површини со садници од црн бор и јасен. На пошумувањето учество зема и сопругата на премиерот Христијан Мицковски, која со својата ангажираност им даваше позитивен пример на учениците за посветеност кон работата и љубов кон природата.

Акцијата заврши успешно во весела атмосфера и со убави спомени. Секако дека за тоа голема заслуга им припаѓа и на вработените од ПШС „Караџица“, кои претходно извршија добри подготовки за спроведување на акцијата и со својот позитивен пристап им овозможија на учесниците сето тоа да им биде забавно и едукативно.
Сепак се чини дека од ваквите акции покрај бенефитите за шумата, природата и општеството, една од најголемите придобивки е отворањето на нови хоризонти на идните генерации и втемелувањето на љубовта кон природата и шумата.




