Оваа габа во народот е позната под имињата Булка, Благва, Јајчарка и Рујница и сл. Булката е надалеку позната и мошне ценета габа. Таа е јадлива со инзвореден вкус и важи како една од најквалитетните габи. Ја познавале уште старите Римјани. Може да се подготвува на многу начини.
Во раната младост булката е обвиткана со дебела, месеста, бела обвивка. За време на растењето и развојот на плодното тело, обвивката буквално се раскинува и од неа израснува габа со прекрасна портокалова боја. Остатокот од обвивката останува на дното од задебелената дршка до крајот.
Доколку обрнеме внимание само на жолтеникавото месо и на шапката без остатоци од обвивката, не е можна замена со отровната мувоморка (Amanita muscaria) која има сосема бело месо и секогаш остатоци од обвивката на површината на шапката во форма на мали крпчиња. И Amanita aureola исто така суштински се разликува од булката по наведените особености.
Јадливата гулапка Russula aurata може, исто така, да наликува според бојата на шапката и на ливчињата, но морфолошките особености и се такви што замената е неможна, пред се затоа што R. aurata нема ни обвивка ни венче на дршката.
Булка (Amanita caesarea)
Шапка: широка 6-20 cm, co прекрасна портокалова боја, слична на зрел домат; понекогаш преовладува жолтата, а понекогаш црвената боја; во младоста е месеста, тркалезна, потоа јајцевидна и на крајот отворена; работ е правилен, а на старост исцрткан, малку леплив и секогаш гол и без остатоци од обвивката; не е исклучено понекогаш да се наиде и на остаток од обвивката во вид на откинато бело крпче.
Ливчиња: жолти, густи, кон крајот широки, измешани со покуси.
Дршка: висока 5-14 cm, месеста, жолтеникава, при дното задебелена; под шапката има жолтеникаво виснато ракавче (венче), нагласено ребресто; најнапред полна, подоцна малку шуплива; на дното има остаток од дебела, месеста, бела обвивка.
Месо: кај младите габи е белузлаво, а кон краевите, односно под кожичката на шапката е жолто; мирисот е ненаметлив и пријатен.
Спори: бледо жолтеникави, јајцевидни, 9-14 х 5-7 cm.
Месторастење: расте во лето и на есен во светли шуми и на шумски чистинки во топлите предели; во северните краишта е помалку застапена.
Употребливост: јадлива со извонреден вкус; тоа е сигурно една од најквалитетните габи.
Делови кои се собираат: Плодното тело. Време на собирање: од јуни до октомври. Алатки за собирање: Собирањето се врши исклучително рачно.
Метод на собирање: се собираат со завртување со цел да се зачува мицелиумот неоштетен. Полека се завртуваат и внимателно се извлекуваат од почвата. Местото од кое е извлечено плодното тело се покрива со супстрат. Се собираат здрави примероци со цела дршка. Собраните печурки се ставаат во сламени кошници. На местото на собирање треба да се остават најмалку 20% недопрени печурки. Плодните тела не смеат да се корнат ниту да се сечат со нож. Не собирајте незрели, недоволно развиени или стари, црвливи или примероци кои се наоѓаат во близина на сообраќајници или депонии.
Третман по собирањето: Овој вид печурка се употребува во свежа состојба и е една од највкусните печурки. Позната е уште од римско време, по што го добила и латинското име. Може да се суши, саламури, маринира или смрзнува.