Потребата за планско стопанисување со шумите и со шумските ресурси, за пошумување на голите и на ерозивните терени, како и недостатокот на научни истражувања од областа на земјоделството и на шумарството се само неколку од причините пред 75 години, односно на 16 декември 1947 година да се формира на Земјоделско-шумарскиот факултет.
Тој е една од најстарите високообразовни институции на територијата на Македонија, а заедно со Медицинскиот и со Филозофскиот факултет учествува во основањето на првиот македонски универзитет – Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ).
По тој повод на 18 декември во просториите на факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженериг „Ханс Ем“ (сратено ХЕФ) се одбележа јубилејот 75 години од неговото формирање. За таа пригода факултетот ги собра најугледните лица од областа на шумарството во нашата држава. На настанот присуствуваа голем број на високи гости од ректоратот, факултетите од државата и од странство, претставници на соодветните министерства, дипломатскиот кор, и на јавните претпријатија и установи од областа, сегашни и пензионирани професори и академици, но и шумарски инженери, магистри и доктори на науки на кои ова им е матичниот факултет.

Од говорницата присутните ги поздравија Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Министерот за образование и наука, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, претседателот на МАНУ, како и деканот на УКИМ – ХЕФ.
По повод јубилејот 75 години постоењето факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженериг „Ханс Ем“ беше презентирано кратко видео за историјатот на факултетот и беше презентирана монографијата издадена по тој повод. Во рамките на прославата беа доделени и голем број на благодарници на поединци, при што по се изгледа не се штедело на хартија.
Најратко за Факултетот

Во 1975 година Земјоделско-шумарскиот факултет се радвојува на два факултети, Земјоделски факултет и Шумарски факултет.
Како Шумарски факултет функционира се до 2019 година, кога независно од трендот на промена на имиња на држава и установи во тој период, од факултетот решаваат истиот да биде преименуван во Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженериг „Ханс Ем“.
Според Факултетот, промената на името следува како резултат на заложбите за подобро претставување на сите аспекти со кои денес се занимава Факултетот, како во сферата на образованието така и во сферата на науката и на практиката, кои се многу пошироки отколку што е класичното разбирање на шумарството. Воедно, Факултетот во својот назив го внесува и името на академик Ханс Ем, кој е еден од основоположниците на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје.
Денес, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, како организациска единица на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, претставува единствена високообразовна и научноистражувачка институција од областа на шумарството и унапредувањето на животната средина во државата.
Продуцирање кадри од областа на шумарските науки
Од основањето во 1947 г. до март 2022 г., на Факултетот дипломирале 2.341 студент. Најголем дел од нив, односно 1.924 студенти, дипломирале на студиската програма Шумарство, што е и разбирливо со оглед на фактот што таа постои од самото формирање на Факултетот.

Покрај наведениот број на дипломирани студенти, во периодот од 1972 до 2011 г. дипломирале и 1.184 студенти во областа на дрвната индустрија.
Постдипломски (магистерски) студии на Земјоделско-шумарскиот факултет за првпат се воведени во учебната 1969/1970 г. Со воведувањето на постдипломските (магистерските) студии се создадени услови за поголемо остручување на шумарските инженери од областа на шумарството, како и предуслови за нивно вклучување во научноистражувачките работи, односно за пријавување, изработка и одбрана на докторска дисертација.
Во досегашната 75 годишно постоење на , Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ со гордост можеда каже дека продуцирало 112 магистри и биле одбранети 78 докторати од областа на шумарските науки.

Во целина убав јубилеј и да му посакаме на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ уште многу јубилеи и успешна работа.