Шумските пожари се влошуваат на глобално ниво

 

Од Обидинетите Нации изјавуваат дека шумските пожари се влошуваат на глобално ниво, а владите се неподготвени

 

Затоплувањето на планетата и промените во начинот на користење на земјиштето ќе придонесуваат за зголемена појава на шумските пожари кои ќе горат се повеќе делови од земјината топка во наредните децении, предизвикувајќи зголемување на штетното загадување од чад, како и други проблеми со кои владите не се подготвени да се соочат, се вели во извештајот на ОН објавен во во фебруари оваа година.

Според извештајот од Програмата на Обединетите нации за животна средина, западните делови од САД, северен Сибир, централна Индија и источна Австралија веќе се соочуваат со се повеќе шумски пожари, а веројатноста за катастрофални шумски пожари на глобално ниво би можела да се зголеми за една третина до 2050 година и за повеќе од 50 отсто до крајот на векот.

Подрачјата кои некогаш се сметаа за безбедни од големи пожари во иднина нема да бидат имуни, вклучително и Арктикот, за кој во извештајот се вели дека е „многу веројатно да доживее значително зголемување на шумските пожари“.

Тропските шуми во Индонезија и јужниот дел на Амазон во Јужна Америка, исто така, се очекува да забележат зголемен обем на шумски пожари, се заклучува во извештајот.

„Неконтролираните и разорни шумски пожари стануваат редовна појава од сезонски карактер во многу делови од светот“, рече Ендрју Саливан, со Организацијата за научни и индустриски истражувања на Комонвелтот во Австралија, еден од авторите на извештајот.

 

Влошување на циклусот

Извештајот опишува циклус на влошување: климатските промени носат повеќе суша и повисоки температури што го олеснуваат започнувањето и ширењето на пожарите, а за возврат тие пожари испуштаат повеќе јаглерод што ја менува климата во атмосферата додека ги горат шумите и тресетиштата.

Во некои области, вклучително и делови од Африка, шумските пожари се намалуваат, делумно поради тоа што повеќе земјиште се пренаменува во земјоделско, рече коавторот на извештајот Глинис Хемфри од Универзитетот во Кејп Таун.

Но, истражувачите на ОН велат дека многу нации продолжуваат да трошат премногу време и пари за гаснење пожари и недоволно за напорите за да ги спречат.

 

Сиромашните заедници најтешко погодени

Промените во начинот на користењето на земјиштето може да ги влошат шумските пожари, како што се начинот на сеча со кој се остава отпад што лесно може да се запали и намерното палење на  шумите за да се расчисти земјиштето за земјоделско производство, се вели во извештајот.

Сиромашните заедници често се најтешко погодени од шумските пожари кои можат да го намалат квалитетот на водата, да ги уништат посевите и да ја намалат земјата достапна за одгледување храна.

„Тоа влијае на работните места на луѓето и на економската ситуација во која се наоѓаат луѓето“, рече Хемфри. „Важно е шумските пожари да бидат во истата категорија на управување со катастрофи како поплавите и сушите. Тоа е апсолутно суштинско“.

 

50 милијарди долари за намалување на ризиците

Во САД, официјалните лица неодамна издвоиле 50 милијарди долари за намалување на ризиците од шумски пожари во следната деценија, со поагресивни прореди во шумите околу „жешките точки“ каде што се граничат природата и населбите. Само дел од тие активности се финансирани досега – околу 3 милијарди долари во текот на пет години според неодамна усвоениот закон за федералната инфраструктура, според официјални лица во администрацијата на претседателот Џо Бајден.

Критичарите на планот велат дека тој става преголем акцент на гаснењето на некои пожари кои можат да бидат корисни за расчистување на приземниот спрат од шумите кога пламените јазици остануваат релативно мали и не ги загрозуваат куќите.

Истражувачите на ОН, исто така, повикаа на поголема свесност за опасностите од вдишувањето на чад од шумските пожари кој може да погоди десетици милиони луѓе годишно, бидејќи облаците со чад од големите шумски пожари поминуваат илјадници колиметри преку меѓународните граници.

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!