Сакаш да бидеш планинар и да уживаш во природата?

Природата е нешто што отсекогаш го привлекувало човекот. Беспрекорна тишина во која може да се слушнат само црцорењето на птиците, веењето на ветрот низ гранките на дрвјата, џагорот на безброј различни инсекти и животинчиња чиј дом се планините и ливадите. А таму, чекорејќи по планинските патчиња, се чувствуваме помирни од кога било, поспокојни и посвесни за самите себе од каде било, освојувајќи нови врвови се чувствуваме се поблиску до дома.

Планинарењето е лек за душата… Релаксира и ослободува од стрес, пред се пешачењето и качувањето по планините го зајакнуваат организамот и телото. Делува позитивно на емоциите, ја подигнува самодовербата, делува на социјалната сфера на животот, овозможува нови познанства и искуства…

 

Започнување со планинарство

Зашто планинарењето

За успешно и безбедно занимавање со планинарство треба да се започне постепено. Првите искуства да се направат на пристапни терени и лесни планински искачувања, систематски и внимателно да се изучува планината и нејзините феномени, движењето на потешки патеки да биде со искусен планинар и да се искористи неговото искуство или зачленување во планинарско друштво каде се добива соодветна планинарска обука. Внимателна подготовка на нашето тело со правилни физички тренинзи за совладување на напорите со кои ќе се соочиме при одењето на планина, е задолжителна. После неколку години се стекнува планинарско искуство и се стекнува статус на планинар, па после тоа ќе можеме и ние самите да организираме потешка планинарска тура, понатаму во зависност од наклонетоста и желбата може да се специјализира во некоја од гранките на планинарството: алпинизам, високогорство, спортско качување, ориентација, водичка служба и др.

 

Правила

На планинарење се оди организирано, во група, со водич кој води сметка за секој планинар и така што на крајот на колоната секогаш има некој кој јавува дали се сите на број, а ако некој заостанал, тогаш се причекува или се испраќа поискусен планинар да го бара. Во планината функционираат солидарноста и заемното помагање, но се подразбира дека секој кој ќе се одлучи на ваков излет ќе се придржува на некои основни правила.

 

Совети за почетници

планинарењeто треба да се воведе како активност во основно училиште

Како планинар-почетник со слаба кондиција сигурно не треба да одиш на планина која многу бара, туку е попримерно да почнеш со оваа активност така што ќе се определиш за заминување во попитом амбиент, одење по ниски падини и ливади. Зачленувањето во планинарско друштво или клуб е од голема помош, бидејќи сите тие организираат еднодневни, тури за викенд и повеќедневни тури многу прецизно, давајќи точни описи каде се оди, каков е теренот и која опрема е потребна. Ако си несигурен, секогаш можеш пред поаѓање да го повикаш водичот преку телефон и со него да се посоветуваш дали си избрал излет соодветен на своите можности.

Покрај освојување врвови, целта на планинарењето е и уживање во природата и во друштвото. Кога неискусен планинар со недоволно кондиција ќе се најде во јака планинарска група, уживањето изостанува, зашто рутата е преамбициозна за тебе, па заостанувањето го забавува ритамот на цела група. Поради тоа е важно да се избереш тура по своја мера. Она што е добро е што во планина искуство и кондиција лесно се стекнуваат, па не е проблем за неколку месеци планинарење да се стекнат услови за заминување на потешки потфати. Многу планинари кога ќе се одлучат за некоја по тешка тура имаат и дополнителни подготовки, кондициски тренинзи во теретана, на пример, пливаат и трчаат за да бидат подготвени за предизвиците кои си ги поставиле.

 

Планинарска опрема

Планинарењето е активности со која е актуелна во текот на целата година и во различни временски услови. Со себе носи и одредени ризици и поради тоа важно е да се поседува и соодветна опрема. Опремата зависи од временските услови, висината, должината на престој во планина. Покрај стандардната опрема, потребна е и техничка опрема за искачување на заледени површини, карпи, експедициска опрема итн.

Облеката треба да ти биде во слоеви, и за топло и за ладно, а во ранецот задолжителни се резервна маица, резервни чорапи и мантил за дожд. Во планина секогаш се носат долги панталони. Кога можеш да си дозволиш можеш да купиш облека од т.н. активен материјал, која пропушта пот и за момент е сува. Во планина многу се корисни и планинарските стапови. Тие се потпора при качување и спуштање, добра поддршка се на лизгав, каллив терен, а исто така, ги растоваруваат и зглобовите.

развој на планинскиот туризам

 

Корисни совети за планинари почетници

  • Прилагоди ги своите цели и активности на моменталната кондиција. Секое претерување е опасно.
  • Исхраната базирај ја на комплексни јагленохидрати.
  • Пиј често, но не алкохол за време на тура. Алкохолот ја намалува силата и будноста, па затоа мора да се избегнува за време на тури и качување.
  • Првиот половина час оди полека за телото да се загрее.
  • Одмор, јадење и течности по можност да се конзумира секој половина час. Треба да се јаде малку и да се пие многу дури и кога не сте гладни и жедни (тогаш е поважно тоа).
  • Ако се појават знаци на замор и исцрпеност, одмори се подолго или разгледај ја можноста за откажување од турата. За време на одморот не јади само гликоза, туку и сложени, комплексни јагленохидрати. Доколку имаш знаци на сериозна исцрпеност, можно е да се работи за премрзнатост- хипотермија или за тешка исцрпеност- акутна планинска болест.
  • Децата и старите лица како и лицата кои што боледуваат од хронични болести можат да планинарат но со максимално внимание. Ако постои сомнеж консултирајте лекар.
  • На планинарење на височини над 2500- 3000мнв зголемувај ја висината на која што спиеш, не повеќе од 300мнв во 24 часа. Доколку е можно, не спиј на најголемата висина која си ја постигнал/а тој ден.
  • Дури и во најмалиот ранец има доволно простор за основна опрема. Никогаш не заборавај наочари за сонце, ракавици, капа, бивак вреќа, резервна облека, свеќи и кибрит, светилка и прва помош.
  • Барај совет од искусни локални познавачи на патеката, информирај се за климатските и временските промени пред почетокот на турата.

Со среќа!

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!