Токсиколозите предупредуваат на опасност од отровните печурки

 

Јулските врнежи од дожд, ја продолжија сезоната за берба на планински печурки, што е вообичаена за периодот од средината на мај до крајот на јуни. Промената на климатските услови, според печуркарите, предизвика миграција на печурките од пониските кон повисоките делови од планините Плачковица и Осогово. За разлика од минатите години, печуркарите се се повнимателни во изборот на таканареченото планинско месо, бидејќи во ова се греши само еднаш.

 

Убава е со изразита црвена боја, изгледа сочно и вкусно, но крајно е опасна по живот. Така изгледа отровна планинска печурка која наликува на познатиот вргањ или дабовка, што е добра за јадење. Нашиот соговорник, Шабан Мехмет од подплачковичкото село Калаузлија, вака ги разликува отровните од неотровните печурки.

– Еве каде се познава дека печурката е отровна. Има изразито црвена боја, а од долната страна има реси, што печурките што јас ги познавам ги немаат, ниту пак имаат црвена боја. За мене тоа се главните одлики на отровните од неотровните печурки, објасни Шабан Мехмет – печуркар.

Собирањето печурки во овој дел на Плачковица до пред неколку години бил вистински хит. Најмногу собирачи имало токму по овој планински пат што водел до главните локации каде имало најмногу печурки. Последните обилни врнежи, повторно ги мотивираа печуркарите, иако невообичаено за овој дел од годината , кога е топло и суво, да ги бараат, но како што објаснува Мехмет, на поголема надморска височина.

– Сегашните локации каде имаше најмногу печурки се изместени. Се наоѓаат на повисока надморска височина. Сето тоа е последица од промена на времето, на климата, бидејќи, иако имаме обилни врнежи, поради топлото време влагата повеќе се задржува во повисоките делови од планината и затоа печурките ни –избегаа- на повисоки локации, оцени нашиот соговорник.

Стравот кај луѓето по трагичната судбина на двајца кочанчани, кога отровните печурки пред неколку години, им ги десеткуваа семејства, како и ниската цена за откуп на свежи планински печурки се главни причини, изминатите години собирањето да замре.

-Цената за килограм набрани свежи планински печурки зависи од нејзиниот вид и квалитет. Така, за дабовката или вргањот или пак буковката, можеш да добиеш 120 или 150 денари за килограм, велам набрани печурки. Тоа не е исплатливо, кога ако за еден час можеш максимум да набереш околу 800 грама печурки, а за цел ден или повеќе од 12 часа, едвам десет килограми, под услов да ја најдеш локацијата каде навистина –врие- од печурки за јадење,а тоа многу ретко се случува, мора многу да се пешачи, објасни печуркарот Мехмет.

Зачестените поројни врнежи го мотивираа, Шабан повторно да оди на берба. Со себе, кога може, си носи и коза. Таа, како што тврди, непогрешливо, знае да селектира отровна од неотровна печурка. И покрај богатото повеќедецениско искуство во берба на печурки, Шабан е крајно претпазлив, бидејќи во ова хоби, занает, или начин за егзистенција, само еднаш се грешиш.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!