Сѐ потивко шумат шумите

 

Речиси по една година од големиот шумски пожар во кој изгореа над илјада хектари борова шума и нискостеблести растенија само на територијата на општината Делчево, единствената активност што може да се забележи на теренот се интензивна сеча и извлекување на оштетените трупци. Во однос на чистењето на почвата и нејзина подготовка за евентуално пошумување, засега, нема конкретни активности. А глетката, дури и деновиве, во период на сѐ уште исклучително бујна вегетација, е стравотна. Ридовите од двете страни на патот Делчево – Берово, во најголем дел, се јагленисани

 

Трагите од ланските катастрофални пожари како предупредување

 

Климатските промени веќе одреден период, а сега и енергетската криза, претставуваат голем предизвик за одржување на шумскиот фонд, особено во услови на мошне проблематичен систем за нивна заштита, каков што е македонскиот, и на генерално лошиот однос кон природата. Неконтролираната сеча на шумите и шумските пожари, во обемот каков што во изминативе неколку години се присутни во земјава, според некои сознанија, веќе резултираат со загрижувачки промени во стапката на растот на шумите, површината на шумските подрачја и на нивната разновидност. А според она што може да се види веќе и со голо око, веројатно, не е пресилно да се каже оти глетката врз некои шумски подрачја е дури и катаклизмична.

Речиси една година по големиот шумски пожар во кој изгореа над илјада хектари борова шума и нискостеблести растенија само на територијата на општина Делчево, единствената активност што може да се забележи на теренот се интензивна сеча и извлекување на оштетените трупци. Во однос на чистењето на почвата и нејзина подготовка за евентуално пошумување, засега, нема конкретни активности.

А глетката, дури и деновиве, во период на сѐ уште исклучително бујна вегетација, е стравотна. Ридовите од двете страни на патот Делчево – Берово, во најголем дел, се јагленисани.

– Погледнете како добро се организирани кога треба да ги извлечат трупците, за разлика од хаосот што владееше кога требаше да се гасне пожарот, кој, како што се потврди со истрагата, беше подметнат токму заради сечата – покажува нашиот локален водич кон ридот Браниград, кај месноста Стар Истевник, каде што, како што вели, лани речиси со голи раце го бранеле градот од пожарот.
Единствениот знак на живот, на до лани со борова шума богато заштитениот рид, сега се тракторите што интензивно врват низ штотуку трасираните патишта, одвезувајќи ги опожарените трупци.

– Кога баравме да прокопаат патишта низ ридовите за да може да оди механизацијата за гаснење на пожарите, не ни дозволија. Сега, кога треба да се собира опожареното дрво, веднаш прокопаа – огорчено додава тој, констатирајќи дека можело многу од шумата да се спаси доколку имало организација меѓу надлежните служби.

Централната власт, според него, сосема закажала.

– Сѐ му беше препуштено на градоначалникот, кој воопшто нема ниту знаење ниту искуство за вакви ситуации. Нашиве ни ги пуштија хеликоптерите дури петтиот ден откако гореше. Ако не беа Бугарите и Словенците, ни градот немаше да го спасиме – потенцира тој.

И така, додека ни ги раскажуваше поразителните искуства со обидите за гаснење на големиот пожар, во што и самиот учествувал, стигнавме до купишта насобрани трупци, кои, со уредно наредените печати на „Национални шуми“, покрај патот, чекаат да бидат однесени понатаму од страна на фирмите што добиле дозвола за нивно искористување.

– Видете, тоа е добро дрво. Спецификата на борот е тоа што тој согорува само однадвор, неговата срцевина останува неоштетена и може да се користи не само за огрев туку и за преработка – уверува тој, објаснувајќи за колку добро разработен бизнис станува збор.

А не горела само шумата. Возејќи од Стар кон Нов Истевник, каде што надежно изгледаат само расцутените компирови полиња, зад нив, по ридовите може да се видат и нагорените ѕидови од куќите, а ретките луѓе што ги сретнавме објаснуваат дека слична судбина го снашла и туристичкиот локалитет „Кукуље“.

 

– Од старите куќи и помошни објекти на татко ми и на чичко ми, видете што останало – покажува дедо Круме на неколку опожарени камени градби, а потоа и на својата, понова, но од огнот видливо оштетена викендичка.

Како и сите други чии објекти се оштетени, самиот си ја обновувал, зашто пожарот не бил прогласен за елементарна непогода, туку за намерно подметнат.

А дали и кога ќе се обноват шумите, тешко е да се прогнозира. Тамошните жители велат дека на теренот не забележале активности во таа насока.

– Чистењето на просторот од нагорените трупци е најмалиот проблем. Погледнете ја почвата, површинскиот слој е уништен, тука ќе има многу работа – објаснуваат.

Во секторот за шумарство и ловство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) велат дека со Програмата за проширена репродукција на шумите за 2022 година е предвидено да се финансира пошумување на голини и ерозивни земјишта, санирање на опожарени површини под шума и шумски култури и превентивна заштита на шумите од штетни инсекти и болести.

– Во овој период е потпишан договор за превентивна заштита на шумите со Шумарски факултет – Скопје, за следење на здравствената состојба на шумите на терен на целата територија на државата, и изработка на извештај на крајот од годината. За извршување на теренските активности се исплатени авансни средства, додека преостанатите средства ќе се исплатат по доставувањето на Годишниот извештај за здравствената состојба на шумите, на крајот на оваа 2022 година. Што се однесува до другите мерки, пошумување и санирање опожарени површини, во тек е собирање на потребната документација (оперативно-стручни програми) за да се склучат договори и за тие активности. Поради природата на работите околу пошумувањата, кои претежно се изведуваат наесен, најголем дел од програмата ќе се реализира во четвртиот квартал од годината – објаснија од Министерството.

Но експертите предупредуваат дека работата би можела да биде многу посложена.

Малешевија дрво

– Едно е да се зборува за обнова на шумските плантажи, а сосема друго за обнова на шумите. Шумите се сложен систем, кој никогаш веќе нема да се обнови. Затоа, многу е битно да имаме систем на заштита и превенција од шумските пожари, а ние сега немаме ниту систем за мониторирање. Ланските настани покажаа дека немаме капацитет ни за гаснење на шумските пожари, дека институциите ни се некоординирани и дека, ако не беа Словенците, Австријците и Бугарите, за само неколку денови ќе ни изгореше една четвртина од шумите – објаснува биологот и екоактивист Кирил Арсовски.

Инаку, Делчево беше само еден од регионите во кои лани гореше шума. Вкупната опожарена шумска површина, во текот на минатата година, од ЈП „Национални шуми“ беше проценета на 12.350 хектари, што е десет пати повеќе од претходната, 2020 година, кога изгореле 1.234 хектари шума. Штетата за шумскиот фонд минатата година изнесувала 40 милиони евра, најмногу во источниот и во југоисточниот дел од земјата.

Упатените сега најмногу надеж полагаат во проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка и на „Фармахем“, кој има за цел опожарената површина да се доведе во состојба, за да може да се обнови шумата и да се спречи појава на нови пожари.

 

Автор: Д.М.М.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Извор: novamakedonija.com.mk

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!