Штрајкот во ЈП „Национални шуми“ во мирување

 

Со одлука на синдикалната организација на ЈП „Национални шуми“ од денеска штрајкот во јавното претпријатие се става во мирување. На оваа одлука и претходеше исплатата на јануарската плата, па Синдикатот реши да му даде можност на Директорот, менаџерскиот тим и раководителите во подружниците до крајот на месецов да обезбедат финансиски средства за исплата на февруарската плата, додатоците на плата и здравствено осигурување на вработените.

Иако се чини дека дел од вработените длабоко во себе посакуваа штрајкот да продолжи со иста динамика, се чини дека сепак ќе преовладува разумот. Со ова очигледно дека синдикатот покажува добра воља и му дава до знаење на Директорот и раководството дека во нив не треба да  гледа како на непријатели, туку како иден партнер со кој треба заедно да ги решаваат наталожени проблеми во јавното претпријатие.

Ова е добар потег на Синдикатот, бидејќи никој нема да има полза од војна помеѓу Директорот и менаџментот од една страна и Синдикатот и вработените од друга страна. Во војна нема победници, туку само губитници, затоа е многу важно оваа подадена рака на соработка од страна на Синдикатот, менаџментот да ја искористи паметно и да се потруди да најде заедничко прифатливо решение за вработените и претпријатието.

 

МЗШВ и Шумарскиот Факултет незаинтесирани

 

Навистина изненадува пасивноста и незаинтересираноста на одредени институции, како на пример ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и на Шумарскиот факултет. Ова е навистина несфатливо, бидејќи постои нивна силна меѓу зависност и поврзаност со работата на ЈП „Национални шуми“ и секоја криза во јавното претпријатие може да има силно влијание и врз нивната работа и планови.

При тоа особено изненадува незаинтересираноста на Шумарскиот факултет, кои изгледа заборавија дека како резултат на лошата состојба со шумарството имаат се помалку студенти од година во година. А студенти нема ни да имаат ако ЈП „Национални шуми“ како најголем работодавач на шумарскиот кадар постојано се бори со сериозни проблеми и ако просечната плата во него изнесува околу 26.000 денари.

 

Зрелост и капацитет за справување со проблеми

 

Но ова може добро да дојде за вработените во ЈП „Национални шуми“ за нивно отрезнување, реално согледување на состојбите и осознавање во кого имаат сојузник и пријател во тешки моменти. Како што вели онаа народната, на мака се познаваат јунаците и пријателите , а се покажа дека најголем пријател и сојузник на вработените во ЈП „Национални шуми“ им се Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, како и Сојузот на синдикати на Македонија.

Ваквото отрезнување може да биде значајно, за вработените во ЈП „Национални шуми“ да сфатат дека само на нив им е важно ЈП „Национални шуми“, да си ја преземат судбината во свои раце и да не дозволат други да им ја креираат иднината.

Затоа добро е што има реални изгледи целиот проблем да се реши внатре во рамките на јавното претпријатие, бидејќи со тоа би докажале дека имаат зрелост и капацитет сами да се справуваат со разни предизвици и да ги решаваат проблемите.

 

Владата да ги покрие загубите предизвикани од нивните одлуки

 

Секако дека во помош при справување на проблемите во ЈП „Национални шуми“ мора да пристапи и Владата, бидејќи со своето влијание врз работата на претпријатието имаат директно влијание врз неговата лоша финансиска ситуација. Без да се навлегува во исправноста на наметнатите одлуки, тоа е легитимно право на секоја Влада како основач на јавното претпријатие, но треба да ги покријат негативните финансиски ефекти од таквите одлуки врз претпријатието.

Така на пример, свесното вработување над некоја граница која може финансиски да ја поднесе јавното претпријатие и ограничување со некоја не пазарната цена на огревното дрво, штетно се одразуваат врз финансиската ефикасност на јавното претпријатие. Со ограничувањето на цените на дрвните сортименти кои не се доволни ниту да ги покријат трошоците за нивно производство, Владата може да го доведуваат јавното претпријатие во состојба колку повеќе да работи, толку повеќе да трупа загуби.

Затоа, без разлика дали тие штетни одлуки биле донесени од оваа или некоја претходна Влада, моменталната Влада треба да го продолжи континуитетот и да ги превеземе обврските на претходната, а со тоа и да реагираа соодветно на настанатите ситуации и проблеми.

 

Можност за радикализација на штрајкот

 

Сепак ако Синдикатот и Директорот не успеат да изнајдат заедничко решение, една од варијантите е радикализација на протестот и вработени од сите градови во државата да протестираат пред главната Дирекција на ЈП „Национални шуми“. Тоа секако не би било пријатно за имиџот на претпријатието, Директорот, раководството, но и за Владата, бидејќи Дирекцијата е лоцирана пред една од најпрометните сообраќајници во Скопје, па реакциите на јавноста би биле жестоки.

Секако дека такви протести би можеле да се организираат и во сите градови каде има подружници на ЈП „Национални шуми“ па да се парализира целата држава, но од таков расплет на состојбите никој не би имал полза.

Останува да видиме дали Директорот, менаџерскиот тим и раководителите на подружниците паметно ќе го искористат овој чин на добра воља и подадена рака за соработка од страна на Синдикатот.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!