Легенди за потеклото на името на планината Плачковица

 

Плачковица — средновисока планина во источниот дел на Македонија. Највисока точка е врвот Лисец со височина 1 754 м. Се издига помеѓу градот Радовиш и Струмичко-радовишката Котлина на југ и Кочанската Котлина на север, во правец северозапад-југоисток.

Планината Плачковица е богата со разновидна растителност (флора) и особено е богата со шуми. За богатата расителност со шуми на Плачковица, запишал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во книгата Материјали по изучувањето на Македонија, каде забележал дека општо земена Плачковица е сѐ уште покриена со гори, кои што и придаваат од даелку темен изглед.

Горите се состојат од бука, борика, ела, липа и разни диви овошја. На исток  таа е покриена со густи гори, а колку што одиш по на запад, толку тие стануваат поретки, додека најпосле во западниот крај таа сосема не оголи.

Забележително е тоа што, споредено со другите планини и шумски појаси по катови во Македонија, на Плачковица, густата букова шума започнува веднаш над 700 метри и воопшто изостанува дабот, што не е случај со другите планини каде по дабот, буката започнува над 1000 метри надморска височина.

Може ќе ве интересира: Плачковица – треба да се посети и доживее

 

Легенди за потеклото на името на планината Плачковица

Плачковица е уникатна планина кој се наоѓа во источниот дел од Македонија, на потегот помеѓу градовите Радовиш и Струмица. Постојат две интересни легенди за името Плачковица, кои се поврзани со Александар III Македонски.

 

Прва легенда за името Плачковица

Постојат две верзии на првата легенда во која се раскажува за Александар III Македонски и Филип II Македонски.

 

– Прва верзија

Според првата верзија, кралот Александар III Македонски престојувал кај некој крал на Пајонија. Двајцата кралеви се состанале во Светиот Град, кој се наоѓал на платото од планината Плачковица. Во тој Свет Град Александар и неговиот домаќин Липиј разговарале како да продолжат добрите односи меѓу тие два народа во добро и во лошо. Се договориле да си помагаат во сите нешта кои се од доменот на државните односи.

По таквата спогодба и разбирање, на радоста ѝ немало крај, а таа се пренела и во народот, така што поединци почнале како и кралот да плачат и да ронат солзи радосници. Врз основа на оваа случка (и поради тоа што се излеале многу солзи) се формирал поток — рекичка, кој тогашните мештани го нарекле Плачковица, по што ѝ го промениле името и на планината во Плачковица, имиња кои останале до денес.

 

– Втора верзија

Според втората верзија, името на таа планина е променето по средбата на кралот Александар III Македонски и кралот на Пајонија — Лангар.

Средбата на двата крала била на планината во населеното место Свет Град. На неа Александар како македонски крал, и Лангар како крал на Пајонците, се договориле да се воспостават што подобри државни односи од оние меѓу татко му Филип II додека бил жив и кралот Лангар. Разбирањето за државните работи меѓу кралевите било на завидно ниво, по што на двајцата почнале да им течат солзи радосници, толку многу солзи што се формирал поток, кој месното население го нарекло Плачковица, бидејќи кралевите плачеле од радост.

Кањон Камник

 

Втора легенда за името Плачковица

Според втората легенда, кралот Филип II го одвел својот син Александар на планината Плачковица, која пред тоа имала друго име, кај некоја жена која знаела да лекува за да го излекува од преголемото плачење кое го обземало. Таа жена живеела во градот на Плачковица кој се викал Свет Град.

Откако го донеле принцот Александар во придружба на татко му, кралот Филип II, и ѝ кажале на жената за што се работи, таа им одговорила дека детето е сосема здраво, а плаче затоа што во себе поседува преголема енергија и на тој начин мора да се ослободува од неа, при што им рекла да не се возбудуваат, треба да го остават на мира и дека наскоро, штом ќе почне да оди, ќе престане со плачењето и му предвидела дека ќе стане голем цар и ќе ја надмине славата на татко му.

Кога ова го слушнал Филип II, кој бил во придружба на месниот крал Липиј, кој престојувал во Светиот Град на Плачковица, од радост се расплакал како и неговиот домаќин, и по нивното плачење името на планината ѝ го замениле со Плачковица.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!