Екипи на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ денеска извршија пресадување на повеќегодишно дрво платан, од улицата „Васко Карангелески“ во општина Аеродром на избрана локација во Градскиот парк. Пресадувањето било извршено со специјалната машина за пресадување на дрвја, во сопственост на ЈП „Паркови и зеленило“.
Иако овој период не е најпогоден за вакви активности, сепак вреди да се направи обид за да се спасат дрвата. Особено е ризично пресадување на платанот во овој период, бидејќи не само што има голема лисна маса, туку тоа е стебло со длабок и многу разгранет коренов систем.
Како што информираат од Град Скопје, со пресадувањето на едно дрво од улицата од „Васко Карангелевски“ во општина Аеродром се ослободува трасата и се овозможува продолжување на градежните активности за нејзиното проширување и изградба, на потегот од булеварот „Јане Сандански“ до булеварот „Трета македонска бригада“. Претходниот проект со реконструкцијата предвидувал сечење на дрворедот на потегот на целата улица, а со направените измени во проектот се зачувува зеленилото и дополнително ќе се посадат нови дрвја.
Реализацијата на проектот за изградба и реконструкција на улицата „Васко Карангелески“ е од големо значење за жителите на општина Аеродром, што обезбедува квалитетно сообраќајно решение со кое ќе се растерети сообраќајот во овој дел од градот, околу кој гравитираат голем број јавни објекти.
Машина набавена за грижа за животната средина
Машината за механичко пресадување на дрвја за потребите на ЈП „Паркови и зеленило“, Град Скопје ја набави во 2016 година. Возилото е од италијанската марка „Ивеко“ (Iveco), со специјална механизација неменета за пресадување дрвја. Со помош на оваа машина, садниците можат да се откопаат и транспортираат без да бидат оштетени.
Со користење на ова возило, при изградба на инфраструктура, нема да има потреба од сечење на зеленилото. Град Скопје е прва единица на локална самоуправа во регионот која набавила ваков вид на возило. Со неговата набавка, Град Скопје директно ќе работи на грижа за животната средина.
Машината може да пресадува дрвја со ширина на стеблото од максимум 40 сантиметри. Предвидено е таа да биде користена на терен секаде каде условите тоа го дозволуваат. За набавката на овој вид механизација градот издвоил близу 10 милиони денари.