Реформите надеж за шумарството

 

Состојбата во шумарството и во ЈП „Национални шуми“ како најважен субјект од оваа гранка е катастрофална. Целата индустриска гранка е пред колапс, што на своја кожа веќе го чувствуваат граѓаните кои имаат потешкотии да се снабдат со огревно дрво и вработените кои поради ниските плати едвај преживуваат.

Проблемите таложени со години и немањето храброст да се превземат конкретни чекори за прекинување на агонијата и хаосот, секоја година се повеќе ги влошуваат состојбите.

 

ЈП „Национални шуми“ се одржува вештачки

Реформите надеж за шумарството

Со оглед на тоа што најголем дел од шумите во Македонија се државни, ЈП „Национални шуми“ (ЈПНШ) кое стопанисува со поголемиот дел од нив е значаен фактор за шумарството. Поради тоа, од неговата работа директно и индиректно се засегнати голем број на фамилии на нашата држва.

Јавното претпријатие „Национални шуми“ е во исклучително лоша состојба. Веќе подолг период Јавното претријатие се одржува вештачки со разна финансиска помош на Владата од државниот буџет, како и врз основа на книговодствено зголемување на вредноста на шумите (како вештачки приход), но тоа само дава лажна претстава за успешноста на претпријатието и неговата одржливост во целата ситуација.

Лошата финансиска состојба се одразува и врз функционирањето на претпријатието и извршувањето на неговите тековни активности. Од лошата состојба на јавното претпријатие силно се погодени и вработените, бидејќи со исклучок на раководителите платите на вработените се веќе далеку под просекот на државно ниво.

Ако се направи анализа не би било изненадување да се утврди дека вработените во ова Јавно претпријатие се со најмали примања од сите јавни претпријатија во државата. Тоа им одговара на криминалците кои во лошата состојба на јавното претпријатие и ниските примања на вработените гледаат можност за богатење, бидејќи ниските примања се плодна почва за развој на корупцијата.

 

Надворешни извршители се помоќни и побогати

Од друга страна, фирмите надворешни извршители кои извршуваат разни услуги од фазите сеча, дотур и превоз за ЈП „Национални шуми“, ја користат катастрофалната состојба на јавното претпријатие и стануваат се побогати и помоќни. Тие станаа толку моќни што се добива печаток дека имаат големо влијание врз неговото работење, одлуките од производните процеси, но и неговата кадровска политика. Ситуацијата е таква што човек би помислил дека наместо надворешните извршители да вршат услуги за јавното претријатие, јавното претпријатие да работи за нив.

Sklad za drva

Можеби затоа приватните складови во главниот град се полни со огревно дрва, а оние на јавното претпријатие се празни. Парадоксално, иако ЈП „Национални шуми“ стопанисува со околу 80% од шумите во Македонија, жителите на Скопје многу полесно може да се снабдат со огревно дрво од приватните складови, отколку од оние на јавното.

Целокупната состојба со шумарството има негативно влијание и врз високото образование, бидејќи струката е се понеатрактивна и од година во година се помалку студенти се запишуваат во насока Шумарство на Шумарскиот факултет во Скопје. Ова е индикатор дека во блиска иднина може да се јави недостаток од шумарски инжинери, кои би ги исполниле испразнетите работни места во јавното претпријатие.

 

Управување со претпријатието без потребните шумарски искуства

Експертите кои го изработуваат на надополнувањето на Стратегијата, како клучен проблем го таргетираат „политички поставеното управување со претпријатието, без потребните шумарски и менаџерски искуства и неспособност за извршување на таква напорна функција.

Честото менување на генерални Директори и поставуањето на кадри со недовно познавање на шумарството има негативно влијание врз работата на јавното претпријатие.

Тие често доаѓаат од кадри кои до моментот на назначување немале никакви допирно точки со шумарството, па им треба време да согледаат каде дошле, да научат со каква проблематика се соочуваат и да ги запознаат луѓето со кои треба да соработуваат.

Сепак, колку и да се трудат да научат нешто за шумарството, никогаш нема да бидат на она ниво на долгогодините работници во шумарството, а уште помалку на инжинерите, магистрите и докторите на науки. Шумарство не се учи за неколку месеци, бидејќи во него се инкомпонирани повеќе научни дисциплини.

Тоа секако има влијание врз квалитетот и брзината на нивните одлуки, како и врз определување на приритетите на работните активности. И таман ќе поднаучат нешто веќе ќе ги сменат, па целиот процес на запознавање и учење започнува одново. А проблемите и хаосот само се таложат и се продлабочуваат.

 

Владата решена да ја сопре агонијата и хаосот во шумарството

 

За состојбите во шумарството, во изминатиов период е многу пишувано, но за жал воглавном за лоши работи. Криминалот и корупцијата силно ја нагризуваа оваа индустриска гранка, а шумите масовно се уништуваат во сите делови од државата. Тоа негативно се одразува за буџетот, граѓаните, за вработените во шумарството и за шумите.

По се изгледа дека на Владата преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) силно е решена да се обиде да и стави крај на оваа агонија и хаос во шумарството. Како искра надеж за шумарството и вработените во ЈП „Национални шуми“ е новиот проект финансиран од ЕУ за поддршка на реформите во политиката и законодавството во шумарството кој започна на 1 ноември 2021 година со времетраење од 9 месеци.

minister_sumarstvo_nikolovski

Основните и крајни цели од овој проект се усвојување на Предлог на ажурирана долгорочна Стратегија за одржлив развој на шумарството, Предлог за нов Закон за шуми, врз основа на националните специфики и ЕУ, како и Предлог за нова Национална програма за имплементација на Стратегијата за одржлив развој на шумарството и поврзаните нови одредби од Законот за шуми.

Со стратегијата за одржлив развој на шумарството и со новиот Закон за шуми би требало да се одонесат суштински одредби кои би имале драматично влијание врз шумарството и особео врз ЈП „Национални шуми“. Ова преставува искра надеж за шумарството, бидејќи очигледно е дека тоа е во катастрофална состојба.

Со Стратегијата предвидено е да се одвојат административните од законодавните и производните активности. За таа цел предвидено е да се формираат:

  • Генерален Директорат за шумарство и ловство на кој треба да се надгради сегашниот сектор за шумарство и ловство, според искуствата од неколку шумарски сектори на земјите членки на ЕУ. Генералниот Директорат за шумарство и ловство како највисок орган на државната управа во шумарството треба да биде одговорен за креирање на секторски политики, програми и регулативи, како и за работите на шумарската администрација.
  • Извршна државна Агенција за шуми како независен Владин правен субјект, врз основа на соодветна адаптација на сегашната структура и функции на Секторот за шумарство и ловство (СШЛ) во МЗШВ и врз реорганизација на ЈПНШ. Агенцијата за шуми како извршна шумска администрација или служба за сите шуми, ќе има свои локални ограноци споени со сегашните шумско-полициски станици (моментално 30). Сепак можно е Шумската полиција да биде превземена од МВР, што најверојатно би било најдобро решение за подигнување на нивото на заштитата на шумите и правата, бенифициите и условите за работа на вработените во полицијата.
  • Нова Компанија за државни шуми со ограничена одговорност (доо) – како наследник на ЈПНШ – со компании ќерки на регионално или локално ниво. Компанијата треба да биде 100% во државна сопственост.

 

Агенцијата за шуми

 

Агенција за шуми не е нешто ново и такви агенции постојат во цела Европа и во соседството. Агенција за шумарство, било предвидено да се формира уште Стратегијата за шумарство во 2006 година, но до сега таа не формирана. Сега уште еднаш се потенцира важноста за шумарството и шумите од постоење на таква Агенција и се поставуваат темелите на организационата.

Согласно ревизијата на Стратегијата, ново формираната Агенција за шуми ќе треба да ги врши следните главни активности:

  • администрација на шуми, вклучително и одредена администрација во име на државата како сопственик на шуми;
  • контрола на спроведувањето на договорот за стопанисување со Компанијата за државни шуми во име на државата како сопственик на шуми;
  • инвентаризација на шумите, развојно планирање, планирање за шумите и мониторинг на шумите;
  • ловно стопанско планирање;
  • управување со интегриран шумски информациски систем, вклучувајќи го и неговиот модул за следење дрвото;
  • сите шумарски стручно-технички активности од јавен интерес;
  • професионално-технички и советодавни услуги на сопствениците на приватни шуми и ревирна контрола на приватните шуми;
  • управување со буџетски фонд за шуми (ќе биде основан со Закон за шуми) и помагање во трансферот на државната финансиска поддршка;
  • други функции и дејности утврдени со закон.

 

Пополнувањето на работните места во Агенцијата за шуми

Според прелиминарниот модел на внатрешна организација и функции, кој е во фаза на изработка од проектот, Агенцијата треба да има 540 вработени, од кои 140 за вршење шумска администрација или служба и 400 за функцијата на шумска полиција.

На централно ниво треба да има 65 вработени, од тие 50 на задачи на шумска администрација и служба. На локално ниво, врз основа на сегашните Шумски полициски станици треба да има 475 вработени, од тие 90 на шумска служба и 385 на шумска полиција.

Пополнувањето на работните места во Агенцијата за шуми треба да се изврши преку преземање (префрлање) на одредени вработени од ЈПНШ, ангажирани на шумски функции во доменот на државната администрација во Агенцијата за шуми. Трансферот треба да ги вклучи следните категории на персонал на ЈПНШ:

  • целиот персонал ангажиран во процедурите за администрација на шумите,
  • поголем дел од вработените поврзан со планирањето на стопанисувањето со шумите и информацискиот систем за планирање и управувањето со шумите;
  • помал дел од вработените поврзан со стопанисување со приватни шуми / професионално технички услуги (имајќи предвид дека поголем дел од нив потенцијално би останале во компанијата), како и
  • соодветниот дел од шумочуварската служба (имајќи предвид дека чуварите, чувањето на шумите и имотот на компанијата ќе останат во Друштвото);

По извршениот трансфер на планираниот персонал од Секторот за шумарство и ловство на МЗШВ (околу 5) и Одделението за шумска полиција (ШП) (околу 400) и од ЈПНШ (околу 120), Агенцијата треба да го добие речиси целиот свој персонал (најмалку 97%).

Во однос на Шумската полиција првобитно беше планирано функцијата и службата да и бидат дел од Агенцијата, но преку стручни дискусии се согледа дека најдобно за шумарството и за самата Шумска полиција е таа да премине во рамките на МВР.

Доколку Шумската полиција биде дел од Агенцијата, ќе се изврши и трансфер на вработените од Секторот за шумска полиција во Агенцијата за шуми.

 

Трансформација на ЈП „Национални Шуми“

 

По претходна внатрешна реорганизација и рационализација предвидено е ЈПНШ да се трансформира во трговско друштво со ограничена одговорност (ДООЕЛ) за стопанисување со државните шуми 100% во државна сопственост. Како споредба, ваков вид на правен субјект се Хрватске шуме ДОО, претпријатие кое едно од најрепрезентативните од оваа индустриска гранка.

Тука може треба да се разгледа можноста наместо ДООЕЛ да се трансформира во АД (по примерот на МЕПСО и ЕЛЕМ) но за тоа треба да се изјаснат правниците и да ги посочат предностите и недостатоците на двата вида правен субјект.

Компанија ќе треба да ги врши, следните активности:

  • стопанисување со државните производни шуми, заштитните шуми шумите со посебни намени надвор од националните паркови;
  • продажба на дрво и дрвен асортиман;
  • чување на шумите во државна сопственост;
  • производство и продажба на семенски и саден материјал;
  • управување со ловишта;
  • преработка и продажба на недрвени шумски производи;
  • управување со заштитените подрачја во кои доминираат шумите во согласност со закон.

 

Регионализација да или не?

За поголема ефикасност, реализација и рентабилност, Компанијата ќе треба да има децентрализирана форма, т.е. со компаниите ќерки (како нивна мајка компанија или холдинг) на регионално или локално ниво, врз основа на соодветно, претходно спојување на сегашните единици во состав на ЈПНШ. Финалната одлука за вертикалната структура и статус на компанијата ќе се донесе со Законот за формирање на компанијата, на основа на претходно изработена физибилити студија и стратешки план, кои се предвидени за изработка во рамките на IPA 2019 проект.

Иако кај вработените преовладува мислењето дека за нив најдобро е секоја подружница да биде правен субјекти со одвоена жиро сметка кои ќе бидат координирани со мала Дирекција, сепак европските и искуствата од соседните држави говорат дека регионализацијата е добро решение и треба сериозно да се земе во предвид.

На пример, регионална поставеност на шумарството има во Хрватска, Србија и Бугарија, со тоа што:

  • Hrvatske šume, друштво со ограничена одговорност (ДОО), е правен наследник на јавно претпријатие за стопанисување со шуми и шумско земјиште во Република Хрватска „Hrvatske šume“. Тоа е тристепена државна компанија со Дирекција во Загреб, 17 шумски управи-регионални подружници и 169 шумарии (шумски стопанства).
  • Јавното претпријатие „Србијашуме“ стопанисува со државни шуми и шумско земјиште. Јавната и економската мисија на претпријатието ја извршуваат 17 регионални шумски газдинства составени од 67 шумски управи и 17 работни единици. Интересно е тоа што јавното претпријатие стопанисува и со 27 ловишта и управува со неколку риболовни подрачја.

Direkcija Srbijasume

Дирекција на „Србијашуме“

  • во соседна Бугарија постојат шест регионали државни шумско-ловни претпријатија како одвоени правни субјекти, во чии рамки делуваат 132 државни горски стопанства и 27 државни ловни стопанства. Тие не се координирани од Генерална Дирекција, туку се директно под министерството за земјоделство, храна и шумите.

Укрупнувањето на подружниците би имало многу позитивни влијанија вра рентабилноста и функционирањето, така на пример, со регионализацијата би се намалила потребата од административни вработени (како што се правници, економисти и сл.), бидејќи администрацијата од една подружница би го услужувала цел регион (на пример 5 подружници). Во моментов ова изгледа како добро решение, бидејќи и сега многу подружници имаат недостаток од вакви кадри.

Сепак и покрај тоа што првобитно со Стратегијата беше предвидено подружниците на ЈП „Национални шуми“ во новата Компанија за државни шуми да бидат регионално групирани,  дали ќе бидат регионално групирани или ќе функционираат како ќерки-фирми со посебни жиро-сметки, ќе се донесе подоцна со Закон за компанија за стопанисување со државни шуми.

За да се реализира целиот проект ќе треба да се усвои и обемна социјална програма за решавање, вклучувајќи прераспоредување и преквалификација, на голем број вработени во ЈПНШ кои се вишок, со што ќе се обезбедат финансиски средства за нејзино спроведување.

 

Временска рамка

Треба да се реализираат следните чекори во реорганизацијата:

  • Ревизијата на Стратегијата за шумарство треба да биде усвоена од Владата што е можно побрзо (септември, 2022 година);
  • Треба да се усвои новиот Закон за шуми, кој треба да обезбеди извори на финансирање за шумарството и да овозможи трансфер на соодветниот број на вработени за шумска служба од ЈПНШ и вработените на шумската полиција од МЗШВ (јуни, 2023 година);
  • Да се донесе Националната програма за шуми со акционен план за спроведување на Стратегијата и Законот за шуми (јуни, 2023 година);
  • Да се донесе посебен закон за Агенција за шуми и да се формира Агенцијата; да се изврши трансфер на вработени за шумската служба и персоналот на шумската полиција во Агенцијата (декември, 2023 година);
  •  Треба да се изработи стратешки план со економска физибилити студија за предвиденото функционирање на Компанија за државни шуми (декември, 2023 година);
  • Процесот на внатрешна реорганизација и рационализација на ЈПНШ, кој не зависи од промената на Законот за шуми, треба да започне што е можно поскоро (да не се чека на планот);
  • Треба да се донесе посебен Закон за Компанија за државни шуми (КДШ) и да се изврши трансформацијата на ЈПНШ (јуни, 2024 година).

 

Не смееме да останеме заробени во агонијата и хаосот

 

Јасно е дека луѓето по природа гледаат со недоверба кон промените и тоа предизвикува страв кај нив, особено што голем број на лица се директно засегнати со реформите и од исходот ќе зависи нивната егзистенција. Сепак тоа не треба да е пречка конечно да се решиме да го направиме првиот чекор и да се обидеме да го поставиме шумарство на стабилни основи кои ќе бидат добра појдовна точка за негов развој.

Нема дилема дека нема совршен модел и дека секогаш ќе се најде некој кој ќе го оспорува моделот, но тоа не е причина да останеме заробени во агонијата и хаосот.

Од хаосот полза имаат само дрвокрадците, криминалците и сите оние кои имаат полза од хаосот во шумарството, кои се очекува да дадат силен отпор кон реформите и со сите сили да настојуваат да го сопрат процесот.

Од интерес на државата, на граѓаните и на вработените во шумарството е процесот на реформи во шумарството и трансформација на ЈП „Национални шуми“ што е можно поскоро да започне.  Мора да смогнеме сили и храброст да го направиме првиот чекор, бидејќи и најдалечниот пат започнува со првиот чекор.

 

About Post Author

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »
error: Content is protected !!