Жените во ЈП „Национални шуми“ без 8-мо мартовска честитка

 

Помина 8-март и за жал жените во ЈП „Национални шуми“ не ги добија своите права за исплата на заостанатите плати и додатоци на плата. По се изгледа парадирањето по улици на политичките партии за правата не жените се само театар за јавноста и евтин популизам.

За жал на жените вработени  во ЈП „Национални шуми“ и покрај надежите дека раководството ќе им го честита денот со исплата на заостанатите плати и додатоци на плата, тоа не се случи. Залудни беа надежите на мажите дека и тие ќе искористат покрај жените. Поради тоа од понеделник жените рамо до рамо со мажите го продолжуваат генералниот штрајк се до исполнување на нивните барања.

 

Јавно претпријатие со сериозни проблеми

 

Сепак штрајкот извади на површина голем број проблеми кои со години вешто се криеле под површината на убавата фасада. Се виде дека и покрај тоа што се настојува да се создаде слика дека претпријатието нема сериозни проблеми, бидејќи никој не се буни, од внатре било труло и распаднато.

Презентираните податоци во годишни извешти и економските показатели често оставаат впечаток на успешно претпријатие без загуби, занемарувајќи го фактот што без финансиска помош од Владата или од други државни претпријатие раководството не може да ги сервисира обврските за нормално функционирање.

Далеку од здрав разум е да се верува дека таквата состојба може да се одржи на подолг рок. Нормално беше да се очекува дека во одреден момент сите извори од каде може да се бара финансиска помош ќе секнат и успешноста на претпријатието ќе зависи исклучиво од доброто раководење и носење квалитетни одлуки.

 

Работнички плати заработени со крв, пот и солзи

 

Во сета ситуација најмалку се виновни вработените кои со чесен труд и големи напори, често во опасни работни опкружувања и под влијание на неповолни временски услови, ги извршуваат своите работни задачи. Тие си ги бараат нивните заостанати плати заработени со крв, пот и солзи.

Добро познато е дека работата во шумарството важи како една од најтешките и најризични, поради што не се ретки несреќи и повреди на работа. ЈП „Национални шуми“ не е имуно на несреќи при работа со смртни последици, па може слободно да се каже дека високите плати, комодитет и бенифиции на раководството, некои вработени ги платиле со своите животи.

 

Раководството да си ја заработи платата

 

Затоа вработените со право се револтирани на раководството кои не си ги изврши обврските за кои земаат далеку повисоки пати од останатите вработени, уживаат комодитет на далеку попријатна работна атмосфера во климатизирани канцеларии и се развозуваат со службени возила на сметка на вработените. Тоа е причина повеќе раководството да искаже почит кон барањата на вработените за исплата на заостанатите плати, кои веќе одамна се под просекот во државата и далеку пониски во однос на оние на раководството.

Раководството треба да е свесно дека нивните раководни работни места не само што носат далеку поголеми плати, бенефиции и можност за плодна соработка со надворешните извршители, туку и поголема одговорност. Затоа барањата на вработените се едноставни, раководство да си ги заработи високите плати и големи бенифиции, односно да обезбеди плати за вработените и финансиска стабилност за јавното претпријатие што е нивна одговорност и задача.

Едноставно, исто како што раководителите бараат од вработените да си ги извршуваат своите работни задачи, така и вработените бараат од раководителите да си ги извршат нивните обврски. Народот убаво рекол: каков стопан, таков аргат или колку пари толку музика.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!