Дивиот лук, мечкиниот лук или сремуш (Allium ursinum L.) е диво растение за кое можеме да кажеме дека е неправедно запоставено. Во некои книги за лековити билки воопшто не се среќава или се споменува само со белиот лук (Allium sativum L.). Дивиот лук е апсолутен дар на природата, храна, лек и зачин, кој има благотворно дејство во регулирањето на високиот крвен притисок, артериосклероза, грип, настинки и маснотии во крвта.
Дивиот лук може да порасне 20-40 см, има исправена и тенка лукавица која има бела или жолтеникава боја. Во пролетта, од луковицата обично израснуваат два долгнавести, елипсовидни, темно зелени лисја кои се сјајни и при дното се стеснуваат во долга петелка.

Стеблото е аголно, без лисја, со бели цветови во облик на ѕвезда. Семињата на дивиот лук се црни и најчесто се разнесуваат од мравките. Цвета во мај и јуни, а населува длабоки и влажни почви богати со хумус, шуми, брегови на реки и потоци.
Одгледување на див лук
Иако е ретко, дивиот лук може да се одгледува во градини, на сончеви места кои се карактеризираат со добра дренажа и влажност. Размножувањето се врши со семе во пролет, со пресадување или делење на луковици во пролет или есен. Исто така, постои можност да се одгледува во затворен простор.
Берење на дивиот лук
При бербата на дивиот лук се собираат листовите за подготовка на салати, како и луковицата која има белузлава боја и се користи како пикантен зачин. За исхрана се користат свежите надземни делови од дивиот лук, а се собираат пред цветање. Помладите листови кои се користат како салата содржат многу витамини, додека постарите се многу лути.
Луковиците се собираат пред да созреат семките и може да се чуваат на ладно место неколку дена. Се користат и незрели плодови кои се појавуваат во лето.

Најсилните лековити својства на дивиот лук како што се чистење на крвта, жолчката и црниот дроб од токсини, се манифестираат во пролет. Како лековит дел се користи луковицата од Bulbus Allii ursine, како и целото растение.
Бербата на свежата билка се извршува во април и мај, а луковиците се собираат во лето или наесен. Многу е важно дивиот лук да не се исуши, бидејќи тогаш станува неделотворен. По бербата, дивиот лук може да се чува во фрижидер 7-10 дена.
Лековитите својства на дивиот лук
Дури и старите Римјани ги знаеле лековитите својства на дивиот лук и го претпочитале пред белиот лук (Allium sativum L.). Дивиот лук како главна активна состојка содржи винил сулфид, а покрај него содржи и винил полисулфид, како и траги од меркаптан. Покрај горенаведеното, содржи и вредни минерали, слуз и шеќери.

Дивиот лук има многу корисни примени, па затоа се користи при висок крвен притисок, артериосклероза, цревниот паразит Oxyuris vermicularis, заболување на црниот дроб, за чистење на рани и како лек за белите дробови. Тинктура од лисја од див лук е многу ефикасна, како и тинктура од луковоцита од дивиот лук.
Како да препознаете див лук?
Бербата на дивиот лук често се врши од неискусни берачи, така што има потешкотии да се направи разлика помеѓу дивиот лук и отровните растенија како момината солза (Convallaria majalis) или есенскиот мразовец (Colchicum autumnale).
Имено, дивиот лук или мечкин лук има многу интензивен мирис и малку наликува на белиот лук, а на пролет расте на влажни места со многу сенка. За да го одредите мирисот, треба да ги истриете листовите од дивиот лук со прстите.
Листот од дивиот лук е сличен на момината солза, со тоа што листот на момината солза е кожен и усукан излегува од земјата, но не мириса на лук, а есенскиот мразовец расте само на есен и на ливади, па не би требало луѓето да ги мешаат.

Бербата не се препорачува за неискусни берачи, бидејќи консумирањето на гореспоменатите растенија слични на дивиот лук, особено на есенскиот мразовец, може да доведе до труење и смрт.
Тинктура од див лук
Луковиците од див лук (околу 250 грама) исчистете ги и измијте. Во широка тегла истурете 3-4 прсти 40% комовица ракија и додајте ги луковиците едно по едно, гмечејќи ги со дрвена лажица. Луковиците би можеле да ги гмечите и надвор од теглата, но тогаш целиот препарат би добил потемна, кафена боја, поради оксидација на згмечените луковици во контакт со воздух. Кога ќе се згмечат сите луковици, добиената каша со помош на инка истурете ја во темно стаклено шише и додадете го остатокот од ракијата (вкупно околу 1 литар).
Погрижете се да има доволно простор во шишето за повремено мешање и протресување. Мешајте со дрвен стап.
По 14 дена на собна температура, процесот е завршен. Содржината на шишето потоа треба да се процеди преку газа и ако е можно да се чува во фрижидер во цврсто затворено шише.
Тинктурата се препорачува да се зема наутро и навечер, по една кафена лажичка (10-20 капки) измешана со половина чаша млеко или јогурт. Ако ја измешате тинктурата со млеко, тоа не смее да биде топло!
Оваа тинктура е корисна кај запушување на крвните садови и висок крвен притисок.